Епл е најскапо претпријатие во светот
3 јули 2015Американскиот технолошки концерн Епл ја задржа водечката позиција како најскапо претпријатие во светот. На средината од годинава неговата вредност изнесува 723 милијарди долари, односно 652 милијарди евра. Актуелната берзанска вредност на концернот што го креира ајфонот е соодветна на целокупните годишни економски постигнувања на Португалија, Финска и Грција заедно!
Консалтинг-друштвото Ернст и Јанг денеска во Штутгарт соопшти дека на второ место според берзанската вредност е џинот во областа на пребарувачки машини Гугл, проценет на 361 милијарда долари, а трет е софтверскиот концерн Мајкрософт, кој вреди 357 милијарди долари.
Пет германски фирми меѓу стоте водечки во светот
Американските претпријатија доминираат: не само што ги заземаат челните три позиции, туку меѓу првите десет осум се од САД, а две од Кина. Највредно европско претпријатие е швајцарскиот фармаколошки концерн Новартис на 11. место. Најскапите германски претпријатија се во долниот дел - фармаколошкиот концерн Баер од Леверкузен е на 62. место со вредност од 116 милијарди долари, а на листата од 100 водечки во светот уште се наоѓаат и Фолксваген, Дајмлер, Сименс и САП.
Грчката криза се одрази и кај највредните во светот!
Повеќето од 100-те најскапи претријатија во изминатите 6 месеци ја покачија својата берзанска вредност, но кризата во Грција и овде остави траги: вкупната вредност на сите нив во изминатите две недели е намалена за 300 милијарди долари - од 16,6 на 16,3 билиони (илјади милијарди - н.з.) долари! Петте германско концерни од оваа листа се посебно тешко погодени од грчката криза и за две недели вредноста им опадна за вкупно 22 милијарди долари, односно на нив отпаѓа удел од 4 проценти од вкупната загуба на вредноста на стоте најскапи светски претпријатија.