Европо, љубов моја
12 мај 2018Во Хрватска пред 10 години многу кафулиња, дури и во провинцијата, носеа име „Кафе Европа“. Во далматинскиот главен град Сплит туристите и локалното население седеа во непретенциозното „Кафе Геншер“ и филозофираа до морето. Кога се сакаше да се нагласи дека во земјата нешто оди добро, се велеше: „Тоа е европски стандард“. Во меѓувреме, само малкумина зборуваат за работи кои во земјата одат добро. Европа се посматра со скепса. Некогаш постоеше надеж дека Европа ќе донесе подобра иднина. Напредок по кој копнееја многумина по годините застој и војни. Од некогашната надеж во меѓувреме се создаде едно од најголемите миграциски движења во Европа: младата, образована генерација која не ја доживеа војната, е во егзодус. Дури и постарите генерации ја напуштаат земјата.
Многумина одат во насока на Германија. Од „иднината Европа“ остана слободата да се најде работа во Германија и да се напушти земјата. Често да се работи нешто под квалификациите што се поседуваат. Европа не дојде. Хрватското далматинско крајбрежје цути како туристички регион, но богатството на едни е три-евра-на-работен час за други. Кафулињата во Сплит во меѓувреме се викаат „Кафе Его“.
На Европа ѝ е неопходна храброст
Во оваа европска недела се случија три централни работи кои ја демонстрираат европската слабост, расцепканост и неориентираност. Ученикот за пример Макрон ја доби Карловата награда во Ахен, одржа пледоаје за Европа и во огнен говор ја критикуваше германската фискална политика и извозен бум. Слабо ја познава Меркел ако мисли дека таа ќе падне под притисок на ваков начин, со јавни изјави. Добро ја познава Германија ако смета дека Германците игнорираат кога се работи за рецепцијата на обвинувањата што ги упатуваат Французите на сметка на Макрон за неговата фискална политика.
Виктор Орбан предизвика внимание со провокацијата по неговиот реизбор дека е дојден крајот на либералната демократија. САД го откажаа договорот со Иран и ги покажаа слабостите на Европа како глобален играч. Многу земји на Блискиот Исток веќе не сметаат со САД, а Европа е преслаба за да може да ја пополни оваа празнина. Макрон и тука се колнеше во европската сила, храброста. Тој предизвика воодушевеност со таквиот став, но реакциите по неговиот последен говор во Европскиот Парламент покажуваат дека Меркел не е единствената која е колеблива.
На Европа ѝ е неопходна храброст, да. Кој ја сака Европа, тој во моментов не смее да се умори од укажување на мирот кој ни го донесе европската соработка, поголемата благосостојба. Но не за сите. Обидите на политиката за убедување мора да се преведат во секојдневието на луѓето. Демократскиот дефицит на ЕУ во моментов е преголем, ќе биде тешко да се авансира доверба во насоката „Повеќе Европа!“. Оние кои се залагаат за Европа, молчат за слабостите на оваа Европа. Тоа е нивната најголема слабост при залагањето за повеќе Европа. Недовербата ја засенува идејата за Соединети Европски Држави. Дали тоа нема да значи уште поголема моќ за една супранационална инстанца како ЕУ, при непроменета, не многу демократска, легитимација?
Европа на богатите
Либералната демократија не стана предмет на критика поради своите демократски основни вредности, туку поради фокусирањето на либералниот аспект, особено светскиот пазар и регулацијата во полза на глобалните концерни, банки и инвеститори во сферата на недвижности. Многумина мислат - ова е Европа на богатите. Повеќе Европејци со „либерално“ не ги поврзуваат уиниверзалните човекови права, туку фактот дека, на пример, во Португалија, по интервенирањето на Тројката е либерализиран пазарот на недвижности и речиси никој од локалното население не може веќе да си дозволи купување стан во центарот на Лисабон. Наместо тоа - масовен туризам, странски инвеститори, ниски плати, крварење на јавните установи. Странскиот капитал во моментов им ја „зема“ татковината на луѓето. Единствената одбрана која им останува е „странското“, зашто финансискиот капитал е апстракција против која бесот не може да се насочи.
Други колумни од авторката:
Моја Европа: И ние сме народот
Макрон во Германија се слави зашто одржа убав говор. Истовремено, интелектуалци во Франција организираат протести против неговата политика, која се заканува да ги повтори грешките на германската Агенда 2010. Раководниот стил на Макрон од филозофот Жан-Клод Моно неодамна беше опишан како „авторитарен либерализам“. На меѓународниот паркет тој се снаоѓа добро, но во земјата страда плуралноста. Кратењата на Макрон ги погаѓаат и образованието и убавите уметности со кои образованиот претседател радо се фали во странство. Но, етиката на компромисот е сѐ подалеку од Макрон. Орбан е веќе таму каде што не може да се најде компромис. Патосот на сопствените убедувања, сеедно на кој раб на политчкиот спектар, не ги тера луѓето да веруваат во Европа.
Повторно љубов
Европските политичари мора да ги преведат во политика за граѓаните идеалите за кои се залагаат. Ако „мирот“ како аргумент не е доволен, тогаш „крчка“ незадоволство. Европа може повторно да стане љубов на Европејците ако почувствуваме дека се работи за „нашата иднина“. Можеби во најмалите селца на континентот повторно ќе има кафулиња со име „Европа“, места во кои луѓето повторно ќе пијат и слават, наместо да разговараат за своите грижи и идентитетски прашања, или каде ќе служат само туристи од богатите земји. Повеќе Европа е можна само со повеќе демократија.
Јагода Мариниќ е германско-хрватска писателка, драматург и новинарка. Нејзино последно објавено дело е „Мејд ин Џермани - Што е германско во Германија?“. Во книгата таа се занимава со идентитетот на Германија како доселеничка земја.