Дуалното образование добива на популарност во С. Македонија
4 септември 2021Северна Македонија се` уште важи за земја со висок процент на невработеност, но од друга страна и со сериозно низок потенцијал на квалификуван кадар. Напливот на странски компании кои отворија повеќе производствени погони во државата донесе нови работни места, но го исфрли на виделина и проблемот со потенцијалите на пазарот на труд. Притиснати од потребата да обезбедат соодветен кадар согласно нивните потреби, странските инвеститори се соочија со недостиг на квалификуван кадар, што наметна потреба за наоѓање на решение.
Иницијативата за промени дојде од страна на германските компании кои изминатава деценија се позиционираа како едни од најголемите производители но и работодавачи во земјата. Главно во делот на производството за потребите на глобалната автоиндустрија, кои воведоа модерни производствени процеси и технологии за кои е потребен обучен и стручен кадар. Конкретните чекори ги презеде Делегацијата на германското стопанство кое го стартуваше проектот-дуално образование. Стручна наобразба по германски модел кој со децении се применува од страна на најсилната европска економија. Пет години по стартот на проектот, ефектите се позитивни, а веќе наредната година на пазарот на труд ќе се појават и првите квалификувани кадри:
„Целта на нашата програма не е да го пресликаме овој модел во целост, туку да воведеме системски елементи кои им се потребни на компаниите во земјата. За таа цел во соработка со компаниите-партнери, училиштата и државните институции развивме две нови квалификации, ‘Техничар за индустриска мехатроника' и ‘Техничар за производно машинство' кои беа изработени по германски стандарди и со зголемена практична обука во компаниите. Ова се квалификации кои недостасуваа во образовниот систем и кои наоѓаат примена во повеќе индустриски гранки. Од досегашниот развој сме доста задоволни и бројот на компании-партнери константно се зголемува", изјави за Дојче веле Дејан Чуповски, проектен менаџер за дуално стручно образование во Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.
Обострана корист
Преку дуалното образование по германски модел младите во текот на нивното образование се стекнуваат со знаења и вештини потребни на пазарот на труд, а компаниите со спремен стручен кадар кој ќе може да одговори на работните задачи. Пионерскиот ангажман започна со ангажман на четири компании и две училишта и во меѓувреме се прошири, за денес да брои 12 компании и шест средни стручни училишта во исто толку градови во државата. Кавадарци, Охрид, Велес, Прилеп, Битола и Тетово се општините во кои се создаваат идните кадри за потребите на „Дрекселмајер", „Костал", „ЛТХ Леарница", „ОДВ-Електрик", „Магна", „Брако", „Маркарт", „ВИК", „Витаминка", „Гентерм", „Кромберг и Шуберт" и „Киел".
„На стручното образование, не само во С. Македонија туку и во регионот за жал се` уште често се гледа како на образование од понизок квалитет во кое се запишуваат послабите ученици. Но, не радува фактот што интересот од страна на младите за овие две квалификации е навистина голем и што секоја година може да привлечеме онолкав број ученици колку што постојат места за обука кај нашите компании-партнери. Во моментов на двата профила се запишани повеќе од 310 ученици, а секоја година компаниите-партнери нудат 100 нови места за обука кои брзо се пополнуваат. Не ретко имаме случаи и да се запишат ученици кои според бројот на поени би можеле да се запишат и во најдобрите гимназии во земјата, но сепак се решиле за стручно образование. Интересно е тоа што преку воведувањето на овие два образовни профили во изминатите години се зголеми и атрактивноста на нашите училишта- партнери и тие често привлекуваат поголем број ученици и од локалните гимназии. Се разбира многу важна улога играа и промотивните активности кои ги спроведуваме заедно со нашите компании и училишта партнери. Нашата главна задача е да ги поврземе компаниите, училиштата, учениците, како и да соработуваме со Министерство за образование и наука во изготвувањето на наставната програма за овие два образовани профили и да обезбедиме германски квалитет во процесите на обучување“, објаснува Чуповски.
Комбинирано учење
Двата образовни профила „Техничар за индустриска мехатроника“ и „Техничар за производно машинство“ се со времетраење од четири години. Првата година се одвива целосно во училиштето, во втората година стартува практичната работа по еден ден во неделата, а во трета и во четврта година учениците се во компаниите два дена во неделата.
