1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каење во стил на Ердоган

СБ/ЖА28 јуни 2016

Турција се обидува да ги поправи разнишаните односи со Русија и со Израел, тоа е една од главните теми на германските весници. Аналитичарите во тоа гледаат израз на потребата за зачувување противтежа кон Иран.

https://p.dw.com/p/1JEs1
Фотографија: REUTERS

„Во ноември еден руски пилот беше убиен кога неговиот авион, ангажиран на задачи во Сирија, наводно го повредил турскиот воздушен простор - турската војска го собори. Оттогаш односите меѓу Турција и Русија се замрзнати. Сега Ердоган манифестира каење“, пишува германскиот јавен сервис АРД: „Според наводите на Москва, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се извинил поради соборувањето на рускиот авион.

Ердоган на рускиот претседател Владимир Путин му напиша дека не постоела намера за соборување на рускиот авион, изјави портпаролот на Кремљ, Димитар Песков. Ердоган упатил изрази на најдлабоко сочувство до семејството на убиениот пилот, замолувајќи за прошка.“

Додека АРД се повикува само на руски извори, дневникот Цајт онлајн на речиси истиот текст ја додава забелешката за потврда од еден од портпаролите на Ердоган во Турција, продолжувајќи: „Билатералните односи по соборувањето на авионот драматично се влошија. Путин забрани туристички пакет-аранжмани за Турција и воведе забрана за увоз на земјоделски производи од таа земја. Ердоган сега ја повика руската страна на обновување на традиционално добрите односи на двете земји, изјави неговиот портпарол, надевајќи се на заедничка борба против тероризмот во регионот.“

Дневникот Шпигел онлајн нагласува дека турската страна избегнала извинување: „Русија бараше официјално извинување, а турскиот претседател реагираше со компромисна формулација, според изјавата на неговиот портпарол, Ердоган во писмото напишал дека сака да го информира семејството на загинатиот пилот дека ја дели неговата болка и изразува сочувство, а на руската држава Ердоган и‘ изразил свое длабоко жалење поради настанот. Но, Ердоган секогаш одбиваше да и‘ се извини на Москва.“

Ankara Pakat Netanjahu Erdogan Gaza-Flotte Streit
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Се‘ поради Иран?

Германските весници се занимаваат и со помирувањето меѓу Турција и Израел: „По шестгодишна нетрпеливост, Израел и Турција се согласија околу помирување“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг. Навистина, тоа што Израел сака да им плати отштета на семејствата на турските граѓани убиени на бродот Мави Мармара, звучи како признавање на вина. Двете земји се раководат првенствено од сопствените интереси. Така Израел се надева дека Турција, која смее да испраќа хуманитарна помош во Појасот Газа, ќе влијае врз Хамас, а во конфликтот со Иран би сакал исто така да ја има Турција на своја страна. Освен тоа, Турција се согласи на помирување издејствувано од Вашингтон за со Израел и Саудиска Арабија, како регионална сила, да го спречи натамошното јакнење на Иран.“

„Тестостеронско трио“

Средувањето на односите на Турција со Русија и Израел ги коментира и весникот Зиддојче цајтунг во текстот со наслов „Помирување меѓу тестостеронското трио“: „Кога би постоела листа на допинг во дипломатијата, тестостеронот би требало да заземе висока позиција. Би требало да постои можност за дисквалификација на оние кои го примаат во големи количини. А тоа не би било проблем само за ноторно сомнителните Руси. И турскиот претседател Ердоган и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би биле меѓу оние на кои минатите години би им се заканувала забрана за играње, зашто расчекорени и со надуени гради ги руинираа пријателските односи меѓу своите земји.“

„Но, бидејќи во политиката, за разлика од спортот, целта најчесто ги оправдува сите стредства, тестостеронските престапници добија нова шанса. Ердоган и Нетанјаху сега примаат честитки за спогодбата за помирување, а од другастрана Ердоган го смири и фронтот кон Москва со јавно изразување жалење поради соборувањето на руски авион. Прашање е само дали овие актери и во иднина ќе можат да водат политика без допинг.“