Европска демократура против американска стабилократија
1 април 2021Неделава регионот имаше можнст да биде сведок на трикратно отварање карти од три геополитички фатори на Балканите. Првиот пример, за мене барем најинтересен, беше интервјуто на амбасадорот на Руската Федерација, Игор Калабухов дадена за босанската телевизија Фејс. Настрана несогласноста со неговите ставови, интервјуто беше ретка прилика за следење на директно, без-ракавично и без нарачани прашања телевизиско соочување со активен амбасадор од страна на критички настроен новинар. Со што ме потсети на некои други, дамнешни времиња кога западните амбасадори во Скопје не се стеснуваа да излезат пред екраните со сета раскош на нивните познавања и умешности поради кои ја стекнуваа почита на гледачите. Вооружен со очигледно темелно познавање на регионот, исказите на Калабухов подеднакво се однесуваа на внатрешните прилики во БиХ колку и генерално за регионот. Поради што треба да се согласиме со реакцијата на членот на Босанското претседателство, Жељко Комшиќ, дека станува збор за повеќе од искази на обичен амбасадор, туку за пораки директно од највисоките инстанци на Москва. Во секој случај, иако со доза на дипломатска дискреција, интервјуто е своевиден нацрт за правецот во кој ќе се движи руската политика кон регионот.
Европска шлаканица за Србија
Вториот пример се резолуциите на Европскиот парламент за Македонија и Србија. Во нашиот случај, епилогот со гласањето и резолутното отфрлање на амандманите критични кон Бугарија, беше долго одложуваната но навремена доза на рассонување од бајките дека „никој во Европа не ги разбира позициите на Софија”. Доколку оваа порака беше освестувачка пацка за нас, тврдиот јазик на критика кон Србија беше конципиран како оштра европска шлаканица која од страна на Белград беше доживеана како нокаут. Барем судејќи според реакциите на грогирано избезумените Вучиќ, Дачиќ и Брнабиќ.
Во контрадикција со реалноста
Третиот пример е досега најотворено политички обоениот извештај на Стејт Департаментот во кој освен генералната оцена за „глобалниот тренд на ерозија на демократијата” тешко дека може да се одбележи било каква оценка која не е во контрадикција со реалноста. Нагласената негативност во оценката за состојбите во Бугарија или Албанија или Косово не би биле проблематични сами по себе, доколку не бидат контрастирано комично-апсурдни со, на пример, пофалните зборови за судските реформи кај нас. На составувачите на Извештајот во Стејт Департментот (и овдешната амбасада) очигледно сеуште на срце и совест им тежи дебаклот со СЈО и сопствената неславна улога во селекцијата на „проверени кадри со огромно искуство” како Катица Јанева. Па така, оценката за овдешните „судски реформи” е повеќе замислено како face-saving обид за себе и сопствените дипломати, отколку за реална оценка на нашето правосудство и судии.
-претходни колумни од авторот: Дипломатија и доктрина
Она што е посимптоматично како впечаток од слушањето и читањето на наведените дипло-политички примери е дека јазот помеѓу ЕУ и САД околу регионот не се продлабочува, ниту пак стеснува. Туку се разјаснува како дискрепанца диктирана од историјата и визијата. Оштрите пораки на ЕУ кон Србија и инсистирањето на суштествени реформи кај сите земји кандидати не се порака на дистанцирање од регионот и затворање на интегративните процеси. Туку се пораки дека внатрешните реформи се демонстрација на колку-толку созреан внатрешен интегритет со кој ќе се надополни и зајакне европскиот суверенитет. Проблемот со тој политички логички став на ЕУ е што давањето апсолутно предимство кон европскиот суверенитет сепак на крај резултира со феноменот на демократура на параграфи и флоскули по волја на бриселската бирократија, но не и по единица мерка на реална демократија.
Проблемот на американската доктрина на фаворизирање на стабилократијата на Балканот е што е веќе со изминат рок и – наместо придонес - станува пречка за прифаќање на регионот од страна на ЕУ. Во основа, американскиот пристап кон регионот останува цементиран врз логиката на 1947 претставена во „долгиот телеграм” на Џорџ Кинан и третманот на Балканот (поточно: СФРЈ) како мек стомак и „луксузен конзумеристички излог” пред соседските сателити на Советскиот Сојуз. Таквиот пристап на „селективна критичност” кон комунизмот не само што била дел и од стратегијата на Френклин Рузвелт и неговата „блискост” со Сталин, туку и се инспирирала од на Рузвелт омилената бугарска поговорка дека „во опасни времиња е дозволено да се чекори со ѓаволот додека не го поминеш мостот”. Во денешни времиња, тоа чекорење со ѓаволот се преведува како фаворизирање на стабилократија додека не се влезе во ЕУ. А сетики и потоа. Проблемот е што, по ерата на Трамп, Европа има се помалку разбирање и пари за американскиот хумор со стабилократски инсталации во Балканот.
