Европарламентарците ја откажаа посетата на Иран
27 октомври 2012Тарја Кронберг, европратеник од редовите на Зелените, која требаше да ја предводи делегацијата на европските парламентарци, денеска ја соопшти веста за откажаната посета. Делегацијата побара од иранските власти лично да им ја предаде наградата на двајцата добитници. Тоа од страна на властите во Техеран беше одбиено. Од парламентарни кругови во Брисел се вели дека европратениците биле пред полетување кога шефицата на делегацијата Кронберг го добила повикот од иранска страна.
Иранската адвокатка Насрин Сотудех и филмскиот режисер Џафар Панахи се заеднички добитници на годинешната награда „Сахаров“ што Европскиот парламент ја доделува за слобода на мислењето. Сотудех, која се залага за правата на малолетните лица осудени на смрт и опозиционерите, ја одлежува 11-годишната казна затвор. Панахи пак, е осуден на шест години затвор и е во домашен притвор.
Инаку, посетата на Иран во Европскиот парламент е контроверзна веќе извесно време. Според учесниците во делегацијата таа била замислена како дел од дијалогот со иранскиот парламент. Голем број европски пратеници, меѓутоа, изразија стравување дека посетата би можела да биде инструментализирана од страна на раководството во Техеран. Вчера (26.10) претседателот на ЕП Мартин Шулц и шефовите на пратеничките групи во Европскиот парламент донесоа одлука делегацијата да патува за Иран за да им ја врачи лично поканата за присуство на церемонијата на доделување на наградата „Сахаров“ на двајцата добитници.