Политичари во БиХ: европски плати - никакви резултати
8 септември 2015Босна и Херцеговина (БиХ) е најсиромашна земја во регионот. Од нејзините нешто повеќе од 3,8 милиони жители, повеќе од половина милион се невработени, околу 700.000 нејзини граѓани живеат на работ на сиромаштијата, просечната плата е околу 800 конвертибилни марки (КМ), а најниска пензија од 326 КМ примаат околу 200.000 лица. Ова се податоци од Светска банка, Агенцијата за статистика на БиХ, Каритас на Бискупската конференција на БиХ и Заводот за пензиско осигурување.
Додека платите на парламентарците во земјите на ЕУ изнесуваат две или најмногу три просечни лични доходи, тој сооднос во БиХ понекогаш изнесува дури и осум просечни плати, што ги става во ранг на најплатени во Европа, а професијата „политичар“ стана синоним за најдобро платена општествена елита, која дури и по истекувањето на мандатот, има право на таканаречен „бел леб“, плата за следната година.
Парламентарец заработува како 19 пензионери
Минатата година, според пресметките на институциите на БиХ, за плати и трошоци на вработените исплатени се околу 644 милиони КМ, што е 68 отсто од вкупниот износ на пресметките, додека политичките партии од пресметките направени на сите нивоа, наплатиле околу 24 милиони марки. На пример, примањата на тричленото Претседателство на БиХ достигнуваат речиси 7.000 КМ, со вклучени паушали и трошоци за одвоен живот, а примањата на парламентарците на БиХ се движат од 4.000 до 6.500 КМ, што е повеќе од платата на премиерот на Словенија.
Повеќе од шест просечни плати му се исплаќаат и на претседателот на Советот на министри, како и на министрите, додека на пример, месечната плата на премиерот на Република Хрватска е 18.000 куни, што е околу 3,2 просечни месечни плати во таа земја. Високи плати примаат и премиерите на двата ентитета, Федерација БиХ и Република Српска, кои месечно примаат околу 3.400 КМ, односно, 3.900 КМ, додека министрите и нивните заменици земаат само неколку стотини марки помалку. Неверојатно звучи и фактот дека еден парламентарец месечно прима плата исто како 12 или дури 19 пензионери со најниска пензија. За платата на еден пратеник, министер или друг избрани и именуван функционер, работник со просечна плата во БиХ мора да работи половина година.
„Нема одговорност за она што е наплатено, а не е сработено“
„Овој проблем е присутен одамна, особено кога станува збор за привилегии, како што се бесплатно користење на возила, разни платени ангажмани во комисиите и.т.н. Денес, кога луѓето се борат да преживеат, овие износи едноставно иритираат многу обесправени и невработени кои едвај врзуваат крај со крај“, вели за Дојче веле, Јосип Милиќ, претседател на Унијата на независни синдикати на БиХ.
Тој особено истакнува дека добро платените политичари не ги исполнуваат своите задачи додека, истовремено, ситуацијата во земјата е се’ полоша. „Не се повикуваат на одговорност за она што е несработено, а е наплатено. Според ова, платата на еден неодговорен парламентарец кој себеси може да си дозволи недоаѓање на седница е еднакво на платите на четири и пол професори кои чесно си ја вршат својата работа“, заклучува Милиќ.
Платите на парламентарците да се намалат за 30 отсто
Сепак, имаше иницијативи на неколку политички партии за измена на Законот за висина на плати, но се’ остана само на - иницијатива. Една од ретките партии кои го поддржуваат редуцирањето е Партијата за демократска акција. Шефик Џаферовиќ, претседавач на Претставничкиот дом на Парламентарно собрание на БиХ од оваа партија, за ДВ вели дека платите во државната администрација, а особено во парламентот, не соодветствуваат со тешката социјално-економска ситуација и дека мора задолжително да се намалат.
„Отсекогаш тежнееме кон усогласување на платите во овој тежок економско-социјален период, но, за жал, нашите иницијативи најчесто не наидуваа на одобрување. Она што секако мора да се направи е да се намалат платите во државниот парламент за 30 отсто, вклучувајќи ги и платите и паушалите“, вели овој парламентарец.
И покрај големата несразмерност на износот на просечната плата и платата на функционерите, тој е скептичен. „Искуството ни покажува дека реализација на такви идеи е многу тешка поради различни интереси, но ќе бидеме упорни“, заклучува Џаферовиќ.
„Не заслужија ништо“
Одговорот на прашањето дали високите износи се оправдани и адекватни на сработеното со цел за подобар живот на граѓаните во БиХ, како што изгледа, е лесно да се најде. „Основната потрошувачка кошница во БиХ изнесува 1.700 КМ и за таа да се наполни не се доволни две просечни плати во БиХ, додека во земјите од регионот за кошничка е доволна само една просечна плата. Катастрофален е фактот што платите на нашите политичари се толку високи, а во исто време не се зголемува стандардот на нашите граѓани. За толкави износи воопшто нема никакво оправдување“, коментира за ДВ Марин Баго, претседател на задругата за унапредување на животот „Футура“.
Тој вели дека последица на „работата“ на добро платените политичари е исклучително нискиот стандард на граѓаните во БиХ. „Нашите политичари“, вели тој, „не заслужуваат да имаат повеќе од две просечни плати. Но, и тоа е премногу со оглед на резултатите од нивната работа. На крајот на краиштата, ќе кажам дека каква било нивна плата во старт е неоправдана“.
Оправдано или не, на сметките на политичарите во БиХ и понатаму ќе се исплаќаат високи износи, без оглед на фактот што само минатата година, во потрага за подобар живот, од земјата се иселиле 68.000 граѓани на БиХ.