„Етно светови”
Пристапот на американската дипломатија кон регионот по крвавите деведесетти беше проследено со доктрината на компартментализација на хрватското, албанското и бугарското прашање под изговор на борби против „територијални побарувања”. Што само по себе не е дискутабилно. Да не беше проследено со толерирање на влијанијата на српскиот хегемонизам и про-српските структури во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и Косово, во надеж за нивно искористување во повратна насока за привлекување на Србија кон Западот. Но како што бива со секоја предолго играно сценарио, замисленото влијание одамна се има свртено во обратна насока на градење на „српски свет” во регионот, предизвикувајќи ги останатите да се спротистават на американската компартментализација и се јават со барања за сопствени „етно светови”. Парадоксално, затоа, преиспитувањата на Хрватска во однос на Босна, барањата за соединување помеѓу Косово и Албанија, како и радикалната промена на Софија кон Македонија се директна последица на политиките на Белград и индиректно на самите американски администрации.
-претходни колумни од авторот: Камчев е камче
Со уште неполни 100 дена во Белата куќа, би било нефер да од админстрацијата на Џозеф Бајден се бара и очекува радикална промена на таа за САД и регионот веќе погубна политика. Дотолку повеќе што доколку за внатрешните прилики во САД чистката на трампистичките остатоци е condition sine qua non, промените во надворешната политика би завлегувале во малку понепријатни кругови. Имено, скраја кусите авантури на Трамп низ регионот, одговорноста за погрешниот пристап кон регионот сепак паѓа на сметка на администрацијата на Обама и тогашната кариерна дипломатска врхушка за која Белград сеуште останува „светиот грал” на Балканите. Опседнатоста на вашингтонските „белградски момчиња” со „последната девица” во регионот на крај резултира во иранизација на Србија во регионот (посебно преку православната ајатолахизација на Црна Гора), дефанзивен аларм кај соседите и комплицирање на севкупниот евро-интегративен процес за земјите кандидати.
Соработка на Турција и Русија во регионот
Но тоа се сепак полесно совладливи предизвици, во споредба со клучниот предизвик помалку или повеќе јасно искажан од претседателот Ердоган и амбасадорот Калабухов за заеднички настап и соработка на Турција и Русија во регионот. Притоа токму користејќи ја, благодарениа на Американците, единствената етнички, религиски и политички некомпарментализирана единка во регионот – Србија. Вклучително и нејзините експозитури ширум регионот, сплотени во унијатството на православието и исламот како контрапункт на и она малку остатоци на автентичниот национал-либерализам осакатен од клиентелистичките политики на САД и ЕУ. Неспремноста на САД за субстанцијални инвестии, пропаднатите обиди за нивна субституција со Субрата Рој авантури, неволноста на ЕУ да ги покрива трошоците на американските стабилократи, наслонувањето врз „дежурни дипломати”, прочитани како од домашните така и од источните фактори, се само дел од мозаикот предизвици пред американската стратегија кон Балканот наследена од Обама. Кои можат да бидат уште поголеми доколку навестувањата на Ердоган и Калабухов почнат да се преточуваат во дела. Примерот со вакцините од Србија и ширењето на турската медиумска мрежа низ регионот се само навестување кое не може да се парира со периодични прелети на фантоми и пофалби од НАТО бирократи.
-претходни колумни од авторот: Т’зи дупка, сепак дупка
Инсистирањето на третманот на регионот низ призма од 1947, носталгичноста за Скадарлиски вечери во друшто на клепто-комунисти и репакирани шовинисти на сметка на третирање на останатите соседи како сеуште сиромашни, просјачки, очајни жртви на комунизмот не само што е апсурд кој опстојува во дипломатската миопија на следбениците на Лоренс Иглбергер, туку станува и пречка за пробивноста на американските интереси во регионот. „Стратешката” молчаливост на Вашингтон за флертовите на Србија со Русија, Кина не само што ја подрива американската политика во регионот, туку станува модел на неутрализација на сите останати соседи и пречка за процесот на приклучување кон ЕУ. Предизвикот за (да се надеваме) новите ликови на американската дипломатија во регионот е сосема јасен: давање до знаење на сите дека Југославија веќе не постои ни како референца ни како решение. Дека Хрватска, Албанија, Бугарија, Црна Гора, Македонија се далеку побитни од Србија се додека не се приклучи кон НАТО. Дека преминот на мостовите кон ЕУ може да се води во друштво со ѓаволи, но по сметка на долг, бесконечен престој во чистилиштето – соседско или бриселско, сеедно. И на крај, дека пред да бидат пренесени и имплементирано во регионот, овие пораки прво треба да бидат разбрани, прифатени и имплементирани во самиот Вашингтон.