ДУИ предложи кандидати, се чека одлуката на „Беса“
28 мај 2017Движењето „Беса“ денеска во 13 часот на седница на Централниот комитет ќе решава дали ќе учествува во Владата или само ќе и даде поддршка, а одлуката потоа ќе ја соопшти и образложи на прес-конференција. Од „Беса“ не навестуваат кој став преовладува во моментов, но потенцираат дека најлесно е да се влезе во власта, а многу потешко и подговорно е да се опстои на прокламираните партиски принципи. Од тие причини, досега на средбите не се стигнало до разговори за ресори и кадровски предлози, туку единствено за принципите кои Движењето и официјално ги достави до мандатарот, како клучен услов за соработка во идниот владин кабинет. Според извори од СДСМ, дел од принципите биле прифатливи, но дел - не, како на пример, барањето за редефинирање на државата.
Најдоца до 15 часот ќе се знае дали „Беса“ ќе влезе во новата влада и дали таа ќе има стабилно мнозинство во парламентот поддржано од 67 пратеници, или од 62, со евентуална поддршка и на петте пратеници од „Беса“.
Со оглед дека денеска сите дилеми ќе бидат расчистени, тоа значи дека мандатарот може и до вечер да го достави до Собранието предлогот за составот на новата влада и владината програма. Според Деловникот на Собранието, расправата за програмата и за предлогот за состав на Владата трае најмногу два дена.
ДУИ со познати кадри
И додека се очекува одлуката на „Беса“, претседателството на ДУИ доцна синоќа ги предложи Хазби Лика, Бујар Османи, Билент Салиу, Крешник Бекташи и Садула Дураку за министри во новата влада на Зоран Заев.
Хазби Лика, кој од 2005 до 2009 беше градоначалник на општина Тетово, е кандидат за вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, а партискиот портпарол и поранешен министер за здравство, Бујар Османи, е кандидат за вицепремиер за евроинтеграции. Садула Дураку, актуелен градоначалник на општина Липково и поранешен министер за земјоделство во Владата на СДСМ и ДУИ, е предложен за министер за животна средина, а сосегашниот економски промотор во Брисел, Крешник Бекташи, за министер за економија.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по завршувањето на партискиот состанок рече дека е задоволен со предлозите за новите министри.
„Имаме четиригодишен мандат и планираме да го истераме докрај. Министерството за здравство и Министерството за локална самоуправа им припаѓаат на нашиот коалициски партнер, на Алијансата за Aлбанците“, рече Ахмети.
Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи изјави дека тоа ќе бидат новите министри коишто ќе ги спроведуваат планираните реформи. Таа потврди дека нема да биде дел од новата влада и дека повторно ќе се кандидира за градоначалничка на Тетово, затоа што сака да ги реши проблемите на општината.