1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа пред голем предизвик да го спречи интернет-криминалот

Ралф Босен / Александар Методијев3 јуни 2012

Европа е се’ почесто на мета на хакерите и интернет-криминалците. ЕУ е присилена да смислува начини да ги одврати тие напади. Борбата во дигиталниот свет е на самиот почеток.

https://p.dw.com/p/156OC
Фотографија: Fotolia/Pedro Nunes

Доаѓаат нечујно, се шират со молскавична брзина и уништуваат се’ пред себе, таму каде што ќе успеат да се вгнездат. Дигиталните штетници, како вируси, тројанци или црви, претставуваат една од најголемите закани за интернетот. Колку што позначајна станува дигиталната мрежа за човекот и економијата, толку попрофесионални стануваат нападите на сајбер-криминалците. Тоа веќе одамна не се некои несериозни ученици и компјутерски фрикови, кои бараат возбуда или сакаат некому да му украдат неколку евра од сметката.

Бандите на мафијашки структури веќе одамна сфатија дека меѓународниот интернет-криминал е многу повносен од другите, поризични облици на злосторство. Тие ги крадат имињата на корисниците на онлајн банкарство и нивните лозинки, се „уфрлаат“ во лични компјутери, на сервери, во смарт-телефони. Ниту профилите на социјалните мрежи, како Фејсбук и Твитер, не се сигурни од тие криминалци.

Страв од интернетот

Само во Европа со тоа, според податоците на Интерпол, се прави штета од 750 милијарди евра годишно. ЕУ проценува дека секој ден еден милион нејзини граѓани станува жртва на интернет-криминалот. Притоа, причина за загриженост не е само се’ поголемата економска штета. Еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром предупредува на опасност од општествени последици од сајбер-криминалот. Таа најголемиот проблем го гледа во несигурноста која се шири и која ја ограничува слободата на дигиталниот живот, посебно во купувањето преку интернет, како и во користењето на социјалните мрежи.

Cecilia Malmström
Еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија МалмстромФотографија: picture-alliance/dpa

Таа загриженост на еврокомесарката се чини како оправдана, кога ќе се види како расте значењето на интернетот во Европа, а тоа го поткрепуваат и статистичките бројки. На почетокот од 2011-та година 73 проценти од сите домаќинства во ЕУ имаа пристап до интернетот, а 80 проценти од младите Европејци во меѓу време комуницираат преку социјалните мрежи.

ЕУ го возвраќа ударот

Откако во февруари 2005-та година ЕУ за првпат воведе „прописи за напади врз информатички состави“, бројот на тие напади значително порасна. Тоа ЕУ не сака веќе да го толерира. Пред неколку недели се претставени плановите за формирање на Европскиот центар за борба против сајбер - криминалот во Хаг. Тој би бил сместен во средиштето на европската полиција ЕУРОПОЛ, а во него би требале да работат 55 иследници од Европската комисија и членките на ЕУ и од почетокот на 2013-та година тој треба да им ги замрси конците на крадците преку интернет. Ним на располагање ќе им биде ставен буџет од 3,6 милиони евра.

Тоа е првиот значаен чекор, но тој не е ниту од близу доволен, смета меѓународниот експерт за безбедност на интернет Јан Филип Албрехт, кој е пратеник во Европскиот парламент од германската паритја на Зелените. Тој бара со тој проблем да се занимаваат повеќе иследници „на терен“, за што е неопходна обука и специјални школувања на полицајците од земјите членки на ЕУ, како и поброен кадар не само во Хаг, туку и секаде во Европа.

Jan Philipp Albrecht Europaabgeordneter der Grünen
Јан Филип Албрехт, европратеник од партијата на ЗеленитеФотографија: picture-alliance/dpa

Копнеж за поголема координација и соработка

И кај членките на Унијата постојат и сега тела и органи кои се занимаваат со борба против криминалот на интернет, но буџетот и персоналот со кој располагаат на големо се разликуваат од земја до земја. Често тие капацитети не се доволни за да се стави крај на сајбер-криминалците кои делуваат глобално, а не само во границите на поединечни земји. Полицијата е често присилена да го запре своето делување на националните граници, па затоа мора беспомошно да го следи делувањето на криминалците.

Директорот на Европската агенција за безбедност на мрежата и информациите ЕНИСА, проф. д-р Удо Хелмбрехт смета дека треба да се поработи на подобра координација на надлежните органи во ЕУ.

Udo Helmbrecht, Direktor der Europäischen Agentur für Netz- und Informationssicherheit ENISA
Удо Хелмбрехт, директор на Европската агенција за безбедност на мрежата и информациитеФотографија: picture-alliance/dpa

„Тоа навистина е предизвик за цела Европа. Кога нешто некаде ќе се случи, кога на пример ќе се украдат кредитни картички или податоци, тогаш треба да се делува на национално ниво. Но, за да може да се делува интернационално, потребно е да се подобри координацијата“, вели тој.

Првите темели се удрени. Во јуни минатата година со помош на ЕНИСА е собран тим на експерти во Брисел и е формиран Тимот за одговор при комјутерска ургентност ЦЕРТ-ЕУ. Неговите експерти помагаат во борбата против новите вируси и даваат предупредувања за слабите точки на составот.

„Она што сега ни недостига е поврзаноста на стручно, техничко и политичко ниво“, забележува Хелмбрехт.

Борба за дигиталниот свет

Германскиот пратеник во европскиот парламент Албрехт предупредува дека не е доволно само теоретски да се расправа за можностите за сузбивање на криминалот на интернет, туку дека треба конкретно да се подобри техничката обученост на полицајците, „бидејќи интернетот е свет на техника, во кој се значајни сигурноста и техничките стандарди“. Тој бара да се промени начинот на размислување во полициските управи.

А, ЕУ нема многу време. Неодамна директорот на ФБИ Роберт Милер предупреди дека наскоро најголемата опасност нема да биде од тероризмот, туку од нападите на интернет. Борбата за дигиталниот свет очигледно само што започна.