Еврокомесарите на Јункер на „жешка столица“
20 септември 2014„Ако имаш некој дедо или некого од кого сакаш да се ослободиш, прати го во Европа“! Вака порано подбивачки се зборуваше за политичарите од земјите-членки кои заминуваа во Брисел, наводно испраќани во европските институции каде малку нешто можат да направат. Ова никогаш не беше целосно точно, сега уште помалку од порано. Тоа важи за европратениците, а уште повеќе за еврокомесарите. Членовите на Европската комисија ги номинираат одделните земји, претседателот на Комисијата нема никакво влијание врз изборот. Но, пред да стапат на должноста, идните еврокомесари треба пред соодветните тела на ЕП да одговорат на често многу критички прашања на европратениците.
Така, во 2004 година Италијанецот Роко Бутиљоне се најде под „вкрстен оган“ поради своите претходни изјави против жените и хомосексуалците. А во 2009 година Бугарката Румјана Шелева беше нападната поради наводно нецелосно наведени дополнителни примања. Парламентот навистина не може да отфрли одреден еврокомесар, туку Комисијата во целина. Но, и самата закана во двата случаја беше доволна за критикуваните комесари да бидат заменети. Потоа, Европарламентот ја изгласа ЕК.
Неподобни еврокомесари
Овојпат цела редица од комесарите треба да биде подготвена на непријатно сослушување. За некои критиката започна уште при претставувањето на составот од страна на претседателот на ЕК, Жан Код Јункер, минатата недела. Првенствено германските политичари го поставија прашањето-зошто еврокомесар за монетарна политика треба да биде токму Французинот Пјер Московици, кој како министер за финансии на својата земја придонесе за политика на рекордна задолженост.
И зошто за регулирање на банките треба да биде овластен Џонатан Хил, британски конзервативец од кој треба да се очекува токму спротивност од регулирање на финансиската стабилност. Критиките не се толку остри во случајот со Италијанката Федерика Могерини, која е предвидена за функцијата - европски претставник за надворешна политика. На сметка на 41-годишната Италијанка стигнуваат критики за недоволно искуство во надворешната политика.
Климата и нафтата рака под рака
Во меѓувреме Европарламентот и јавноста имаат доволно време да се позанимаваат со биографиите на одделни еврокомесарии на дневна светлина да изнесат нови спорни факти. Шпанецот Мигел Ариас Канете би требало да биде комесар за енергетика и заштита на климата. Според мислењето на германските еколошки фондации, тој е „најлошиот избор“, зашто како лобист на индустријата на нафта може да ги торпедира енергетските промени во Европа. Гринпис дури зборува за „судир на интереси“.
Канете навистина е член на управните одбори на две нафтени компании и е најголем сопственик на акции во нив. Сега најави продажба на своите акции, но самото тоа не ја смирува критиката. Канете во ЕП го очекува многу тешко сослушување, смета претседателката на пратеничакта група на Зелените, Ребека Хармс. Можеби на дневен ред ќе се најде и ставот на Канете за жените. По еден телевизиски дуел со својата социјалистичка ривалка во изборната кампања за ЕП, тој навести дека ја „поштедил“ зашто е „беспомошна жена, над која тој има интелектуална надмоќ“. Подоцна се извинуваше за својата изјава.
Лошиот имиџ на Унгарија
Загриженост постои и во поглед на Унгарецот Тибор Наврачич. Досегашниот министер за надворешни работи треба да го преземе ресорот образование, култура, грижа за младите и граѓански права. Како министер за правда, Наврачич спроведе реформа на унгарскиот правен систем и ги ограничи компетенциите на судството. Поради оваа реформа и рестриктивниот закон за медиуми десничарско-националата унгарска влада на премиерот Виктор Орбан со години беше во клинч со ЕК, која дури се закани со поведување постапка за повреда на Европските договори против Унгарија.
Партиско-политичка лојалност
Сепак, покрај сите овие случаи е нејасно дали Европскиот парламент навистина ќе се закани со одбивање да даде согласност за Европската комисија. Пречките се високи: за одделен комесар потребно е докажување тешки грешки или недоволна способност за да се замафта со ваква закана. Самото чувство дека некој не е адекватен за својата функција не е доволно. Освен тоа, во ЕП секогаш е важна партиската политика. Пратениците од партиското семејство од кое доаѓа некој еврокомесар се склони на партиско-политичка лојалност и го поддржуваат иако лично се можеби против него.
Сослушувањето и испрашувањето на идните еврокомесари треба да биде на 29 септември и ќе трае со недели. За секој еврокомесар вообичаено се предвидени три часа. Гласањето за целата Европска комисјија е планирано за 22 октомври.