1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски клуб на (богати) егоисти

ДТЗ /ДВ
7 декември 2020

Во оваа трагична година, ЕУ го покажа своето вистинско лице: таа е и останува клуб на егоисти пишува германскиот весник Тагесцајтунг во анализа на последните случувања во Брисел и судирот со Полска и Унгарија.

https://p.dw.com/p/3mNHN
Brüssel EU-Videogipfel | Ursula von der Leyen, Präsidentin der Europäischen Kommission
Фотографија: Olivier Matthys/AP Photo/picture alliance

Германското претседателство со ЕУ не ја извлече Европа од кризата, сè стана уште полошо: Брегзит, корона, спорови за пари, се наведува во текстот на германскиот весник Тагесцајтунг, насловен како „Клуб на егоисти“.

„2020 не беше лесна година за Европската Унија. За прв пат, ЕУ изгуби една голема земја-членка, за прв пат мораше да се бори против брутална пандемија - и за прв пат силно се задолжи за да ги надмине последиците од корона кризата“.

На почетокот на годината се чинеше дека ЕУ може да пропадне пред овие предизвици, се вели во текстот. „Секој правеше што сакаше, егоизмот и здравствениот егоизам зафатија сè околу себе, како вирус. Ниту Германија не беше имуна на тоа. Тоа што Берлин ги затвори своите граници и ја ускрати итната помош, многу Европејци не го заборавија до ден денес“. 

-повеќе на темата: Вето за ЕУ и обединета Европа

За време на германското претседателство со ЕУ, состојбата требаше да се подобри. Кога претседателството започна во јули, канцеларката Ангела Меркел вети дека ќе ја залечи раната од Брегзит и дека ќе ги санира штетите предизвикани од пандемијата. Сепак, непосредно пред крајот на германското претседателство, кое завршува на 31 декември, ЕУ е сè освен силна, пишува Тагесцајтунг.

„Дури и европскиот зелен договор, за кој се веруваше дека е решена работа, сè уште не е решен. Земјите-членки на ЕУ сè уште не се согласија околу климатската цел за 2030 година. На самитот следната недела се навестува дебакл“. Берлин и Брисел се правдаат укажувајќи на популистите и националистите, пишува весникот.

Меркел игра на картата - време

„Непредвидливиот британски премиер Борис Џонсон, десничарско-популистичкиот унгарски премиер Виктор Орбан и неговиот националистички полски колега Матеуш Моравјецки би требало да бидат одговорни за оваа мизерија. Тие и се. Но, тројцата егоисти не се сами. Ништо подобра не е ниту таканаречената штедлива четворка - Холандија, Австрија, Данска и Шведска - којашто во јули речиси доведе до катастрофа околу буџетот на ЕУ. Овие земји на крајот - исто како и Германија - си обезбедија значителни попусти за нивниот придонес кон ЕУ. И таа епизода остави свој белег“. 

-повеќе на темата: Германското „сосема поинакво“ претседавање со ЕУ

Тагесцајтунг пишува дека ниту канцеларката Меркел не се прослави, држејќи се во позадина, препуштајќи му ги на својот ЕУ-амбасадор во Брисел преговорите за сите горливи прашања. Понатаму се наведува дека таа не била подготвена ниту да разговара со Европскиот парламент и дека игра на картата време во спорот со Унгарија и Полска.

„Место гласно да се залага за владеење на правото, таа се потпира на тајната дипломатија“. Тактиката на канцеларката на крајот може и да се исплати, можеби ќе се постигне договор во последната минута и можеби на крајот сè ќе заврши добро.

Но, ништо не е добро, пишува Тагесцајтунг и заклучува: „ЕУ го покажа своето вистинско лице во оваа трагична година: таа е и останува клуб на егоисти. Во исто време, и германското претседателство со ЕУ не промени многу работи“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема