1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година со опасниот вирус на ебола

Сабрина Пабст/ Жана Ацеска 2 јануари 2015

Во Западна Африка веќе една година пустоши ебола. На почетокот никој не знаеше дека опасниот вирус толку брзо ќе се прошири. Експертите предупредуваат: иако за еболата веќе не се известува често, таа и натаму убива.

https://p.dw.com/p/1EA5a
Фотографија: REUTERS/Baz Ratner

Почна на 2 декември 2013 година: двегодишниот Емил од малото село Мелианду во Гвинеја доби стомачни болки, температура, почна да повраќа. По четири дена тој беше мртов. Кратко време потоа умреа мајка му, сестра му, баба му и една медицинска сестра. За научниците малиот Емил претставува „пациент нула“. Преку историјата на неговата болест тие го реконструираа почетокот на досега најтешката епидемија на ебола во Западна Африка. Своите истражувачки резултати тие ги објавија во магазинот „Медицински журнал на Нова Англија“.

На крајот на март 2014 година медиумите известија за првите 60 смртни случаи од ебола. Инфицирани беа дополнителни 100 луѓе. Министерството за здравство на Гвинеја кај Светската здравствена организација пријави епидемија на ебола. Вирусот во наредните недели и месеци се рашири и во соседните држави Сиора Леоне, Либерија и Нигерија.Во првиот момент никој не претпоставуваше оти смртоносниот вирус брзо ќе се распространи и во една година ќе усмрти речиси 6.000 луѓе, а над 18.000 ќе бидат инфицирани.

„Зачудувачки постигања на помагачите“

Половина година по првите случаи на ебола, лекарите на теренот предупредија-ситуацијата излегува од контрола. Ова беше најтешката епидемија на ебола од нејзината појава пред 40 години. Во тој момент организацијата „лекари без граници“ во Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија регистрираше над 60 места во кои пустоши вирусот на ебола. За да го сузбијат вирусот, западноафриканските министри за здравство и експертите решија да започнат едукативни кампањи во погодените земји.

Sierra Leone Ebola
Земјите најпогодени од еболата имаат потреба од помошФотографија: REUTERS/Baz Ratner

Истовремено, Светската здравствена организација се обрати до Клиниката за тропски болести во Хамбург со молба да го лекува Шеик Умар Кан, еден од најважните експерти за ебола во Сиера Леоне, кој се инфицирал за време на својата работа. До префрлање на лекарот воопшто не дојде, тој беше првото медицинско лице што падна како жртва на епидемијата. Малку подоцна се дозна оти над 240 медицинари и помагачи на теренот се исто така заразени, 120 од нив починаа. Причини, меѓу другото, се претераната оптовареност со работа и премалку хигиенски средства, како на пример заштитна изолирачка облека и ракавици. „Лекари без граници“ предупредија дека медицинарите не можат да излезат на крај со постојаното влошување на ситуацијата.

„Ебола-катастрофа во катастрофата, практично беше пропаста на здравствените системи во погодените земји“, резимира Флоријан Вествал, раководител на хуманитарната организација „Лекари без граници“.

„Мора да се цени тоа што службите и помагачите во одделни земји при борбата против епидемијата навистина постигнаа зачудувачки работи. Инсистираме организациите да се ангажираат и во обичните болници, за поради случаите на ебола да не биде парализирана целокупната здравствена заштита“, вели Вествал.

Надмината опасноста од зараза?

На 7 август 2014 година еболата стигна во Европа. Свештеникот Мигуел Пахарес беше пренесен во Мадрид, по налог на шпанската влада, но тој умре неколку дена подоцна. По него во западните земји беа пренесени и други заразени лица-помагачи, заради медицински третман, иако, не секогаш успешен. И покрај смртните случаи, се чинеше дека карантинските одделенија беа добро опремени и вирусот е под контрола. Но, стигна отрезнувањето: првпат со ебола се инфицираа две медицински сестри надвор од Африка, двете жени преживеаја.

Лекарите и експертите уште не можат да разберат зошто некои пациенти оздравуваат а некои умираат. Американскиот лекар Кент Брантли и медицинската сестра Ненси Врајтбол се согласија при нивното лекување да биде употребено експерименталното средство ЗМапп, претходно тестирано само кај животни. Официјално дозволен лек против еболата се‘уште нема. Светската здравствена организација се двоумеше околу спорната препорака против ебола да се употребат и се‘уште неодобрени лекови.

Liberia Monrovia Zentrum Deutsches Rotes Kreuz
Светот и натаму треба да се ангажира против опасната болестФотографија: DW/J. Kanubah

Западот се ангажираше на терен

Светската здравствена организација на 8 август поради епидемијата на еболата прогласи меѓународна вонредна здравствена состојба. Таа документираше 1711 случаи со над илјада мртви. Мерките беа заострени во светски рамки, во жариштата беа подигнати центри за третман на болните, воведени воздушни мостови и испратен медицински персонал и опрема.

„Помошта почна доцна да стигнува. Притоа, недостигаше првенствено квалификуван персонал, кој мораше да биде обучен“, објаснува Флоријан Вестфвал од „Лекари без граници“, осврнувајќи се на акциите за помош од меѓународната заедница.

„Но, сега мора да се концентрираме на напорите за флексибилна реакција на појава на ебола во други земји, за директно во корен да сузбиеме нов извор на епидемија“.

Светската банка на располагање стави 200 милиони долари. ОН во Њујорк формираа кризен центар за ебола со 600 милиони долари. Освен тоа, ОН побараа од донаторите да им ги отпишат сите дотогашни долгови на земјите кои се најтешко погодени од епидемијата на ебола. И ЕУ и САД постојано ја зголемуваа својата финансиска поддршка. Социјалната и здравствената состојба во засегнатите земји сепак се влоши. Карантинските мерки,ограничувањата за патување и транспорт доведоа до нереди, панични купувања и куќно складирање производи, растечки цени и недостиг на прехранбени продукти.

„Во 2015 година приоритет ќе биде постигнување контрола врз епидемијата“, смета Вествал. Додуша, воЛиберија постои причина за воздржан оптимизам, но таму ситуацијата во големи делови не е помалку тензична. Во Сиера Леоне секојдневно се појавуваат новоинфицирани. Затоа, и во 2015 и 2016 година ќе биде потребна натамошна меѓународна помош.

„Се надеваме дека кризата со ебола нема да биде заборавена поради тоа што не се јавува толку често во медиумите“, предупредува Вествал.