1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврокомесарот Хан наскоро во Скопје?

5 октомври 2016

Дали се почитува Договорот од 20-ти јули, каква состојба им претходи на изборите и дали се спроведуваат реформите, се дел од темите за кои еврокомесарот Хан ќе разговара со лидерската четворка кон средината на месецов

https://p.dw.com/p/2Qsb5
Mazedonien Krisengespräch in Skopje
Фотографија: MIA

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, кон средината на месецов, најверојатно на 14 октомври, доаѓа во Скопје, тврдат за Дојче веле неофицијално дипломатски извори. Темите за кои еврокомесарот ќе разговара со лидерската четворка се актуелни - дали се почитува Договорот од 20-ти јули, каква е состојбата што им претходи на изборите, постојат ли опасности за опструкција на изборниот процес и дали се спроведуваат реформите препорачани од Европската Комисија (ЕК).

Целиот сет теми, е дел од она што ЕК ќе го констатира во годишниот извештај за непредокот на Македонија, кој ќе биде објавен во првата половина од ноември. Според дипломатски извори, нема дилеми дека во него речиси репризно ќе бидат повторени истите забелешки нотирани во ланскиот извештај, што не исклучува и поостри констатации во споредба со претходниот. Но, поради очигледниот застој во процесите и реформите, извесно е дека Македонија повторно ќе се соочи со истата формулација - условена препорака за почеток на преговори за членство.

Ќе има ли избори?

Доколку се потврдат најавите за посетата на еврокомесарот, тој ќе дојде во Македонија во многу фреквентен политички период, во кој доминираат две жешки теми: континуираните опструкции врз Специјалното јавно обвинителство и „флуидноста“ на датумот за распуштање на парламентот: дали ќе биде 60 дена пред изборите, односно на 12-ти октомври како што претходно се најавуваше, или подоцна, поради тоа што пратениците имаат незавршени обврски. Тие треба да го донесат буџетот за 2017 година, за кој според роковите и процедурите расправата ќе потрае и по 12-ти октомври. Пратениците треба да ги усвојат и измените во шестата изборна единица, која сега има повеќе гласачи од законски дозволеното, но работните групи во парламентот до денес сѐ уште немаат постигнато договор за рекомпонирање на изборните единици. Поради сето ова, партиите не ја исклучуваат можноста наместо на 12-ти октомври, Собранието да се распушти во периодот меѓу 20-ти и 25-ти октомври, односно најдоцна 45 дена пред изборите, според скратените рокови кога се во прашање предвремени избори.

„Некои потези, теми и состојби оставаат нејаснотии - дали ќе се пролонгира само рокот за распуштање на парламентот или се создава атмосфера за одложување на изборите“, велат дипломатски избори. Според нив, честото прашање во јавноста - „Ќе има ли избори на 11-ти декември?“, не го сметаат само за кулоарски предизборен „фолклор“, туку за индиција чија фундираност мора да се испита.

Според датумот на кој доаѓа еврокомесарот Хан, најверојатно тоа ќе биде темата на која ќе се посвети клучното внимание. Но, според истите извори, исто толку важна тема ќе биде и „загрижувачкото попречување на ефективноста на СЈО“. 

Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Реакции од гарантите на Договорот

Таа загриженост беше видлива и вчера, откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ не даде поддршка за предложените измени на Законот за заштита на сведоци и на Законот за СЈО, по скратена постапка. Иако од ДУИ најавија поддршка за законските измени, на седницата се појавија само дел од пратениците, а и тие гласаа половично, со што поддршката се покажа како фингирана. По ваквиот епилог, Делегацијата на ЕУ во Скопје вчера ги повика четирите најголеми политички партии да ја поддржат работата на СЈО.

„Улогата на СЈО беше договорена од сите партии, како дел од Договорот од Пржино. Сите партии повеќепати се обврзаа да ја поддржат работата на СЈО. ЕУ ги охрабрува сите да дејствуваат во согласност со своите обврски и ја истакнува важноста на отчетноста“, соопшти Делгацијата на ЕУ.

Слична порака стигна и од амбасадата на САД.

„Ги охрабруваме сите партии да се придржуваат до обврските кои ги преземаа со Договорот од Пржино и договорот од 20 јули, а со кои треба да се осигураат веродостојни избори, непречна работа на СЈО и на независните набљудувачи на медиумите. Воспоставување на одговорност за неовластеното прислушување и обвинувањата за злоупотребите од власта, се круцијални за излез од политичката криза во која се наоѓа Македонија. Веруваме дека барањата на СЈО за поддршка на темелна и независна истрага се разумни“, се вели во соопштението.

Реакција стигна и амбасадата на Холандија, во која се потенцира дека „СЈО игра клучна улога во овој процес, за што му е потребна постојана поддршка од сите вклучени страни со цел непречено да ја исполни својата мисија, како што и беше договорено од политичките лидери“.

Пратениците сега повторно ќе бидат на тест во однос на поддршката за СЈО. Лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, вчера најави дека денеска во парламентот повторно ќе ги предложи измените на двата закона што ги побара СЈО, но овојпат во редовна постапка, со целосна расправа за нив во собраниските комисии.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Клучот за интеграции

Нашите соговорници потсетуваат дека правната разрешница на одговорноста за неовластеното прислушување и на индициите за криминал, не се само обврска од пржинскиот договор како услов за излез од кризата, туку клучен еу-бенчмарк за враќање на правото и правдата во инстутиционален колосек, надвор од сегашната контрола што извршната власт ја има врз судството и обвинителството. Од тој аспект, без владеење на правото, Македонија нема да го забрза туку ќе го успори патот до членство во европското семејство.

Но, засега не постои впечаток дека таквата порака е разбрана од политичката елита. Претседателот Ѓорге Иванов при неодамнешното обраќање на свечениот прием за учесниците на 15-тата есенска сесија на ПС на ОБСЕ, изјави дека предвремените парламентарни избори ќе бидат излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат интеграциите на Република Македонија.

„Само со отворање на европските перспективи за македонските граѓани ќе се излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба“, рече Иванов.

Отворањето на европските перспективи „од надвор“, според дипломатите, најмногу зависи од тоа што ќе се реализира „од внатре“. Во ланскиот Извештај на ЕК не беше утврден таков напредок.

„Во светло на напредокот направен досега во примената на политичкиот договор од јуни и јули, ЕК е подготвена да ја продолжи својата препорака за отворање преговори за членство со поранешната југословенска Република Македонија. Тоа, сепак, е условено со континуирана примена на политичкиот договор од јуни и јули и значаен напредок во примената на итните реформски приоритети. Ова прашање ќе биде отворено повторно по изборите“, стои во извештајот на ЕК за 2015 година.

И сега истото прашање треба да биде отворено по изборите. Се разбира, ако ги има.