Кого го симпатизираат доселениците во Германија?
21 ноември 2016Луѓето со мигрантско потекло се веројатно најмногу потценетата група избирачи или потенцијални избирачи во Германија, велат авторите на една ново истражување. Оваа група брои околу 17 милиони луѓе, кои за политичките партии претставуваат голем потенцијал од избирачи, членови и носители на мандати. Меѓутоа, тој потенцијал досега ни оддалеку не беше исцрпен. До ваков заклучок доаѓа одделот за истражувања при Советот на германските фондации за интеграција и миграција (СВР). „Партиите би морало повеќе да работат на придобивање на овие луѓе“, оцени ополномоштеникот на германската влада за интеграција, Ајдан Озугуз, која даде налог за спроведување на истражувањето.
Доселениците ја сакаат СПД и ја презираат Унијата
Да се добие може многу. Секој десетти гласач во Германија има мигрантско потекло. 5,8 милиони мигранти имаа право на глас на последните парламентарни избори. Други пет милиони доселеници ги исполнуваат сите критериуми за стекнување германско државјанство и би можеле да имаат право на глас веќе на наредните парламентарни избори наесен.
Затоа истражувачите сакаа да дознаат кои партии ѝ се обраќаат оваа група граѓани. Резултатот од репрезентативното истражување, спроведено од март до август 2015-та меѓу 4000 граѓани со мигрантско потекло, гласи: мигрантите се особено наклонети кон социјалдеморкатите, додека ЦДУ и ЦСУ се далеку зад нив.
Тоа во бројки значи: 40% од доселениците се чувствуваат на домашен терен кај СПД, додека Унијата ја преферираат само 27,6% од нив. Долго време големите народни партии имаа отприлика ист рејтинг кај доселениците. За Зелените се изјаснуваат 13,2%, за Левицата 11,3%. Преведено во политички тренд, ова значи дека доселениците ги претпочитаат партиите од левиот политички спектар. Причината за тоа, според експертите, е што бледее традиционалната поврзаност на т.н. Руски Германци (жители на Русија или другите земји наследнички на поранешниот СССР кои се со германско потекло, кои во меѓувреме во голем дел живеат во други европски земји од германското говорно подрачје, особено во Германија, н.з.) со партиите на Унијата.
Лошиот резултат на Унијата се објаснува со тоа што таа ги губи симпатиите на оваа група избирачи, вели раководителката на истражувањето Корнелија Шу. Наместо црно, сега дел од нив повеќе сака да гласа за деснопопулистичкото сино - бојата на Алтернатива за Германија (АфД) - или 4,7%.Со оглед на тоа што истражувањето е спроведено во екот на бегалската криза, се претпоставува дека АфД во меѓувреме кај оваа група избирачи има уште подобар рејтинг. Она што е впечатливо е дека СПД кај граѓаните со турско потекло има наклонетост на избирачите од 70%, додека за партиите на Унијата повеќе симпатии има групата на нови доселеници од ЕУ-државите - Полска, Романија и Бугарија.
Се кинат старите врски
Ополномоштеникот на германската влада за интеграција Ајдан Озугуз од ваквите резултати чита пред сѐ една порака: „Партиите веќе не можат да се потпрат на старите врски.“ Тоа важи и за мигрантите и за вкупното население во земјата.
Озугуз смета дека сега особено големо внимание треба да му се посвети на пазивното изборно право, значи правото на граѓаните со мигрантско потекло самите да се кандидираат и да извршуваат политички функции. Во моментов само 6% од пратениците во Бундестагот имаат мигрантско потекло, или во бројки - од вкупни 630 пратенции, само 37 имаат мигрантски корени. Освен тоа, според Озугуз, треба да се зголеми „видливоста“ на темата во јавноста. Таа бара повторно на дневен ред да се стави прашањето на формирање министерство за интеграција. Во текот на изминатите изборни периоди постојано се дебатираше за ваков чекор, но досега без резултат.