Во летниот период учениците посетуваат и задолжителна т.н. феријална пракса во компаниите во времетраење од минимум десет дена. За време на нивната практична обука тие ги поминуваат курсевите за безбедност при работа, се запознаваат со политиката и начинот на работа во компанијата и исполнуваат содржини предвидени со наставните програми, а за тоа се задолжени сертифицирани ментори во самите компании. Делегацијата на германското стопанство за менторите во компаниите секоја година организира повеќе неделни обуки со врвни обучувачи од Германија:
„Овие ментори ги придружуваат учениците во образовниот процес, ги насочуваат и им помагаат да ги постигнат предвидените цели. За време на практичната обука во компаниите учениците добиваат месечен паричен надомест, топол оброк, како и обезбеден превоз до компаниите. Најважно за учениците е тоа што на крајот од образованието добиваат и понуда за вработување на атрактивни позиции во компанијата, што е и целта на програмата за дуално стручно образование по германски модел. Значи, на крајот од четиригодишното образование, учениците се целосно подготвени да се вклучат во производствениот процес и се конкурентни на пазарот на трудот со вештините коишто ги стекнуваат со теоретската настава во училиштата и практичната обука во компаниите“, велат од Делегацијата на германското стопанство.
Задоволство од соработката
Во целиот процес улога има и државата, пред се во делот на поддршката но и обезбедувањето на правната рамка. Од Германската комора се задоволни од досегашната соработка:
„Дуалното образование по германски модел го воведовме со посебна дозвола од Министерството за образование и наука како пилот-проект преку двете претходно спомнати квалификации во 2018 година, а наскоро истото треба стане и законско решение. Во нашата Комисија за дуално образование, која има централна улога во спроведување на нашите активности, покрај претставници од компаниите и училиштата партнери, членови се и претставници од надлежните државни институции. Исто така бевме вклучени во работната група за изготвување на нов нацрт-закон за стручно образование и обука и дадовме наши предлози за негов развој во согласност со барањата на приватниот сектор. Самата држава го препозна значењето на дуалното образование за развој на стопанството и доста се залага за негово ширење. Но, клучен фактор за квалитетно имплементирање на дуално образование е посветеноста на компаниите кои ќе учествуваат во образовните процеси и ќе бидат задолжени за пренесување на практични знаења и вештини на учениците“, нагласува Чуповски.
„Учи паметно, работи стручно“
Паралелно со иницијативата на Делегацијата на германското стопанство и македонската влада презема сопствени чекори за промени во овој сегмент кој е од витално значење за долгорочниот развој на економијата. Во соработка со домашните компании започна кампања „Учи паметно, работи стручно“, која со финансиска поддршка од буџетот и активно учество на образовниот систем, стопанството, централната и локалната власт веќе дава значителни резултати:
„Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука ги даде првите ефекти. За 6% е зголемен бројот на ученици кои оваа учебна година се запишаа во средните стручни технички училишта споредено со минатата година, а вкупниот број на запишани ученици во дуалните паралелки е 1.384. Кампањата имаше таргет да склучи договори со компании, да отвори дуални паралелки многу повеќе од тоа што беше минатите години, а да истакнам дека во минатите години имаше само 10 дуални паралелки на територија на државата. Денес можеме да кажеме со гордост дека имаме 97 дуални паралелки и склучени договори со повеќе од 200 компании во 44 училишта“, изјави министерката за образование Мила Царовска.
Од министерството за образование за Дојче веле велат дека во наредниот период очекуваат да се интензивира соработката со компаниите во насока на детектирање на потребните струки и профили за пазарот на труд:
„Кои профили треба да се отворат доколку во моментот не постојат, или да се зајакнат постојните, со цел младите да добијат поквалитетно знаење кое што директно доаѓа преку работа и искуство во компании, за понатаму да може полесно и директно да се вклучат на пазарот на труд. Најодговорно во една држава е кога вложуваме во човечкиот потенцијал. Сметам дека со оваа програма даваме заложба за директно намалување на невработеноста кај младите", нагласува Царовска.
Министерството за образование и наука во меѓувреме ја промени и политиката за стипендирање на учениците од средното стручно образование со цел да ја подигне атрактивноста на овие училишта и да ги поттикне младите да се запишуваат на овие образовни профили. За оваа учебна година обезбедени се 2.000 стипендии во месечен износ од 3.500 денари за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка. Тоа според недлежните е одличен мотив додека се учи, истовремено и да се остварува приход, кој и тоа како им значи на младите.