1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа ги моли Грците

Барбара Везел / превод: ЕМФ30 јуни 2015

Дел од шефовите на влади и од врвот на ЕУ се откажаа од воздржаноста и сега отворено бараат од Грците да кажат „да“ на референдумот во недела. Им останува само да апелираат, оценува Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1FpuF
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker

Ретко кога сме го виделе врвот на ЕУ на работ на нервен слом. Кај претседателот на Европскиот Парламент, Мартин Шулц, фрустрацијата излезе на виделина кога понуди лично да отпатува во Грција и таму да ги убедува Грците да одговорат со „да“ на референдумот. Социјалдемократот беспомошно се обидува да најде мост меѓу истекот на програмата за помош денеска на полноќ и референдумот во недела.

Алексис Ципрас во меѓувреме се јавил во Брисел и побарал помош. Но како тоа го замислува? Дали треба да се запре часовникот, дали правилата и договорите едноставно треба да се стават вон сила? Работите не изгледаат како еврозоната да е расположена повторно да игра според ритамот на грчкото сиртаки. Ципрас, ако сакаше, можеше да одржи референдум уште пред четири недели. Тогаш имаше доволно време.

Наклонетите кон Грција на крајот на нерви

Мартин Шулц во текот на изминатите месеци беше еден од партнерите за разговор кои ги претпочиташе грчкиот премиер Ципрас. Тој до крајот бараше да се има разбирање за грчката страна, секогаш имаше време за грчкиот премиер и се обидуваше да му помогне на новајлијата на патот низ политичкиот лавиринт на Европа. Но, како што сега се покажува, тој тоа воопшто не го сакал. И во ЕУ важи: нема добро дело што не е казнето.

Уште потешко е за највисокиот по функција политичар кој е наклонет кон Грција - претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер. Зарем тој не го тапкаше Цирпас, не му постилаше црвен тепих и на крајот не мина денови и ноќи со него и неговите луѓе во преговори? Зарем тој не се бореше постојано за се‘ помеки линии и пофлексибилни компромиси околу грчката реформска програма? Сега Јункер изгледа како изневерен љубовник.

Дел од министрите за финансии на викендот изгледаа како да им олесни што психо-драмата заврши. Јункер, меѓутоа, беше лут. И тој мораше на крајот да согледа дека владата во Атина едноставно не сака договор. Некои во Брисел тоа одамна го претпоставуваа. На крајот на минатата недела приближувањето на ставовите беше толкаво што тешко може да сеобјасни зошто Ципрас не ја прифати конечно понудата. Од тоа можеше да се спаси само со референдум.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара Везел, автор на коментаротФотографија: DW/G. Matthes

Ципрас ги мами ЕУ и Грците

Претседателот на ЕК, со неговата добра волја и апели за заедништво, сега е оставен на цедило. Тој прилично се „наведна преку прозорецот“, во надеж дека на крајот како спасител на Европа ќе ја зајакне сопствената моќ. Сега изгледа исцрпено, тажно и некако поразено. Не може да им се помогне на луѓе кои поради идеолошки причини не дозволуваат да им се помогне. И една влада не може да се принуди да биде искрена кон своите граѓани и да им објасни каков компромис на крајот лежеше на маса. На гласачките ливчиња за референдумот без објаснување само се укажува на програмата за помош согласно состојбата од минатата недела, што за грчкиот народ е рамно на странски јазик. Директно до тоа стои кварадратчето за „не“. Владата јасно покажува каков резултат посакува.

Еврозоната ќе преживее

Сега на Париз, Рим и Берлин не им останува ништо друго освен најдобро што знаат и умеат да апелираат до Грците во недела да се изјаснат за иднина на еврото. Можеби стратешки не е умно референдумот да се стилизира во вакво едно судбинско прашање. Сепак, ако одговорот гласи „не“, враќањето на преговарачка маса ќе биде екстремно тешко. Во игра притоа е пред се‘ иднината на Грција, зашто еврозоната ќе ја преживее еврозоната - реакциите на финансиските пазари беа јасни, но не екстремни.

Грчката држава е таа што е во опасност. Како мисли Атина да се финансира во иднина, како ќе ги стабилизира банките кои практично одамна се банкрот? Како економијата по повеќенеделен застој повторно ќе тргне напред? Од што воопшто ќе живее земјата? На ниедно од овие прашања Сириза досега не даде одговор. Во секој случај Атина може да смета на помош од Брисел во случај на катастрофи. Но дали тоа треба да биде иднината на Грците, да примаат пакети со помош од еврозоната? Како што тоа исправно го констатира Мартин Шулц - евро или не, тоа е прашањето во недела. Би било добро и разумно Грците да кажат „да“. Одлуката е во нивни раце, но дали тие ги сфаќаат димензиите на целиот проблем, е нејасно.