1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ ќе го реактуелизира концептот од Мајскиот договор за албанскиот јазик

Свето Тоевски7 јули 2008

ДУИ со влегувањето во владата ќе се обиде да го реализира својот проект за официјализирање на албанскиот јазик подготвен со помош на меѓународни ексепрти.

https://p.dw.com/p/EXlB
Шефот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petar Stojanovski

По кадровските решенија за министерските позиции, веќе се наѕираат и првите приоритети во агендата на новата македонска влада. Прашањето на официјалната употреба на албанскиот јазик во изминативе седум години, откако беше потпишан Рамковниот договор, си го препуштаа едни на други нерешено сите влади и премиери. Тоа прашање се појавува сега повторно пред Никола Груевски и, се чини, со многу помали шанси тој да може повторно да го отфрли како жежок костен од своите раце. На последната прес конференција потпретседателката на „интегративците“ Теута Арифи, на директно новинарско прашање дали новиот владин кабинет ќе се зафати веднаш со прашањето на регулирањето на употребата на албанскиот јазик, одговори дипломатски: - „Мислиме дека ќе имаме отворена атмосфера во рамки на владеењето да разговараме и да решиме се што е битно за сите граѓани на Македонија.“ Теута Арифи остана воздржана и на дополнителните барања на Дојче Веле за изјава околу оваа проблематика проблематика.

Проект за употреба на албанскиот јазик изготвен од белгиски и швајцарски експерти

„Али Ахмети ќе ги изнесе пред Никола Груевски ставовите, веќе објавени во јавните истапувања и во интервјуата, дадени последниве денови“ – кажа кусо Арифи. Во интервјуто за италијанскиот весник „Кориере де ла сера“ од пред две недели Али Ахмети навести со категоричност дека ќе се постави за решавање прашањето на официјализирањето на албанскиот јазик „како неостварено колективно право на Албанците, кое е дел од нивниот етнички идентитет.“ „Ние работевме две и пол години со меѓународни експерти, вклучувајќи и експерти од Белгија и Швајцарија, на нашиот концепт како да се регулира прашањето на јазикот“ – изјави Али Ахмети за „Кориере де ла сера“ и потенцираше дека верзијата на тој проект била готова уште пред една и пол година. Со други зборови, шефот на „интегративците“ навестува дека ќе се постави пак на маса Мајскиот договор меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, а во кој се содржани споменатиот концепт и проект за јазичното прашање.

ВМРО ДПМНЕ веќе соопшти дека ќе продолжат разговорите со новиот коалиционен партнер за донесување закон за употреба на јазиците, согласно со Уставот и Рамковниот договор, врз основа на начелата, кои партијата на Груевски ги нагласувала постојано во изминатиот период.

Сега опозиционата ДПА им порача на Ахмети и неговите сопартијци дека ќе ги потсетува постојано, оти прашањето на употребата на албанскиот јазик треба да се донесе итно. Генералниот секретар на ДПА Имер Алиу го прецизираше партискиот став: - „... донесување закон за службена употреба на албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија“.

Експертите – Албанци за официјализирање на јазикот на целата територија на земјата

Во очекување новата Влада да го отвори и ова прашање, Дојче Веле ја консултираше експертската јавност во албанскиот блок. Хамит Џафери, професор на Катедрата за албански јазик на Штуловиот универзитет во Тетово, смета: - „Ние не сме регионални Албанци, ние не сме локални Албанци, туку сме Албанци на Република Македонија. Албансиот јазик треба да се употребува на тоа ниво: на ниво на државата“.

Според Веби Беџети, декан на Филолошкиот факултет на истиот универзитет, „албанскиот јазик треба да се официјализира во сите сегменти на животот, тоа значи дека тоа важи за цела Македонија.“

Се’ на се’, во наредните месеци останува да се види дали ДУИ ќе ги реактуелизира старите барања: албанскиот официјален на ниво на целата земја, со примена во Владата, Парламентот и во системот на командувањето во војската и во полицијата.