1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европска ТВ дебата: Како Евровизија без музика

Б. Ригерт/Б.Георгиевски16 мај 2014

Пренесувана низ цела Европа, на повеќе јазици и за првпат со сите пет главни кандидати: дебатата во Брисел требаше да биде кулминација на европските избори. Дали тоа ѝ појде од рака?

https://p.dw.com/p/1C119
Фотографија: Bernd Riegert

Главниот кандидат на Социјалистите се пофали себеси и Евровизија на крајот на дебатата. Порано битките на европските избори биле здодевни, сега со телевизиската дебата на кандидатите, станале поразновидни, смета Мартин Шулц. А потоа полн со самодоверба ќе заклучи: „Новиот претседател на Европската комисија ќе биде еден од нас петмина. Во моментов тој зборува со вас!“. Насмевки од противниците, аплауз од публиката во пленарната сала која беше пренаменета за оваа прилика.

Дебатата ја организираше Евровизија, здружението на европските јавни сервиси. За првпат таа во истовреме беше пренесувана во 25 европски држави и на бројни интернет-платформи. Тешко е да се процени колку гледачи ја следеле дебатата. Поголемиот дел од телевизиите немаа верба во експериментот, па дебатата ја пренесуваа на сервисните канали.

Како клучни теми на дебатата повторно испливаа евро-кризата, невработеноста, имиграциската политика. Единствениот кој, колку толку, излегуваше од дневниот ред и ги провоцираше останатите кандидати беше лидерот на грчката левичарската партија Сириза, Алексис Ципрас. Тој остро ја критикуваше европската политика на штедење и заговараше повеќе долгови, точно спротивното од актуелната политика на ЕУ. „Граѓаните одбиваат ваква Европа и затоа мораме да понудиме алтернатива. Тоа не може да биде засилувањето на европската интеграција, туку треба да се промени природата на ЕУ. Мора да понудиме нова визија. Потребна ни е алтернатива за штедењето“. Која е таа визија, грчкиот народен трибун не кажа. А не беше ни прашан.

Останатите четворица кандидати, Жан-Клод Јункер (Конзервативци), Ска Келер (Зелени), Ги Ферхофстат (Либерали) и Мартин Шулц (Социјалисти) цврсто ја бранеа европската политика. Ферхофстат застана во одбрана на заедничката валута, предупредувајќи дека во спротивно многу национални валути можат да ја доживеат судбината на италијанската лира или на грчката драхма. „Тоа е вистината. Мораме да им објасниме на луѓето дека враќањето кон националната валута ќе ги загрози нивните лични интереси“, рече Ферхофстат.

Europawahl 2014 Wahlkampfdebatte Eurovision
Алексис Ципрас и Ска КелерФотографија: Bernd Riegert

Невработеноста во ЕУ, според сите пет кандидати е најголем проблем во Унијата. Жан-Клод Јункер кој како претседател на евро-групата беше одговорен за изработката на мерките за излез од кризата, се претстави како заштитник на луѓето. „Се залагам за минимална плата не само во Грција, туку и во цела Европа. На луѓето мора да им се овозможи да живеат од својата плата. Потребен ни е минимален стандард на социјално ниво“, рече Јункер.

Дебата без победник

Во оваа точка, Јункер беше на иста линија со германскиот социјалист Мартин Шулц. „Го прокоцкавме најголемиот капитал на ЕУ, а тоа е довербата на граѓаните. Сега мораме да им покажеме дека се бориме против сиромаштијата и против нивните проблеми“, рече Шулц, кој долги години како претседател на Европскиот парламент и самиот имаше удел во загубата на довербата од граѓаните.

Кој победи на првата европска дебата е тешко да се процени. Секој од кандидатите имаше цврсто изграден став по одредено прашање, за кое презентираа аргументи пред новинарите и публиката. Околу 500 гледачи во салата беа воглавно партиски активисти или вработени во парламентот, кои групно им аплаудираа на своите фаворити.

Europawahl 2014 Wahlkampfdebatte Eurovision
Мартин Шулц и Жан-Клод ЈункерФотографија: Bernd Riegert

„Ова по малку ме потсетува на Песна за Евровизија, само без музика“, вели една вработена кај Либералите по дебатата. Досега Евровизијата беше единствениот заеднички европски проект на повеќе јазици. Сега кон неа се приклучи и ТВ дебатата. Не толку разновидна, без никаква острина, а поради сличните мислења и без никакви возбудувања, на кои можеби се надеваа организаторите.