1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евровизија во Израел – Тел Авив меѓу забава и политика

Сара Хофман
14 мај 2019

Преку ден забави на плажа, навечер по клубовите за фановите на Евровизија – така организаторите на Евросонгот си ги замислуваат овие денови. Тоа може да го нарушат протести од повеќе места.

https://p.dw.com/p/3IPnz
ESC 2019 Tel Aviv Israelflagge und Werbung für Eurovision Song Contest
Фотографија: DW/S. Hofmann

Ирит Шалев седи во шминкерницата на приватната телевизиска станица Решет 13. Таа е нервозна. Уште маскара и треба да оди да настапи со нејзината група „Еурофалш“ на песната на Ишар Коен „Оле оле" – таа треба да ја одигра кореографијата и да ги движи усните на плејбек. Гостите во ток-шоуто „Почим Шиши" исто така ќе треба да запеа,т бидејќи Ишар Коен е вистинска ѕвезда во земјата. Тој беше првиот Израелец кој во 1978 година го освои првото место на Евровизија и ѝ го донесе на оваа мала земја на Блискиот Исток европскиот натпревар за избор на најдобра песна.

„Тоа што Евровизија повторно се случува во Тел Авив е како сон за нас“, вели Шалев. „Не само поради фактот дека сме огромни фанови, туку и дека конечно можеме да ги береме плодовите на нашата долгогодишна работа".

Танчерската група „Еурофалш“, која танцува исклучиво на евровизиските песни, постои веќе дваесетина години. Откако пред една година Нета Барзилаи победи на Евровизија, тие секоја недела се среќаваат во еден геј бар во Тел Авив. „Обично Евровизија е спротивна на сѐ што е мејнстрим, но сега во Тел Авив таа е насекаде“, вели Шалев.

Цел Тел Авив е сѐ уште накитен со знамиња од прославата на Денот на независност, но во последниве денови е преполн со шарени плакати за Евровизија која се одвива под мотото „Осмели се да сонуваш".

„Тел Авив со своите плажи е секси и кул," вели Шалев. „Ова е совршено место за одржување на Евровизија."

ESC in Tel Aviv - Playbacktänzer von "Eurofalsh": Eran Luna, Irit Shalev und Tzur Maron Koronio
Танчерската група „Еурофалш“ (Ирит Шалев во средина)Фотографија: DW/S. Hofmann

Автобуси на Сабат? Ултраортодоксните Евреи се многу разочарани

Првично Евровизија требаше да се одржи во Ерусалим, како и тогаш кога овој натпревар беше за првпат организиран во оваа земја по победата на Ишар Коен. Но, ултраортодоксните Евреи најавија протести. Финалето на Евровизија, како и секогаш, се случува во сабота навечер. Тоа значи дека илјадници соработници ќе мора да работат на овој ден за сѐ да помине во најдобар ред. Но, за строго религиозните Евреи тоа е вистинско табу, бидејќи Сабат е свет неработен ден. Кога стана јасно дека Европската радиодифузна унија, која е организатор на Евровизија, не е подготвена да го одложи финалето, израелската влада попушти и го премести настанот во Тел Авив, метрополата која е позната по журки и стартап сцената за денот на финалето – нешто што е строго забрането на Сабат. И за големото финале на 18 мај разбирливо дека цел ден ќе има проби. За ултраортодоксната партија „Обединето тора еврејство" ова е основа засега да ги напушти коалициските преговори со партијата Ликуд на Бенјамин Нетанјаху.

Но, ова не е единствената грижа за владата во однос на фестивалот, за кој во Тел Авив ќе дојдат илјадници туристи на кои треба да им се претстави космополитски мирољубив Израел. Една недела пред почетокот на фестивалот имаше вооружени пресметки помеѓу Хамас од Појасот Газа и Израел. Во Тел Авив рака на срце немаше сирени за предупредување од опасност, но во Ашкелон и Ашходод, кои се оддалечени на половина час возење од Тел Авив, луѓето мораа да се кријат во бункери. За само два дена Хамас и Исламски џихад од Појасот Газа истрелаа над 700 ракети врз Израел, имаше четири жртви и десетици повредени. Израелската армија возврати со гранатирање на над 300 цели во Појасот Газа, во кои според палестински извори загинале 25 лица. Вистински кошмар за израелската влада, која сака да ја држи Евровизија што подалеку од извештаите за конфликтот на Блискиот исток.

