1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европските социјалдемократи го поддржуваат Јункер

ЖА/дпа/афп21 јуни 2014

Водечките социјалдемократи и социјалисти во Европа ја поддржуваат кандидатурата на конзервативецот Жан-Клод Јункер за функцијата претседател на Европската комисија. Одлуката е донесена на мини самитот во Париз.

https://p.dw.com/p/1CNaA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Неколку дена пред самитот на ЕУ, социјалдемократските и социјалистичките шефови на држави или влади договорија заедничка позиција околу идната европска политика и новата распределба на најважните функции во Унијата.

„Се согласивме социјалдемократите да прифатат дека Јункер треба да биде претседател на Европската комисија бидејќи конзервативната Европска народна партија победи на европските избори“, изјави претседателот на германската Социјалдемократска партија и вицеканцелар, Зигмар Габриел, денеска (21.06.2014) во Париз. Габриел, по средбата со девет шефови на држави или влади од левиот табор, истакна дека се очекува други функции во ЕУ да бидат пополнети со социјалдемократи и социјалисти. Политичарот на германската СПД и водечки кандидат на европските социјалдемократи, Мартин Шулц, добил неподелена поддршка за повторна кандидатура за претседател на Европскиот парламент.

Jean-Claude Juncker in Berlin 05.04.2014
Жан-Клод ЈункерФотографија: Getty Images

Но, Габриел подвлече: „Тоа не заменува избалансиран сооднос меѓу конзервативните и социјалдемократите во ЕК.“ На овие функции треба да дојдат и жени, истакна Габриел, без да наведува имиња.

СПД вчера соопшти оти во коалициониот спор околу водечките европски функции се повлекува од барањето Мартин Шулц да биде потпретседател на Европската комисија и ќе прифати како претседател на ЕК да дојде конзервативец, ако Шулц биде избран за претседател на Европскиот парламент. Германската канцеларка Ангела Меркел на Шулц му вети поддршка од германската група во европските конзервативци. Во ЕУ се води вжештена дебата околу персоналното решение за шеф на ЕК. Првенствено британскиот премиер Дејвид Камерон е против Јункер.

На средбата во Париз европските левичарски државници побараа повеќе време за реформски подготвените ЕУ-држави за санирање на државните буџетски дефицити. Зигмар Габриел пренесе дека е постигната согласност оти нема да има никакви промени во правилата на Европскиот пакт за стабилност заради санирање на дефицитите. Францускиот претседател Франсоа Оланд истакна дека треба да бидат искористени сите можности кои ги нуди Пактот за стабилност со цел во Европа да бидат отворени нови работни места и да се стартува со голема инвестициска програма, посебно во областа на енергетиката. Европската централна банка ги предупреди лидерите на ЕУ да не вршат олабавување на правилата за висината на дефицитот, зашто со оглед на високата државна задолженост во Европа не е се‘уште време за запирање на напорите за консолидација.

ЕУ-самитот ќе се одржи в четврток и в петок во Ипер и Брисел.