Драма во Митровица, ЕУ повикува на смирување на состојбата
27 март 2018Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини во текот на ноќта се обидувала да ги смири зовриените страсти меѓу Белград и Приштина по апсењето на Ѓуриќ. Косовската полиција упадна на настанот во Митровица употребувајќи шок-бомби и солзавец, за да го уапси српскиот министер надлежен за Косово и Метохија. Откако беше приведен, Ѓуриќ со лисици на рацете, пред камери, беше спроведен во суд за прекршоци во Приштина. Доцна вечерта тој беше депортиран назад во Србија.
ЕУ остро ги осуди случувањата во Косово, и ги повика властите во двете држави „да покажат воздржаност и сериозност за да не ескалира состојбата“.
Повеќе во видеото:
По одржаната седница на Советот за безбедност во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ се закани дека неговата земја ќе одговори со сите можни политички средства, нарекувајќи го Косово „терористичка“ и „бандитска“ држава.
Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли ја пофали интервенцијата на косовската полиција која, според него, постапила „во согласност со косовските закони“. Пацоли рече дека Ѓуриќ повеќе пати бил „предупреден да ги почитува косовските закони“.