Дортмунд слави, Робен трагичар
12 април 2012Германскиот фудбалски првак Борусија Дортмунд направи решавачки чекор во насока на одбрана на титулата. Тимот на тренерот Јирген Клоп во „мечот на годината“ вчеравечер (11.04) го победи Бајерн Минхен со 1:0. Клоп стана вториот тренер во историјата на Бундеслигата по Ото Рехагел (со Вердер Бремен) кој со својот тим му нанесол четири последователни порази на рекордерот по шампионски титули во Германија.
„Ова денеска беше стресно. Последните минути беа неверојатни. Но многу подобро од ова денеска не може ни да се игра. И’ симнувам капа на мојата екипа“, изјави Клоп по натпреварот.
И навистина супер дербито го заслужи епитетот. Големи возбудувања, промени на темпото и на доминацијата на тимовите, погодени пречки и конечно доцен гол за Борусија во 77. минута (Роберт Левандовски) што создаде дополнителни возбудувања. Следуваше промашениот пенал на Бајерновиот напаѓач Арјен Робен, кој во судиското продолжение пропушти и уште една голема шанса откако од четири метри шутираше над голот. „Бајерн и’ ја подари титулата на Борусија“, пишуваат некои германски медиуми, алудирајќи токму на промашувањата на Робен.
Трагичарот на дербито пак, по мечот истакна:
„Не знам , што да кажам. Во последните три години ги дадов сите пенали. Ова е горко. Може да се каже дека Борусија е првак“, рече Робен.
Сега Борусија Дортмунд има шест бода предност пред Бајерн, на четири кола пред крајот на првенството. Ваква предност досега не прокоцкал ниту еден тим во историјата на Бундеслигата
Вчеравечер се одиграа уште четири натпревари од Бундеслигата. Хановер го победи Волфсбург со 2:0, Хофенхајм беше подобар до Хамбург 4:0, Нирнберг и Шалке се разделија со резултат 4:1, а Леверкузен го победи Кајзерслаутерн со 3:1.