Емоционално збогување на Германците со Британија
18 јануари 2019Водечките германски политичари, славни личности, спортисти и бизнисмени во емотивна порака им порачаа на своите „британски пријатели“ дека вратата на ЕУ секогаш ќе им остане отворена.
„Британија е дел од нас како Европејци“, се наведува во писмото. „И затоа ќе ни недостасува Британија. Ќе ни недостасува легендарниот британски црн хумор и одењето во паб по завршувањето на работното време на пиво. Ќе ни недостасува чајот со млеко и возењето на левата страна на патот“.
Кусото писмо е потпишано од лидерите на двете најголемите политички партии во Германија, Христијанско-демократската унија и Социјалдемократите, Партијата на Зелените, како и првите луѓе на четирите најголеми индустриски асоцијации, шефовите на Дајмлер и Ербас, рок-ѕвездата Кампино, пијанистот Игор Левит, и поранешниот репрезентативен голман Јенс Леман.
Писмото започнува со благодарност до Обединетото Кралство за историската улога на европскиот континент. „По ужасите на Втората светска војна, Британија не се откажа од нас. Таа ја прифати Германија назад како суверена нација и европска сила. Ова ние, како Германци, не сме го заборавиле и благодарни сме“.
Авторите на писмото инсистираат дека иако „сфаќаат оти слободата која денес ја уживаме како Европејци на многу начини беше изградена и одбранета од британскиот народ“, тие сепак „го почитуваат изборот на британскиот народ да ја напушти ЕУ. “
„Оттука Британците треба да знаат: Од сесрце, сакаме да останете“.
Одговорот од проевропските британски политичари беше еднакво ласкав. Поранешниот лабуристички министер Ендрју Адонис го опиша писмото како „најважното писмо напишано до еден релевантен весник во неговиот живот“.
И други познати германски јавни личности најдоа начин да го поткрепат британското его во очекување на нивното напуштање на ЕУ. Волфганг Ишингер, искусен дипломат и претседавач со Минхенската безбедносна конференција, во средата изјави дека историската важност на Британија значи дека ЕУ мора да и даде „специјална улога“ по Брегзит.
„Дури и да не сте пријател на Британија, мора да признаете дека европската безбедносна и одбранбена политика до одредено ниво беше одржувана од Британија“.
„Британското познавање на надворешнополитичките прашања од сите видови, да бидеме искрени, вообичаено е поголемо од она на Германците, или на Естонците, или на Португалците, едноставно затоа што имаат многу искуство, затоа што се поранешна светска велесила, затоа што имаат многу компетентна дипломатска заедница“, рече Ишингер.