Досега нема добра заштита од Омикрон-варијантата BA.5
18 јуни 2022Новата Омикрон-варијанта се шири со забрзано темпо. Бројот на заразени во Германија се дуплира секоја недела. Според институтот „Роберт Кох“ (РКИ), околу 10 проценти од новоинфицираните се заразиле со новата варијанта. Новата седумдневна инциденција во Германија изнесува 447, соопшти РКИ. Експертите меѓутоа веќе сега предупредуваат од голем број на заразени во текот на летото, значи во годишното време во кое вирусот всушност би требало да се шири побавно.
Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах очекува напрегната ситуација со Омикрон во текот на летото: „Најавениот летен бран, за жал, стана реалност“, изјави Лаутербах за „Рајнише пост“. „Поради тоа што актуелната варијанта на вирусот е многу лесно пренослива и поради тоа што сите мерки на претпазливост се истечени, годинава нема да го има летниот ефект (на намалување на бројот на заразени, н.з.) во пандемијата“, оцени министерот за здравство.
Во Португалија ситуацијата веќе сега е подраматична. Бројот на корона-пациенти во тамошните болници повторно се зголеми, а зголемена е и смртноста. Седумдневната инциденција од средината на април се зголеми за четирипати и е близу 1.500.
И во случајот со новите подтипови, најмногу подложни на инфекции се постарите лица и лицата со ослабен имунолошки систем. РКИ препорачува бустер-вакцина, по можност со супстанција која е специјално насочена кон новите варијанти. Но, таква сè уште не постои.
Инфекцијата и досегашните вакцини не нудат доволна заштита
Оние кои веќе биле заразени со Омикрон веројатно сепак не се заштитени од новите подтипови. Првите податоци покажаа дека луѓето кои веќе биле заразени со Омикрон-варијантата BA.1 на почетокот на годината сепак може да се заразат со BA.4 или BA.5.
Временскиот интервал е исто така важен. Ако првичната инфекција не е многу одамна, заштитата е поголема, бидејќи бројот на антитела е сè уште релативно висок. Меѓутоа, со текот на времето, бројот на антитела се намалува, а со тоа и заштитата.
Развојот на специфични вакцини трае предолго
Секоја варијанта има нова површина, која повторно е непозната за нашиот имунолошки систем. Значи, потребна е нова или модифицирана вакцина. Истражувања во тој дел прават пред сѐ фармацевтските компании Модерна и Бионтек/Фајзер.
Вакцините против Ковид-19 коишто тие првично ги развија се таканаречени иРНК-вакцини. Тие го содржат планот за вирусни протеини и може релативно лесно да се прилагодат на новите варијанти на вирусот, без да мора да се менува вистинскиот процес на производство.
Бионтек/Фајзер и Модерна имаат два различни истражувачки пристапи: едниот е развој на вакцина прилагодена на Омикрон, а другиот е комбинација од две вакцини. Тие се состојат од две различни варијанти на коронавирусот - оригиналниот вирус и варијантата Омикрон. Истражувачите претпоставуваат дека на овој начин може да се постигне повисок ефект од вакцината.
Пред да бидат достапни овие вакцини, тие мора да бидат тестирани за подносливост и безбедност, а треба да се тестира и нивниот начин на дејствување. За таа цел мора да се спроведат клинички студии. Европската агенција за лекови (ЕМА) потоа носи одлука за употреба. Ако сѐ оди според планот, тоа би требало да биде во септември годинава, пред бранот од кој се стравува наесен.
- повеќе: Практични совети за Ковид-19: Што да правите ако се заразите со Омикрон
Назад кон заштита на лицето и растојание?
Повторно се разговара и за немедицински мерки, кои се спроведуваа и во текот на претходните бранови. Но, тие сѐ повеќе предизвикуваат незадоволство кај населението, па и протести. Мерките вклучуваа затворање училишта, откажување на јавни настани, како и ограничен број луѓе на приватни средби, работа од дома, држење на растојание и носење медицински маски. Овие мерки во меѓувреме се укинати. Но, можеби ќе треба повторно да им се вратиме, најдоцна наесен.