Еди Рама: Западните медиуми јавно го линчуваа мојот брат
22 октомври 2014Дојче веле: Господине Рама, оваа недела сакавте да патувате во Белград на средба со српскиот колега Александар Вучиќ. Зошто беше одложена посетата?
Еди Рама: Србија, по фудбалскиот натпревар против Албанија и настаните на теренот и надвор од стадионот, не беше подготвена да го задржи договорениот датум. Премиерот Вучиќ ме повика (телефонски, н.з.) за да ми ја каже својата верзија на настаните, јас му ја кажав од свој аспект, кој е спротивен целосно на неговиот. Сепак, се согласивме дека треба да гледаме нанапред и да го придвижиме тукушто започнатиот процес, инициран од германската канцеларка Ангела Меркел на 28 август, за време на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин. На неа првпат заедно седеа сите шефови на државите од Западен Балкан, не за да се караат околу границите, туку да почнат пат на заедничка политичка, економска и социјална соработка.
Како ги оценувате сегашните односи меѓу Тирана и Белград?
Секој може да помисли дека односите по настаните на белградскиот стадион се наоѓаат во ембрионална фаза. Подолго од еден век не постоеше никаква соработка, политичките односи беа редуцирани на минимум и се‘ на што можеме да се сетиме се војни, конфликти и спротиставености.
Дали албанските и српските елити се воопшто во состојба да водат дијалог?
2014 година беше најдобрата за Балканот и неговата историја. Тоа е првата мирна година за целиот регион, без гранични конфликти. Случајот сакаше тоа да биде на 100-годишнината од Првата светска војна, која изби овде, на Балканот. Значачајна случајност, која пред очи ни го истакнува долгиот пат до денешниот момент, кој во никој случај не смее да биде проигран. Цврсто верувам дека ќе успееме во заедничкото напредување. Јас сум решен да преземам се‘ за да спречам минатото да се испречи на нашиот пат кон обединета Европа. Овој мир беше постигнат со изјаснувањето на народите од регионот за Европа. Сепак, мирот е кревок, а е истовремено преголем за да може само еден народ од регионот да го носи на свои плеќи. Од оваа причина мораме да настапуваме сите заеднички и заедно со Европа. А Европа од својастрана мора да сфати дека и‘ е неопходно потребно обединувањето со Балкан, исто колку што на Балканот му е потребна Европа. Наспроти ’замореноста од проширувањето’ во ЕУ, кај земјите од Балканот во меѓувреме е присутна ’замореност од вечното чекање и потребата да се биде трпелив’. Мораме да преземеме се‘ за оваа замореност да не се испречи пред нашите напори во поглед на иднината, зашто, последиците би биле катастрофални за двете страни.
Албанските фудбалери на стадионот го бранеа знамето на „Голема Албанија“. Вие, господине Рама, изјавивте, горди сте на играчите. Дали ова знаме е Вашето знаме?
Две работи ми оставија длабок впечаток. Прво, еден транспарент со некои албански национални симболи, кои не се ни наше национално знаме, ниту знаме на некоја ’Голема Албанија’, туку еден летечки дух, кого ние исто така првпат го видовме, успеа во Белград да испровоцира толкав политички бес. Очекував натпреварот да биде „жежок“, крајно, мечот на репрезентациите на Србија и на Албанија е дерби на Балканот. Од таа причина ги одвратив нашите навивачи да патуваат во Белград. Но, дека на белградскиот стадион 40 минути ќе се вика: „Убијте ги Албанците! Убијте ги браќата на Хрватите!“, тоа не можев да си замислам. Исто толку малку можев да претпоставам дека официјалната српска реторика по натпреварот ќе се приклучи во ист глас кон расистичкиот антиалбанки хор на меѓународно неприфатените хулигани, кои втрчаа на теренот и нашите играчи ги нападнаа со столици по главите. И второ, а тоа беше кулминацијата, никогаш не можев да си претпоставам дека западните медиуми во такви размери ќе го загубат балансот во нивното известување во корист на пропагандниот српски државен печат и мојот брат ќе го декларираат за предизвикувач на немирите, без воопшто да го прашаат како втора страна. Како може една личност јавно во светот да биде линчувана од страна на сериозни и по својата етика познати медиуми, без таа личност да ја прашаат за нејзиниот аспект на работите? И како може познати медиуми да се посветат на она парченце штоф, а не на расизмот и психичкото насилство кон гостинската екипа на еден квалификациски натпревар за Европското фудбалско првенство, само затоа што наводно одговорната личност бил братот на премиерот на оваа земја? Што се однесува на нашите играчи, јас сум горд што не паднаа во страшната стапица на физичко и психичко насилство , туку играа подобро од Србите, имаа повеќе шанси и без сомнение, играа со достоинство.
Да се вратиме кон симболиката: колкава е опасноста од „големоалбански“ национализам во регионот?
Поимот „Голема Албанија“ повторно отсликува исконски страв кај Србите, тој не е албански проект! „Голема Албанија“ не постои во никаква политичка агенда, ниедна политичка партија во Албанија не ја следи таа цел. И ниту најзанесениот албански националист во транспарентот над белградскиот стадион нема да го препознае својот сон. Мнозинството Албанци сакаат „Голема Европа“ со Албанија, Косово и сите земји од регионот во кои живеат, во рамките на ЕУ. Без двојба, национализмот е голема опасност за регионот во кој се шират невработеноста и сиромаштијата. Кон тоа се надоврзуваат социјалните неправди и чувството на исклученост од обединета Европа. Но, не смее да се заборави, Балканот е мултиетнички и мултирелигиозен регион. Овој факт го прави уште повреден мирниот соживот кој го постигнавме, но и го зголемува експлозивниот потенцијал, ако мирот не биде поддржуван од европските проекти како интеграција, соработка, вработување и продуктивност.
Каков е ставот на Албанија кон Албанците во соседните држави: Косово, Србија, Македонија, Црна Гора и Грција?
Нашиот став е јасен како сончева светлина: обединети на патот кон Европа!