1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата пред катастрофа

Костадин Делимитов
31 март 2021

Времето поминува, нервозата расте, кризата се продлабочува. И покрај договорот, помошта никако да стане оперативна во парламентот.

https://p.dw.com/p/3rQgG
Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Долговите растат, обврските се трупаат, невработеноста се зголемува, помошта од државата никако да пристигне. Петтиот пакет мерки кој треба да ги покрие потребите на стопанството и граѓаните за февруари, март и април и натаму е заглавен во парламентот. Ако до пред десетина дена, проблемот беше на релација СДСМ - ВМРО ДПМНЕ, сега кочничар е опозицијата од албанскиот блок која поднесе неколку илјади амандмани, како условување за законот за државјанство.

Заглавениот процес ги оневозможува компаниите да аплицираат за помошта за плати, како клучен сегмент од пакетот, кој освен ова носи и други 28 мерки за поддршка на стопанството и граѓаните. Бизнис заедницата е нервозна и револтирана од она што се случува во законодавниот дом.

„Навистина сме заложници на политичарите, без разлика што тие се изгласани од народот, од граѓаните, и нивната основна функција е таа, сепак тие ги застапуваат своите партиски интереси. Голем е парадоксот и веројатно политичарите не биле далеку од вистината дека навистина сме биле граѓани кои можеме да издржиме и да се стрпиме врз основа и цена исклучиво на незнање како функционира едно општество, врз основа на услуги и прибирање на даноци, потрошувачка и инвеститорска економија. За жал политичарите покажуваат дека тоа не го знаат, бидејќи веројатно не знаат дека секоја една услуга, секој производ, секоја економска активност од каков било карактер, создаваат вредност и основица за даночни обврски. Дали го прави државата, приватниот сектор, без разлика. Тоа значи дека голем дел од пратениците немаат врска што значи создавање вредност и од каде таа создава основица за приходи за државата", реагира во изјава за Дојче веле Миле Бошков од Бинзис конфедерацијата.

„И овде може да се работи“

Резервите се исцрпени

Во вакви услови клучниот проблем е како да се преживее и да се премости критичниот период. Во услови на беспарица и отежнато работење тоа е исклучителен предизвик, реагираат бизнисмените:

„Покривањето на овој критичен период е уште една несолвентна и неликвидна операција. Ова што се живеело во меѓувреме или било преку покривање со заем, кредит или врз основа на неплаќање на услугите. Оти и овие месеци е трошено и се живее. Граѓаните не престанаа да трошат за струја, вода, леб и други основни намирници, а сепак од некаде се исцрпени тие извори и се овозможени тие услуги. Е тука станува сега непознаницата како ќе се подмири тоа и колку тоа ќе чини“, предупредува Бошков.

Повеќе на темата:

Ковид-пакет: Дали владините мерки за стопанството се по мерка?

Антикризната помош е навремена, но колку и доволна?

Тури - претури со капиталните инвестиции за спас на економијата од „Ковид 19“

Доцнењето на мерките е сериозен проблем, а тоа што веќе два месеца се непокриени отвора и дилеми околу целата смисла на пакетот мерки:

„Не се губи толку смислата, оти и задоцнети мерки се подобри отколку никакви мерки, затоа што обрасците за помошта за плати дозволуваат да се направи исправка за февруари и да се добие помошта за секој вработен. Така што тоа не е толку голем грев, колку што би бил грев ако воопшто не се донесе законот. Е тогаш, тоа би било катастрофа за економијата", предупредува во изјава за Дојче веле Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Помошта треба и мора да се реализира

Тој сепак се надева дека разумот ќе преовладее и ќе има договор за пакетот, кој и со задоцнување сепак ќе може да се искористи: 

„Се надевам дека ќе има договор со албанската опозиција, па да може да се повлечат амандманите и да се донесе законот. Ако тоа се направи, се надевам дека за три до четири денови ќе може, оти се е поготвено и подзаконски акти и софтверот во УЈП е подготвен за да можат компаниите да поднесуваат барања за помош за февруари. Ние тоа го направивме и за првиот сет на мерки во 2020 година кога веќе законот се донесе а платата беше исплатена, но со исправка се одбележаа работниците за кои што треба да добијат поддршка и добија. И тоа и сега ќе се случи. Но проблем е со компаниите кои немале доволно финансиски средства да ја исплатат платата и чекале да добијат помош, како тоа е решено. Тоа е непознаница. Но во секој случај и за едните и другите, помошта треба и мора да се реализира“, укажува Димитров.

Mazedonien Finanzamt Skopje
Софтверот во УЈП е подготвен за да можат компаниите да поднесуваат барања за помош за февруариФотографија: DW/P. Stojanovski

Дел од бизнис заедницата веќе предупредува дека и да се донесат, мерките од петтиот пакет нема многу да помогнат, оти ударот од кризата е преголем. Веќе се заговара дека мора да се оди и на шести пакет мерки, ако тоа воопшто и е возможно:

„Вака како што одат работите, посебно во Германија и нашите големи партнери, најверојатно кризата ќе потрае подолго. Но колку владата ќе има финансиски можности за шести пакет на мерки, не знам. Сигурно дека ќе има потреба, но тоа ќе зависи од можностите за нови долгови, задолжувања. Знаете дека во вакви услови со ослабена економска моќ, новите долгови се и ризик за иднината, оти тогаш наместо за развој ќе даваме пари за камати за земаните кредити. Сегашните кредити значат ограничување на идниот развој“, предупредува Димитров.

Колку се потребни мерките од државата покажуваат статистичките податоци. Невработеноста континуирано расте. Од стартот на кризата без работа се евидентирани над 50 илјади работници, од кои како директна последица на ковид кризата се 18226. Овие податоци се заклучно со февруари.

Загрижувачки висока е и листата на должници по разни основи која ја објави Управата за јавни приходи. Заклучно со крајот на март има дури 2790 правни и физички лица кои по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок, придонеси, акцизи и царини должат околу 170 милиони евра. И тоа сумирано на она што е доспеано до крајот на ноември 2020 година. Каква е состојбата од тој период наваму, засега нема официјален податок.

Дополнителен проблем за граѓаните е што денеска  истекува и рокот за одложено плаќање на ратите на кредитите на физичките лица кои ги дадоа банките на одредени категории граѓани погодени од здравствената криза. Дали ќе има ново продолжување, засега е неизвесно. Одложена отплата на кредитите имаше во два наврата, од 1 април до 30 септември 2020 година и вториот, од 1 октомври 2020 година заклучно со 31 март 2021 година.