1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган сака да ги „окупира“ социјалните мрежи

Сенада Соколу / Елизабета М. Фиданоска19 септември 2013

Турската владејачка партија АКП има намера да го полира својот имиџ - 6 илјади доброволци на Твитер и Фејсбук треба да шират благопријатни информации за владата.

https://p.dw.com/p/19kac
Фотографија: Reuters

„Има еден проблем и тој се вика Твитер. Таму има најголеми лаги и претерувања“, рече турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во јуни. Сега турската влада сака и самата да профитира од социјалната мрежа. Според извештаите на турските медиуми, владејачката партија АКП планира проект со кој треба да се исполира имиџот на партијата на интернет.

Шест илјади доброволци треба на социјалните мрежи да ги шират ставовите на АКП. Тие треба да се викаат „претставници за социјални мрежи“. Според турскиот весник Хуриет, над 900 општини ќе имаат свои претставници. Во Истанбул, на пример, ќе има илјада лица, во Анкара 600, во Измир 400.

Нападот е најдобра одбрана

Во социјалните медиуми со месеци главен збор имаат турските опозиционери. Кога треба да се одржат протести против владата во различни градови во земјата, демонстранти се организираат преку Фејсбук и Твитер. Честопати еден единствен повик на Твитер го следат стотици илјади огорчени граѓани кои демонстрираат против авторитарниот раководен стил на Ердоган. Интернетот стана место на пароли на омраза кон турската влада.

Tayyip Erdogan Ansprache vor Parlament 11.06.2013
Ердоган и неговата АКП ја сфатија важноста на социјалните мрежи за себепромоцијаФотографија: Reuters

Мора да се победат со нивното оружје, помисли градоначалникот на Анкара Мелих Ѓокчек. Тој беше најактивен корисник на Твитер на владејачката АКП, кој за време на протестите се бореше против поплавата од анти-АКП пароли и се расфрлаше со навреди и закани. Секоја минута тој пишуваше нови пораки во кои ја бранеше владата и жестоко ги критикуваше оние што ја критикуваат власта. Така, Би-Би-Си репортерката Селин Гирит ја нарече „шпион“, а на турскиот актер Мехмет Али Алабора му се закани дека „државата“ ќе го “фати“. Според друга тактика која се користи, корисници на Твитер се апсат во нивните домови, а полициски иследници следат корисници и трагаат по твитови кои се непријатни.

Социјалните медиуми како платформа за пропаганда

„Социјалните медиуми имаа толкав успех за време на протестното движење, што незваисни медиуми воопшто не беа неопходни. Тоа беше многу фрустрирачки за турската влада“, оценува политикологот и социолог Јашар Аданали. Медиумите за масовна комуникација се под контрола на турската влада, тоа се виде јасно и за време на протестите, нагласува Аданали. „Медиумите во последните години се под се‘ посилно влијание на економските односи. Сепак, социјалните медиуми, микро-блогингот на Фејсбук и Твитер, не можат толку лесно да се контролираат“, вели социологот.

Türkei Istanbul Ankara Demonstrationen Mai Juni 2013
Со само еден повик на Твитер, опозицијата собира илјадници демонстрантиФотографија: picture-alliance/dpa

АКП преку успехот на социјалните медиуми осозна дека нејзината солидна хегемонија може да биде разбиена со децентрализацијата на опозицијата со помош на социјалните медиуми, објаснува Аданали. За владата не е решение забрана на Твитер или Фејсбук, затоа што нејзиниот имиџ во меѓувреме и онака е антидемократски, вели Аданали: „Таа сфати дека единствено решение е самата да стане поактивна“, нагласува политикологот.

„Социјалните медиуми претставувата опасност токму поради тоа што тие можат да извршат влијание на оние кои не се сигурни како ќе гласаат“, вели Аданали, зборувајќи за претстојните комунални, претседателски и парламентарни избори во земјата. АКП сака да се осигура дека ќе има добра пропаганда, па ангажираше 6 илјади доброволци, нагласува политикологот, кој претпоставува дека меѓу доброволците може да има и луѓе од редовите на младите сили на АКП. Аданали нагласува дека е сигурно оти „ќе се отворат многу лажни профили“.

Gezi Park Istanbul wieder geöffnet
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Таксим-платформата за солидарност е еден од најктивните корисници на Твитер и до денес има најголема водечка улога во организирањето на масовните протести преку социјалните медиуми. Архитектот и портпарол на платформата, Тајфун Караман, во новата кампања на АКП гледа нешто што е сосема „нормално“. „Турските политичари ја сфатија важноста на социјалните медиуми. Тие во последните години се развија во најголем медиум за комуникации. Социјалните медиуми се следат повеќе отколку што се читаат весници или се гледа телевизија. Моќта на социјалните медиуми излезе на виделина за време на протестите во паркот Гези“, вели Караман за Дојче веле. Според него, со оглед на тоа што турската влада во една демократија не може едноставно да забрани користење социјални медиуми, се реши на контранапад користејќи ги истите.