На politico.eu пред десетина дена прочитав еден текст со наслов „Време е за Бугарија и Северна Македонија да тргнат напред“. Авторот на крајот го заклучува тоа што секој нормален човек би го сметал за разумно, а тоа е дека најдобро е Македонија и Бугарија да се согласат дека не можат да се согласат и да почнат да се занимаваат со попродуктивни работи како што се инфраструктурата, трговијата, енергијата... Ех, лесно е да бидеш рационален и прагматичен ако не си од Балканов, беше првата моја констатација кога го дочитав текстот. Но, она што посебно ми се допадна е интересната компарација со која почнува овој текст: „Кога Американец ќе каже дека нешто е историја, тоа значи дека тоа прашање или таа работа веќе не е важна. За Европејците важи токму спротивното, па кога ќе кажеш ’тоа е историја’, тогаш тоа е многу важно. За жал, за нас и Бугарите, тоа е најважното. Барем според ова, ние и Бугарите сме вистински и достојни Европејци.
Се прашувам може ли да се најдат некои нормални во Македонија и Бугарија, па наместо Протокол кој нѐ враќа во средниот век и со кој креираме поделби, меѓунационална омраза и гнев кај обичниот народ, да потпишевме протокол со кој и двете држави, први соседи, ќе си помогнеме како од лошата и слаба група на земји според резултатот и рангирањето на PISA (во 2018, од 77 земји Бугарија беше 50-та, а Македонија 67-ма) да се искачиме помеѓу првите 15 во светот, каде веќе одамна се нашите „словенски и екс-комунистички браќа" Полска и Словенија?
За потсетување, со оваа меѓународна студија се проценуваат способностите, знаењата и вештините на учениците во три подрачја: а) оспособеност за читање со разбирање; б) математичка писменост и в) писменост во природните науки. Како што лесно можете да забележите во ниту едно подрачје на тестирање го нема тоа што во Македонија и Бугарија најмногу се знае - историјата. Во Бугарија и Македонија секој знае сѐ за историјата, ама очигледно сме многу слаби, да не речам „тапа" во читање со разбирање, имаме ниско ниво на математичка писменост и писменост во областа на природните науки.
Ширење вируси
Најголемиот проблем е што на политичките елити и во двете земји им одговара луѓето да се занимаваат со темите и наративот кој тие го диктираат и контролираат. За жал изгледа дека ниту во Македонија ниту во Бугарија на политичките елити не им одговара нивните граѓани да се одлични во критичкиот пристап при читањето на пишани материјали или пак во читање, интерпретирање и решавање на даден проблем и избирање на метод за негово решавање, а уште помалку во користење на научни знаења и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци. И во Бугарија и во Македонија им е потребна маса која можат да ја контролираат, а не маса која критички размислува и која носи заклучоци врз основа на докази. Измисли теза, пушти ја, тролај ја, фанатизирај илјада фанатици и потоа шири го тој вирус меѓу сите. Што повеќе заразиш, поголеми ти се шансите да победиш на следните избори. А тоа што народот меѓусебно ќе се колне, плука, мрази и коле, тоа е сѐ пресметан ризик.
И додека Бугарите тврдат дека ние не постоиме, а ние се докажуваме дека постоиме, во Обединетите нации е направена проекција за топ 30 земји во светот со најголемо проектирано зголемување и намалување на популацијата. Бугарија е втора, веднаш по Молдавија, па проекцијата е дека до 2100 година населението на Бугарија ќе се намали за повеќе од 50% само како резултат на наталитетот. Ако на ова се додаде и иселувањето, тогаш јасно е дека и пред 2100 година Бугарија скоро и ќе ја нема. Па така, додека Бугарија го негира нашето постоење, таа забрзано исчезнува.
Исчезнувањето на Македонците
И ние, во овој поглед доследно ги следиме Бугарите. Минатата година во Македонија имало 10.000 умрени повеќе од родени, од кои, статистички гледано, нешто над 70% се Македонци. Ова значи дека, ако вака лошо продолжиме, а ќе продолжиме и полошо, за 10 години ќе има над 75.000 етнички Македонци помалку во државава, а за 25 години ќе нѐ има околу 200.000 етнички Македонци помалку во државава, која тогаш нема да брои повеќе од 1,5 милиони жители. За 80 години во Македонија ќе има над 550.000 Македонци помалку, во државава која тогаш ќе брои околу 1 милион жители, освен, се разбира, доколку не ја населат Африканци, каде според истава проекција на ОН некои земји за 80 години ќе бидат и со до 7 пати побројна популација.
Заклучокот е дека и „Бугаризацијата“ и „Македонизмот“ заедно згаснуваат, а државите пополека ни исчезнуваат. Толку многу сум разочаран од нас, но и од темпото на проширување на ЕУ, што оваа колумна ќе ја завршам прилично неконвенционално.
Не е сѐ така црно. Еве пред некој ден прочитав дека Шарл Мишел ни порача дека Европа нѐ чека со отворени раце. Веднаш, откако помина предлогот во Собрание, како секој добар домаќин го собрав семејството на маса, и им ја соопштив оваа преубава вест на децата. Им велам, деца, чичко Шарл кажа дека нѐ чекаат во Европа со отворени раце. Синот веднаш ме праша: „А што значи тоа тато?“ Ова синко, имајќи ја предвид брзината со која земјите кандидати пристапуваат во ЕУ, нашата инертност, а особено склоноста да „забрљаме“, значи дека децата на твоите деца веројатно ќе ја имаат таа привилегија да бидат дел од европското семејство. Затоа радувајте се! А тој ми вели: „Тато, ама што имам јас од тоа и како тоа ќе го направи твојот, мојот и нашиот живот подобар?“ - „Никако синко, никако! Затоа запамети, во овој опасно суров свет ако не си одлично образуван, ментално силен и физички јак, ќе треба да се докажуваш дека постоиш, но ако си, тогаш другите ќе треба да се докажуваат пред тебе. Затоа, учи синко и подготви се да бидеш, во секој поглед, компетитивен со најдобрите во светот. Ако ти и твојата генерација го следите ова правило, државата ќе ни биде силна и почитувана, па тогаш во ЕУ наместо за 40 ќе влеземе за 4 години. Сѐ друго е историја (неважно)!'
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.