Драматично влошување на медиумските слободи во Србија
28 октомври 2014Состојбата во медиумската сфера секој ден е сѐ полоша, се оценува во прогласот на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), од каде бараат од Одборот за култура и информирање на српскиот парламент да закаже јавно сослушување на тема медиумски слободи.
За тоа време, едно по друго исчезнуваат весници и емисии во електронските медиуми во кои можеше да се слушнат различни мислења за состојбата во Србија. Телевизијата Б92 дефинитивно ја укина емисијата „Впечаток на неделата“, а се најавува и отказ за Бранкица Становиќ, авторката на серијалот Инсајдер, а сѐ уше е нејасно што се случува со печатницата „Графопродукт“ во Нови Сад, која печати дури 14 различни весници. На печатницата и‘ е забрането да работи, наводно поради технички пропусти, а неофицијално, целата акција има за цел да се спречи печатењето на белградскиот магазин „Таблоид“. „Таблоид“ по се‘ изгледа се најде високо на листата на државни непријатели, затоа што неуспешно се обидува да пронајде нова печатница.
Државата врши притисок врз медиумите
Властите, од друга страна, отфрлаат каква било поврзаност со задушувањето на медиумите и на медиумските слободи. Од една страна, се правдаат со тоа дека се работи за автономни одлуки на сопствениците на медиуми и дека тие спроведуваат политика која нема врска со властите во земјата. Слично лоша е состојбата и во медиумите кои ги финансира државата. Оттаму се бркаат сите кои мислат критички, а се форсираат забавни програми.
Раде Велјановски, професор на Факултетот за политички науки, вели дека не смее да се верува на ниту едно објаснување на властите во кое се тврди дека тие немаат врска со случувањата во медиумите. „Невозможно е тоа дека опстануваат приватни радио и ТВ станици кои се ориентирани кон музика, забава, реалити шоу, а најчесто се објаснува дека тоа 'публиката го сака'. Ако се попушти за тоа дека сите медиуми можат да се свртат кон лесна забава, а од програмата да се отстрануваат аналитички и критички теми, тогаш од таа медиумска сфера нема ништо. Токму државата е таа која не смее да дозволи да се отиде само во лесна забава и таа, доколку сака, има механизми тоа да го спречи“, вели Велјановски.
„Не е овде клучното прашање дали некој од политичарите повикува некого во медиумите и врши притисок“, додава Вукашин Обрадовиќ, претседател на НУНС, „туку за тоа дека е обврска на државата да обезбеди изразување во општеството. Државата на овој начин ни покажува дека не сака да обезбеди простор за критички дијалог во општеството“, смета Обрадовиќ.
Нова бруталност
Секоја власт во изминатите 20 години се обидуваше да ги контролира медиумите, вели Обрадовиќ. Во таа смисла не е ништо ново ниту ова што актуелните власти се обидуваат да го сторат, но сепак постои една значајна разлика.
„Карактеристиката на денешната власт е бруталност која се воведува во медиумската сфера во пресметката со неистомислениците. Помала или поголема контрола врз медиумите имавме и од 2000. година, но ваква бруталност немаше. Кога велам бруталност, мислам пред сѐ на тоа дека денес, доколку го искористите своето право на поинакво мислење, ризикувате да бидете провлечени низ таблоидната кал, да бидете навредувани, да ви бидат изречени и обвинение и пресуда, и тоа само заради тоа што сте ја искритикувале власта. Тој страв што се вовлече во малубројните критичари на режимот, секој ден станува сѐ поголем. Значи, контролата врз медиумите се врши така што имате еден број на строго контролирани медиумски сервиси на новата власт, кои служат само за тоа да ве спречат воопшто и да помислите да ги критикувате потезит на владата на Александар Вучиќ“.
Секоја забава има крај
„Секоја власт која невешто се обидува да се оправда со тоа дека луѓето сакаат само забава, а сопствениците на медиумите само тука гледаат заработка, мора да има предвид дека, кога-тогаш, тоа ќе се сврти против неа“, предупредува Раде Велјановски.
„Нема долго да може да опстане ова време и овие околности, во кои граѓаните имаат сѐ помалку можности својата општествена ситуација да ја согледаат низ медиумите на еден аналитичен и критичен начин, па и самите да го кажат своето мислење. Бидејќи, доколку луѓето чувствуваат дека сѐ потешко живеат, дека им е сѐ полошо, а дека таа тема не е медиумски посредувана, тогаш сигурно не може долго да опстане“. Сепак, Велјановски стравува дека состојбата за медиумите ќе станува сѐ полоша во Србија.