1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ако американските војници заминат од Германија?

Артур Саливан
10 јуни 2020

Според најавите, до септември до 10.000 американски војници би можеле да ја напуштат Германија. Тоа би имало големи економски последици за малите гратчиња во кои веќе 70 години се сместени американските трупи.

https://p.dw.com/p/3dVJO
Deutschland Standort der US-Armee in Ramstein | US-Präsident Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/Zuma Press/Planet Pix/S. Craighead

Повлекувањето на американските војници секако би имало бројни геополитички последици. Но, за германските градови во кои се наоѓаат американски воени бази, редуцирањето на бројот на војници би имало многу локални и непосредни последици.

„Волстрит журнал" извести дека претседателот Доналд Трамп решил до крајот на септември да го намали бројот на американски војници во Германија од сегашните 34.000 на околу 25.000. Не е објавено од кои бази би биле повлечени американски војници. Тоа предизвикува вознемиреност во бројни, главно помали германски градови каде се сместени базите.

Мали градови, големи воени бази

Мали градови како Графенвер во сојузната покраина Баварија, или Рамштајн во Рајнланд-Пфалц, по крајот на Втората светска војна се навикнаа на присуството на американските војници и нивните семејства, а и забележаа развој врз таа основа.

Гратчето Рамштајн официјално има околу 8.000 жители, што е ситница за германски прилики. Но, истовремено во тамошната воздухопловна база се стационирани отприлика ист толкав број американски војници, а во градот има двојно повеќе членови на нивните семејства.

Повеќе:

Трамповата казна за непослушната Германија

Што ќе значи повлекувањето на американските војници од Германија

Американците повлекуваат војници од Европа

Во Графенвер тоа е уште поизразено: таму живеат околу 6.000 Германци и преку 10.000 американски војници. А тука се надоврзуваат уште и нивните семејства.

Хот-дог и печени колбаси

Мала прошетка низ главната улица на Графенвер покажува што би значело заминувањето на Американците: тука се табли на Американската воена банка, американска фирма за продажба на возила, Тортуга ТексМекс бар, американски ресторани. Тоа секако не се табли кои можат да се најдат во други германски градови.

Секоја година во гратчето се одржува германско-американска народна прослава – голем настан за продавачите на хот-дог и печени колбаси. Седум децении американско присуство имаат оставено длабока трага во градот – има бројни германско-американски семејства и фирми.

Освен тоа, во американските воени бази, исто како и во американските фирми кои ги опслужуваат, се вработени бројни германски цивили – се проценува дека ги има вкупно околу 12.000.

Infografik US-Militärbasen in Deutschland EN

Постојано намалување на бројот на американски војници

Но, намалувањето на бројот на американски војници во Германија не е нова појава. Меѓу 2006 и 2018 година нивниот број е намален од 72.400 на сегашните 34.000.

За нивното економско значење за локалното население зборува и една студија од Универзитетот во Триер: според нивните податоци, воената база во Рамштајн и блиската Спангдалем на локалната економија ѝ донеле околу 1,4 милијарди евра и помогнале во настанува и зачувување на околу 27.000 работни места.

Затворањето на воените бази би имало големи последици за локалната економија, па не чуди што овие градови јасно се противат на заминување на Американците.

И Германците вложуваат

Но, не вложуваат само САД во тие воени бази. Иако Доналд Трамп постојано ја критикува Германија дека не дава доволно пари за војската, владата во Берлин неодамна објави дека само од 2012 година на име на помош на стационирањето американски војници во земјата на располагање ставила 243 милиони евра.

Со тоа пред сѐ се покриваат трошоците на некогашните вработени во американските бази, како и одржување на дел од инфраструктурата. Иако присуството на американска војска им носи корист на германските градови, постои и значаен удел од самата германска влада.

Иднина

Какви конкретни последици ќе имаат најновите најави за германските градови, засега е тешко да се предвиди. Можно е најавениот број од 9.500 војници да биде распределен на повеќе американски воени бази во Германија, што би значело дека сите ќе загубат по малку, но никој премногу. 

Но, правецот на развојот е јасен: германските општини и градови кои сега во добра мерка зависат од американската војска, би требало да се подготват за иднина, кога од Германија ќе биде повлечен и последниот американски војник.