Еколошки автомобили од лентата на Опел?
20 ноември 2008Она што звучи како априлска шега, за основачот и сопственик на СоларВорлд, Франк Азбек е сериозна работа. Бонскиот претприемач за таа цел има намера да инвестира 250 милиони евра сопствен капитал и дополнителни 750 милиони евра банкарски гаранции.
Франк Азбек пред новинарите подвлече дека неговата понуда е сериозна: „Како СоларВорлд располагаме со ликвидни средства од околу една милијарда евра, на кои можеме да се потпреме. Со оглед на нашиот пораст, со сопствени средства можеме да финансираме само дел од зделката со Опел. Затоа бараме Џенерал Моторс, да учествува со една милијарда, односно 40 илјади евра по работник во Риселсхајм и другите фабрики.“
Визија за еколошки автомобили
Франк Азбек во Бон е познат како „Бог на сонцето“. Ова е лесно разбирливо од причини што претприемачот веќе 20 години заработува пари со постројки за соларна енергија. Според извори од претприатието, тоа е меѓу најдобрите три во браншата ширум светот. Фирмата произведува колектори кои секој може да ги монтира на покривот. Во автомобилската бранша сеуште нема големо искуство но: „Имаме визија, германски производител на автомобили, во автомобилската бранша да го постигне тоа, што ние го постигнавме во областа на соларната технологија.“
На најавите на бонската фирма реагираше и берзата. Курсот на акциите на СоларВорлд падна. Но се чини дека ова не го вознемири сопственикот на фирмата Азбек: „Стратешкото позиционирање на нашата фирма не може да зависи од дневниот промет на берзата. Вредностите на берзата одат горе - долу. Важна е реалната економија. Ние сме високо профитабилно претпријатие со 60 проценти извоз во странство во фабриките во Кореа и САД, добро ја познаваме нашата деловна дејност.“ ,вели Азбек.