1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов увоз на струја по астрономски цени

Костадин Делимитов
19 јануари 2017

Македонија плаќа прескапа цена за да ги покрие потребите од електрична енергија. Експертите критикуваат за недомаќинлук и бараат одговорност за погрешните политики!

https://p.dw.com/p/2W1w6
Haiti nach Hurrikan Matthew - Reparatur Strommast
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Barria

РЕК Битола во состојба падни стани, замрзнати и нефункционални хидроакумулации -македонските електроенергетски капацитети се во очајна состојба. Среде поларна зима, тие не се во состојба да ги произведат количините на струја кои се неопходни за покривање на потребите на  потрошувачите. Па така наместо домашна, Македонија е принудена интервентно да увезува струја за која се плаќа висока цена. Само од Божик досега, потрошени се 4,2 милиони евра за покривање на потребите, а веќе за утре е закажан нов, шести едно подруго увоз на 22.000 мегават часови електрична енергија неопходни за да се истурка месецов. Милионскиот увоз на струја можеби ги покрива потребите на пазарот, но не ги амнестира надлежните од неодговорните политики во делот на енергетиката, предупредуваат упатените: 

„Ние сме пред тотален колапс во делот на енергетиката. Во РЕК Битола има залихи на јаглен за пет дена, хидроакумулациите не работат, дел се замрзнати, има снег, но нема вода. И замислете, сега сме пред шести увоз за половина месец. Па што прави ова раководство на ЕЛЕМ, можело да се реагира соодветно и да се направи план за еден увоз за цел период што ќе чини многу поевтино. Ова само покажува колку се неспособни и од денес за утре не можат да ја проценат состојбата“, реагира Митко Андреевски, претседател на комисијата за енергетика во СДСМ.

Ако се анализираат движењата на берзанската цена на струјата, тогаш е извесно дека новата набавка ќе чини најмалку 1,5 милиони евра или можеби и повеќе. Или, вкупно околу шест милиони евра струја за половина месец купена по невообичаено високи цени:

„Проблемот е што ЕЛЕМ не купува на берза, нема фирма за таква намена и тоа го прави по пат на аукција со учество на неколку фирми. И затоа бевме сведоци на досега невидени, рекордни 240 евра за мегават час. За илустрација, тоа е десет пати повеќе од цена за произведен мегават во летен период под услов и да најдете купувач за него. И сево ова ескалира по Нова Година, кога со промените на законот ЕЛЕМ доби право да ги купува потребните количини електрична енергија, односно оние кои што не може да ги произведе, а се потребни за тарифните потрошувачи, граѓаните и малите фирми. До сега тоа беше обврска на ЕВН“, реагира Андреевски. 

Mazedonien Land und Leute Energieversorgung
Фотографија: Petr Stojanovski

Надлежните пак смируваат, пазарот нема да се соочел со проблеми и нема да има недостиг од електрична енергија, ниту пак ценовни шокови врз грбот на граѓаните. Важно било што во вакви временски услови успеале навреме да обезбедат електрична енергија за потребите на потрошувачите. Претстојната набавка треба да обезбеди доволно количини електрична енергија за да се покрие првиот месец од годината но се далеку од долгорочно решение предупредуваат експертите.

Актуелната состојба, иако во неповолни временски услови, кои и не треба да се нешто неочекувано за овој период од годинава, се дополнителен аларм дека се потребни сериозни промени во енергетските политики и инвестициските планови кои со години се актуелни но само на хартија:

Итна потреба од нов капацитет

„На Македонија и е потребен голем термоенергетски објект, без разлика дали тој ќе биде на гас или на јаглен. Според пресметките, еден милион евра за еден мегават час, ни требаат најмалку 600 милиони евра за изградба на објект кој би произведувал електрична енергија. Но внимавајте тие пари не се даваат во една година, туку се обезбедуваат во подолг период. Осум години по 80 милиони евра и ќе бидеме мирни. Но тоа никој не го прави. Ние фрламе по три милијарди годишно за разни работи, а за ова не одвојуваме ништо“, реагира универзитетскиот професор Атанаско Туневски. 

Kohlekraftwerk REK Bitola in Mazedonien
РЕК Битола се соочува со постојани проблемиФотографија: Petr Stojanovski

Она што под итно и треба на Македонија според Туневски е нов капацитет со средна големина:

„Тоа ни е неопходно ако сакаме долгорочно да обезбедиме стабилност. Тој капацитет мора да биде лоциран во близина на железничка пруга или до гасовод. Но исто така и блиску до Солунското пристаниште, ако се оди на употреба на јаглен. Некој ќе каже дека јагленот не е популарен и загадува, но веќе во светот имате јаглен кој е еколошки и воопшто не загадува. Секако дека гасоводот е поеколошки иако тоа може да биде и поризична варијанта од аспект на зависноста од нечии интереси“, објаснува Туневски. 

Експертската јавност веќе со години предупредува од лоши политики во енергетскиот сектор и апелира на сериозни инвестициски зафати кои се неопходни за обезбедување на енергетска стабилност и независност на земјата.  Но наместо инвестиции во реални проекти, низ годиниве се истрошија стотици милиони евра за струја, но од увоз, вносен бизнис кој според упатените им носи огромен ќар на моќни бизнис и политички структури. Оттука и нѐ чуди што фактичката состојба е главно непроменета, дури и поразителна. РЕК Битола не работи со полн капацитет и покрај постојаните скапи ремонти, што е резултат главно на лошото одржување, ТЕЦ Осломеј функционира половично, а веќе со години никако да се рестартира и ТЕЦ Неготино. Нема ништо ниту од помпезно најавуваните низа мега енергетски проекти од типот на Чебрен и Галиште, Луково поле, Соларна електрана во Битола. И од  Бошков мост, се чини нема да има ништо позначајно барем не во блиска иднина. Проектот вреден 84 милиони евра дефинитивно останува на хартија, иако по повлекувањето на кредитот од Европската банка за обнова и развој надлежните тврдат дека не се откажуваат од негова реализација. Од она што се најавуваше во владините стратегии единствено профункционира ветерната електрана кај Богданци.