Israel Gazastreifen Raketenangriffe Abwehrsystem
Во Ашкелон луѓето мораа да се кријат во бункериФотографија: Reuters/A. Cohen

Ракети врз Евросонг?

Иако причините за таквата ескалација се повеќеслојни, Исламски џихад како повод ја наведе Евровизија. „Ќе го спречиме непријателот успешно да одржи фестивал чија цел е да му се наштети на палестинскиот наратив", соопшти терористичката организација од Појасот Газа.

Во Тел Авив расположението е сепак опуштено. На улица постојано се слушаат истите реченици: „На Палестинците им се потребни Европејците. Нема да се осудат да ја нападнат Евровизија". Или пак: „Тел Авив е безбеден. Никој не треба да се плаши да дојде тука и да слави со нас"; „Ќе покажеме колку толерантен и космополитски град е Тел Авив"; „Евровизија е забава. И ни покажува дека сме земја како и секоја друга, или барем веруваме во тоа за еден краток период."

„Евровизијата првпат се одржа пред повеќе од 60 години за да ја обедини Европа по војната", вели Ирит Шалев од „Еурофалш". „Денеска Евровизија претежно ја гледаат како површна, но во мои очи не е. И натаму се чувствува тој иницијален дух. Во рамки на Евровизија нема религија, пол, боја на кожа. Сите ние сме обединети во музика и танцување.“

Тоа е „пинквошинг", смета Тања Рубинштајн. „Евровизијата во Тел Авив не поврзува луѓе", вели таа: „Палестинците едноставно не можат да дојдат тука. Палестинец од Западен Јордан има потреба од посебна дозвола од израелската армија за да дојде овде и веројатно не би ја добил. Луѓе од Газа речиси никогаш не добиваат дозвола да патуваат во Израел. Значи ова не може да биде прослава на заедништвото."

Рубинштајн работи за израелската НВО „Коалиција од жени за мир" и таа има сосема различни подготовки за Евровизијата: таа организира демонстрации, меѓу другото и на финалната вечер на саемското плато каде се одржува Евровизија.

ESC in Tel Aviv - Tanya Rubinstein von der "Coalition of Women for Peace".
Тања Рубинштајн: Евровизијата во Тел Авив не поврзува луѓеФотографија: DW/S. Hofmann

Повици за бојкот против Евросонгот во Израел

Таа не е единствената. Движењето БДС кое бара бојкот, неинвестирање и санкции против Израел, со месеци ги повикува земјите и изведувачите да го откажат гостувањето во Тел Авив. Еден од најпознатите членови на движењето е Роџер Вотерс од Пинк Флојд, на кого постојано му се префрла антисемитизам и во неговите шоуа. Во негови очи Евровизија ѝ служи на израелската влада за да „го обели образот на бруталниот израелски апартхејд режим".

Студентката Шовал Широм е бесна поради тоа. „За првпат по 20 години победуваме на Евровизија – имавме добра песна и победивме. Наше право е како и на секоја друга земја да ја организираме Евровизија. Луѓето што демонстрираат против Евровизијата сакаат на Израел да му го негираат правото на егзистенција", вели таа. Тоа е една од главните точки на критика против БДС - дека на Израел му го негира правото на егзистенција и дека поттикнува антисемитизам.

Досега ниту една земја учесничка не откажала присуство на Евровизија и само исландскиот бенд Хатари е под сомнение дека сака да учествува во протестите. Денеска почнува првото полуфинале во Тел Авив. Утре Палестинците го одбележуваат „Накба", денот на „катастрофата", со кој потсетуваат на палестинските бегалци и протерувањето од страна на Израел по формирањто на израелската држава во 1948 година. на 18 мај во Тел Авив се одржува финалето од Евровизија. Ирит Шалев успеала да купи билети за финалето. Таа по секоја цена сака да биде таму во живо кога нејзиниот сограѓанин Коби Марими ќе пее пред илјадници фанови од цела Европа. Тања Рубинштајн не ја дели истата еуфорија. Таа ќе стои пред салата и ќе се обиде барем на кратко да го одвлече вниманието на фановите.

Israel Tel Aviv ESC 2019
Исландскиот бенд Хатари е под сомнение дека сака да учествува во протеститеФотографија: DW/S. Wünsch