Една петтина од Германците се каат што се родители
3 август 2016„Се каам што сум родител“ - е реченицата која Холгер Гајслер, портпарол на институтот Југов (YuGov), често ја слушаше во последните неколку денови додека со своите колеги спроведуваа истражување врз 2.045 родители испитаници. Едно од прашањата во истражувањето гласи: „Доколку можете да одберете, дали повтоврно би се одлучиле да имате дете?“, а резултатите се следниве: 19% од мајките и 20% од татковците одговориле „не“. Исходот од истражувањето Гајслер го прогласи за „критичен“.
Аларм
За ваквите резултати придонесуваат неколку фактори. Имено, 52% од испитаниците објасниле дека во одредени животни ситуации се чувствуваат ограничени поради фактот што се родители, а 44% од мајките и 20% од татковците сметаат дека децата преставуваат пречка во развојот на нивната кариера. Сепак, високи 77% од родителите истакнале дека родителството ги исполнува.
Голем дел од родителите изјавиле дека родителството би било полесно доколку во Германија има повеќе места за нивните деца во градинките, а 64% од испитаниците одговориле дека бројот на места во градинките е недоволен. Министерката за семејство на најнаселената германска покраина Северна Рајна Вестфалија, Кристина Капман смета дека никој не смее да заостанува во кариерата само поради тоа што се одлучил да има семејство.
Холгер Гајслер, кој и самиот е родител на четири деца, смета дека политиката би требало повеќе да направи за идните родители. Доколку во земја со низок наталитет како што е Германија, 20% од родителите изјавиле дека зажалиле за одлуката да станат родители, тоа би требало да се сфати како сериозен аларм.
„Лоши мајки“
Реакциите по објавувањето на студија се прилично поделени. Независно од тоа колку Германија е модерна земја, кон жените кои имаат мали деца и деца на школска возраст, а сакаат да работат се гледа со сомнеж. За овие жени се користи изразот настанат уште во средниот век – „мајка гавран“.
Постои израз и за мајките кои сакаат повторно да родат откога децата ќе го напуштат „гнездото“, обично кон крајот на четириесетите и педесетите години од животот. За „повратничките“ државата има посебни програми за вработување.
Холгер Гајслер, кој по професија е психолог, смета дека процентот на разочарани родители би можел да се намали доколку паровите размислат добро пред да донесат одлука да имаат дете. „Мислам дека добро треба да размислат што носи со себе раѓањето на дете. На младите татковци не им е сосема јасно до кој степен може да се смени нивниот живот, особено сексуалниот живот по доѓањето на детето“, вели Гајслер.
Иако студијата шокираше многумина сепак треба да се погледнат нејзините сегменти, затоа што 95% од испитаниците сепак изјавиле дека и покрај се ги сакаат своите деца и сметаат дека станува збор за „најубавиот подарок во животот“.