Ердоган – диктатор од кој Западот има потреба
9 април 2021Може ли една „столица“ да се претвори во дипломатски скандал?! Се разбира дека може, особено ако станува збор за „столица“ која недостасува, која порано ја имало, за сега кога на неа требаше да седна жена лидер одеднаш да ја снема.
Скандалот „Софагејт“каде претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен беше третирана како пониско рангирана од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во текот на заедничката посета на Ердоган во Анкара, е дефинитивно прашање на мизогинија и мачоизам. Но, работата е поголема од навредата и третманот кој Ердоган им го резервира на жените во својата земја, која инаку, штотуку излезе од Истанбулската Конвенција за заштита на правата на жените.
Веќе некое време светските популисти и автократи се во натпревар кој повеќе ќе ги понижи симболите и институциите на европската федерална моќ. Како Путин и Лавров кои го малтретираа и понижија шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за време на посетата во Москва. Или пак Борис Џонсон кој одбиваше на европскиот претставник да му го додели рангот на амбасадор кој му следува.
Пораката на Ердоган е двојна: не сака дијалогот Европа-Турција да биде обременет со темите поврзани околу човековите права; и јасно стави до знаење дека негов реален соговорник се националните Влади, во случајов претставени од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, додека највисокиот чисто европски авторитет како Претседателот на ЕК, може да биде седнат во втор план.
Сонот на светските диктатори е да разговараат и да се договараат со поединечните национални лидери како Меркел или Макрон, притоа преправајќи се дека не постои политичката реалност наречена Европа, чии вредности и политики, за разлика од нивните, се инкарнирани во заеднички и комунитарни институции каква што е Комисијата. Но, навредите на Путин и Ердоган и нивните цинични калкулации евентуално мора да се судрат со реализмот. Затоа нивните калкулации се погрешни. Поместувајќи го судирот со Европа од суштинското и конкретното во полза на симболичното и вредносното, само дополнително ја зацврснуваат и обединуваат Европа во насока да застане во одбрана на своите институции.
Други колумни од авторот:
-Европската криза со вакцините ги разболе Германија и Франција
-Бајден ја турка ЕУ во Втора студена војна
-Зад Путин-убиецот стои доктрината Бајден
По навредата на Путин врз Борел, односите помеѓу Брисел и Москва паднаа на својот историски минимум. Шамарот на Ердоган за фон дер Лејен само го помести вниманието од парите кои треба да ги добие за задржување на бегалците, на бројните полиња каде турската држава ги крши човековите права. Единствено во што успеа Ердоган е да покаже и да докаже колку Шарл Мишел е неадекватен за позицијата која ја извршува и кој наместо да седне како труп до Ердоган, требаше да остане на нозе се додека неговата колешка не добиеше соодветно гостопримство. Повеќе од добра политика се работи за домашна култура и добра едукација.
Овој дипломатски инцидент не би требало да ја промени суштината на европската стратегија за воспоставување на една позитивна агенда со Турција во обид за затоплување на односите. 27-те членки веќе ги замрзнаа санкциите за водечките раководители на Turkish Petroleum Corporation, како последица на расположението на Анкара да седне на преговори со Атина, откако претходно ги суспендираше нелегалните активности за истражување природен гас во источното Средоземје. Се разбира, Брисел се преправа дека не ги знае вистинските намери на Турција која ја нема променето својата идеја околу спорот со Грција. Исто како што Брисел ќе се преправа дека премногу инсистира на човековите права, само со цел да добие поголеми отстапки од страна на Ердоган на други теми.
Реалноста е дека Брисел повеќе не ја смета Турција за земја кандидат за влез во ЕУ. Оттука, што поради притисоците и обидите на Вашингтон во овој момент да игра политика на морков, како и поради своите економски и политички интереси, Брисел одбра да ја промени стратегијата и да прифати прагматичен пристап кон Турција. ЕУ знае колку е важно да се оддржат стабилни и конструктивни односи со клучен регионален играч како Турција, како што Вашингтон знае дека во новиот судир со Русија и Кина не смее да го загрози источното крило на НАТО и да изгуби вреден сојузник како Турција.
Во исто време турската регионална експанзија и нео-отоманскиот национализам на Ердоган, доколку сакаат да продолжат, заедно со домашната репресија каде жртвени јагниња се сите форми на опозиција, Турција ќе мора и веќе почнува да го менува својот агресивен и мускулест пристап кон Европа и Средоземјето. Финансиската состојба во Турција е драстично влошена со лирата која во 6 месеци се обезвредни за 20%, додека на политички план мора се прилагоди на новата политика и пристап на администрацијата на Џо Бајден. Од тие причини веќе е приметлив намалениот турски поморски притисок врз Грција, почетокот на нормализација на односите со Египет и ембрионалната форма на дијалог со Израел.
Главните теми на кои Европа ќе се фокусира се проширувањето на царинската Унија со Турција која постои од 1996 година, нешто што е клучно за Брисел после Брегзитот. ЕУ веќе со години ја смета Турција за „gatekeeper“ кој ги држи бегалците подалеку од регионот. Анкара секако не сака да го изгуби богатиот европски придонес за чување на околу 4 милиони сириски бегалци. За таа цел Европа смета дека договорот од 2016 година се уште е валиден и навестува нови суми во висина од неколку милијарди евра како помош за Анкара. Останатите клучни теми се секако комплексното прашање во Средоземјето и судирот со Грција и Кипар, односно, решавањето на клучните енергетски прашања, нешто што би добило позитивен импулс доколку Турција се одлучи да го потпише Парискиот климатски договор.
