1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една „Македонија“ за алвата, друга за ајварот

БГ /АФП
1 март 2019

Македонските и грчките бизнисмени ќе треба да разговараат за користењето на брендот „Македонија“ на своите производи, јавува агенцијата АФП. Компромисот треба да се постигне до 2022 година.

https://p.dw.com/p/3EEPd
Neue Schilder an Grenze zwischen Mazedonien und Griechenland
Фотографија: Government Republic of North Macedonia

Грчката влада ги повика трговците да учествуваат во разговорите со своите колеги од Северна Македонија со цел да се испеглаат потенцијалните недоразбирања во врска со користењето на името Македонија.

„Оптимист сум дека со ладни глави и дијалог меѓу професионалци може да се најде решение“, изјави грчкиот генерален секретар за трговија и заштита на потрошувачи, Димитрис Авлонитис.

Околу 4.000 производи во Грција го користат името „Македонија“ на своите етикети, особено оние од грчкиот регион Македонија.
Согласно Преспанскиот договор, Грција се согласи да не го спречува користењето на името

„Македонија“ од страна на соседната земја, но тоа предизвика несигурност кај грчките трговци кои сакаат да го заштитат името под кое тргуваат.

„Имаме адекватни инструменти. Меѓународното право и Европските договори можат да им помогнат на бизнисмените да ги заштитат своите производи“, вели Авлонитис.

„Постоеше ризик од забуни дури и пред договорот“, додава тој.

Deutschland Supermarkt Wein aus Mazedonien
Македонско вино во германски супермаркетФотографија: DW/B. Georgievski

Веќе постојат 19 регистрирани грчки брендови и имиња на компании кои го носат името Македонија, вклучително и македонско вино и македонска алва. Во Северна Македонија, најпроминентно место на извозната листа зазема македонскиот ајвар.

Согласно договорот меѓу двете земји, треба да се одржат „искрени“ разговори на кои ќе се бара компромис за трговските марки и комерцијалните имиња. Во нив ќе учествуваат и меѓународни експерти. Комисија на експерти ќе биде основана годинава и таа мора да ја заврши својата работа до 2022 година, вели Авлонитис.