1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ер Берлин: Катастрофа која беше најавена

Хенрик Беме
16 август 2017

По повеќегодишно венеење, банкротираше втората по големина авиокомпанија во Германија. Сега помош ќе пружи државата, а потоа ќе се дели она што останало. Хенрик Беме се надева на мудри одлуки во полза на работниците.

https://p.dw.com/p/2iIg7
Deutschland Air Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Кога минатиот петок на сметката на Ер Берлин не стигна договорената кредитна транша од 50 милиони евра од големиот акционер Етихад, во централата на втората по големиот авиокомпанија во Германија почна да трешти алармот. Тогаш навистина на сите им стана јасно дека шеиците од Етихад Ервејс ја затвориле славината. Тоа и не е вистинско изненадување, зашто Етихад, која заедно со Емиратс и Катар ја сочинува групата авиокомпании од Персискиот залив, и самата има доволно проблеми. Стратегијата на Етихад - да има учество во конкурентите кои се наоѓаат во финансиски тешкотии - пропадна.

Гигантски куп долгови

Можеби зад тоа се криеше калкулацијата - на конкурентите да им се даде чувство на сигурност, а потоа на одложен рок да се остават да прегладнат. И, на крајот, да се соберат остатоците и да се преземат линиите. Но, Ер Берлин и Алиталиа,кај кои сега мора да се вклучат даночните обврзници со свои пари, се компании кои навистина се машини за уништување пари. Само Ер Берлин има планина од долгови - дури 1,2 милијарди евра. Етихад од 2011 година, од кога има учество во Ер Берлин, во својата уништена ќерка инвестираше 1,5 милијарди евра. Како што може да се види - без видлив успех. Притоа, шеиците уште пролетта, дури и писмено, ветија дека ќе останат уште барем една и пол година. Но, од тоа - ништо.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Секој кој патувал со Ер Берлин во текот на изминатите месеци можел лично да се увери колку лошо стојат работите: отпаѓање на летови, големи доцнења, летови со изнајмени, делумно чудни авиокомпании. На маса на компанијата имаше и побарувања за обесштетувања во висина од милиони евра.

„Сѐ под контрола?“ Како да не!

На акционерското собрание на Ер Берлин, на средината од јуни во Лондон, менаџментот сѐ уште ги разубавуваше работите. Претходно веќе се појавија шпекулации за лошата состојба на авиокомпанијата. Шефовите ги смируваа акционерите дека ја имаат работата под контрола. Банкрот? „Тоа не е тема за нас!“ Сега, само два месеца потоа, картите се отвораат сосема. Колку ли слеп бил менаџментот, кога не можел да види колку лошо уште тогаш стојат работите со концернот мајка Етихад?

Сега повторно се повикани даночните обврзници. 150 милиони евра гаранции или Ер Берлин ќе мора веднаш да запре со работа. Среде сезона на годишни одмори! Една од причините поради кои државата се согласува да даде гаранции гласи: за патниците да бидат поштедени од хаос. На Ер Берлин сега му се одмаздуваат многуте стратешки грешки направени во текот на годините. Со секоја одлука, секоја промена на шеф, стануваше сѐ полошо. Ако некоја дупка некаде беше затворена, веднаш се отвораа најмалку две нови.

Сега останува да се подели „крзното на мечката“. Луфтханза, која веќе презеде 28 авиони од Ер Берлин, вклучително и екипажите, сака да разгледа што уште е употребливо и тие употребливи остатоци најверојатно да ги вложи во својот евтин летач - Еуровингс. Останува надежта дека од 8500 вработени, од кои најголемиот дел немаат никаква вина за катастрофата на компанијата, што е можно повеќе ќе си го зачуваат работното место. Во таков случај и 150-те милиони евра државни гаранции би имале смисла.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58