Тука нормално фигурира и најновиот проблем кој настана со конечното одобрување за изградба на многу посакуваниот од Ердоган - истанбулски Канал. Идејата е да се изгради вештачки канал кој би го бајпасирал Босфорскиот теснец. Стравот од овој потег е дека Турција би можела да излезе од Конвенцијата од Монтро од 1936 година каде покрај Турција потписнички се и Франција, Грција, Романија, Велика Британија, Италија и Советскиот сојуз и со кој се регулира навигацијата и преминот низ Босфор и Дарданели. Станува збор за стратешки теснеци, двојно економски поважни од Суецкиот канал, многу важни за сите земји кои излегуваат на Црното море, но особено за Русија, за која тие се единствениот пристап кон топлите води на Егејот и Медитеранот. Околу можното напуштање на договорот од Монтро преку меморандум до турската Влада загриженост изразија 104 поранешни адмирали на турската морнарица, кои промптно беа обвинети за обид за конспирација против државата и десет од нив беа веднаш уапсени. Конвенцијата од Монтро се смета за клучен договор кој на Турција и дозволи да остане неутрална за време на Втората Светска војна и нејзиното евентуално проблематизирање би можело да биде протолкувано како „casus belli“ од страна на Русија. Нешто што не го посакува ни Европа, уште помалку САД.
За САД ситуацијата со Турција е многу јасна. Во овој момент е недозволиво Турција да се изолира или оддалечи од Западот, затоа што тоа би создало сериозни проблеми во архитектурата на западната безбедност. Најновиот извештај НАТО 2030 ја идентификува Русија како главна закана за Алијансата и оттука се бара од сите земји членки на НАТО да применат соодветни мерки за поголема кохезија и посилно спротивставување кон Москва.
Анкара се уште е премногу вредна за Вашингтон. Како заштитник на источното крило на Алијансата за време на Студената војна, а особено поради актуелниот подем на регионалните сили, Турција е повторно клучна во спротивставувањето кон Москва на разните воени театри како оние во Сирија, Либија и Кавказот. Турција одигра клучна улога во ограничување на сириските напади поддржани од Русија во провинцијата Идлиб, на тој начин давајќи свој придонес во процесот на политичка транзиција. Истата улога ја одигра и во Либија каде застана на страната на Владата за национално единство, бранејќи го Триполи од нападите на генералот Хафтар поддржан од Русија, Франција и некои од земјите од Заливот. Конечно, Турција е силен поддржувач на Украина и со своето одлучно спротивставување на анексијата на Крим стана пример дека Анкара може да дејствува во регионот во синхронија и координација со Западот.
Се разбира дека турската надворешна политика е крајно проблематична и нејзините намери не секогаш се искрени. Сепак, градуалното дистанцирање на САД и на ЕУ од кризните региони во Блискиот Исток и Средоземјето ја отвори вратата за руската пенетрација на која само Турција се спротивстави.
Сега, јасно е дека зоните на криза во турско-американските односи се толку бројни и големи што и по три месеци од инаугурацијата Бајден се уште нема разговарано со Ердоган. Сепак, неодамнешната посета на американскито државен секретар Блинкен во Брисел за време на НАТО самитот беше искористена за да се појаснат полињата на несогласување. На врв на агендата е судирот со Грција во источното Средоземје, американската поддршка на Курдските борци во Сирија, како и турската набавка на рускиот антиракетен систем С-400, заради кој Анкара беше исфрлена од програмот за производство на ловецот од 5-та генерација Ф-35.
И покрај тоа, Блинкен и советникот за национална безбедност Саливан зазедоа јасна позиција околу Турција, покажувајќи разбирање за домашните и надворешните безбедносни прашања на Анкара. Пристапот е дека Турција е клучен чинител за НАТО кој САД не смее да го дистанцира од западниот воен и безбедносен блок, бидејќи во спротивно би ризикувале да ја препуштат Анкара во рацете на Москва. Секаква тврда позиција или санкции во овој момент само би придонеле за Ердоган, кој веќе е истрошен од 18 годишното владеење, да ја зајакне својата националистичка реторика и да го засили домашниот авторитаризам.
Затоа САД ќе ги искористат сите безбедносни, економски и дипломатски субвенции, компромиси и компензации кон Анкара во надеж дека така ќе ја насочат кон блага политичка и демократска ревизија која конечно би ја зајакнала и домашната опозиција. Само доколку актуелниот мек пристап во оваа фаза целосно потфрли, тогаш САД би ризикувале присилна дипломатија и политика на стап, која би се базирала на санкции во клучните економски, безбедносни и политички сектори.
Дилемата на новопронајденото сојузништво помеѓу САД и ЕУ е како да не се изгуби или оддалечи Турција од Западот без притоа да му се даде на Ердоган бесплатна дозвола за дополнителна репресија против домашната опозиција. Турција е во позиција да го користи Западот и НАТО со цел да добие придобивки во регионалниот и домашниот контекст кој е од нејзин интерес, притоа заканувајќи се со зајакнување на односите со Русија и Кина, па оттука и произлегува актуелниот мек и координиран пристап на ЕУ и САД.
Суштината може да се соопшти и подиректно, како што се изрази италијанскиот премиер Марио Драги: Ердоган е диктатор од кој имаме потреба.