Евросонг: помалку публика со негативен корона-тест
1 април 2021На изборот на Песна на Евровизија во публиката ќе можат да присуствуваат 3.500 луѓе, одлучи холандската влада. Евровизија годинава ќе биде одржана во мај во Ротердам, откако минатата година беше одложена поради пандемијата со коронаворусот. Според планот ќе биде пополнет само половина од капацитетот за публиката, а на сите кои сакаат да влезат во салата ќе им биде потребен негативен тест на коронавирусот.
Организаторите ја поздравија одлуката на холандската влада и наведоа дека „ќе ги разгледаат можните опции“. Тие најавија дека ќе соопштат „повеќе детали во наредните недели како на публиката на безбеден начин ќе и' биде овозможено да присуствува на случувањето доколку тоа го дозволува ситуацијата“.
Здравјето и безбедноста на публиката „остануваат на врвот на листата на приоритети“, се вели во соопштението и се наведува дека уметниците и нивниите делегации ќе имаат „јасно пропишан протокол на однесување“.
Повеќе:
-Гарванлиев: „Музиката е мојот пасош“
-Евросонг: Три минути за голема гордост
Во рамки на пробниот проект на холандската влада за попуштање на мерките против Ковид-19, 1.500 луѓе ќе можат да посетат музички фестивал во близината на Амстердам. Околу 5.000 гледачи ќе можат да влезат на стадион во сабота и да го гледаат натпреварот меѓу Холандија и Летонија во квалификациите за Светското првенство 2022. Сепак, минатата недела холандскиот премиер, Марк Руте, рече оти полицискиот час и останатите ограничувања во земјата ќе останат на сила уште три недели, до втората половина на април.
Конечниот договор околу Евровизија ќе биде потврден на крајот на месецот и сѐ уште може да се менува ако дојде до нов пораст на бројот на заразени. Евровизија ќе трае од 18 до 22 мај и организаторите претходно излегоа со 4 можни сценарија, од тоа манифестацијата да се одржи нормално, до претходно снимање на настапот и без публика. На изборот на Песна на Евровизија ќе учествуваат 38 земји. Сепак, изгледа тешко дека меѓународната публика ќе може да ги гледа изведувачите во живо поради бројните патни органичувања.