1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ескалација во Ирак: Ракети и пропаганда

Керстен Книп
2 јануари 2020

Состојбата во Ирак не е толку тензична како пред два дена, но со оглед на воздушните напади на САД, кои беа одговор на ракетирањето од страна на шиитските милиции, се стравува од нови тензии.

https://p.dw.com/p/3Valy
Irak Schiitische Miliz droht USA nach Luftangriffen
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Тензичен мир во Багдад по насилните протести пред американската амбасада. Со оглед на бројноста на припадниците на безбедносните сили на САД, демонстрантите во Багдад се повлекоа, но амбасадата останува затворена. Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео во разговор со ирачкиот премиер Адел Абдел Махди вчеравечер апелираше до Ирак да ја исполни обврската „за спречување на натамошни напади врз нашите дипломатски претставништва“. Стотици демонстранти во вторникот ја нападнаа американската амбасада како реакција на воздушните напади на САД врз шиитските милиции во текот на изминатиот викенд.

Владата во Багдад во понеделникот вечерта, во реакцијата на вооружените американски напади врз позиции на Катаиб-Хезболах милицијата во Ирак, најави дека ќе ги „преиспита“ односите со САД. Реакција имаше и од канцеларијата на ирачкиот голем ајатолах Али ал-Систани, кој го осуди нападот и ги повика властите да спречат Ирак да се претвори „во место на меѓусебна пресметка“. Притоа се мисли на растечките тензии помеѓу Вашингтон и Техеран. Либански Хезболах, исто како и ирачкиот Катаиб-Хезболах, има поддршка од режимот на мулите во Техеран.

Шиитската милиција е создадена во 2003 година, односно годината на војната на САД против Ирак. Спознорирана од Иран, Катаиб-Хезболах милицијата првично се бореше против американските трупи, но во текот на ирачката граѓанска војна сѐ повеќе се вртеше против џихадистичките групи како Ал Каеда и подоцна Исламска држава (ИД).

Иранската влада во понеделникот оцени дека со воздушните напади Америка „покажа цврста поддршка на тероризмот и непочитување на суверенитетот на државите“. Според изјавата на портпаролот на иранската влада, Вашингтон мора да смета со „последици за своите илегални дела“. Закани во насока на Америка стигнаа и од Катаиб-хезболах милицијата: американските сили во Ирак мора да сметаат со масивни напади, изјави Џамал Џафаар Ибрахими, еден од командантите на милицијата.

Das US-Militär bietet Sicherheit für das US-Botschaftsgelände in Bagdad nach Protesten
Американците распоредуваат повеќе војници во БагдадФотографија: picture-alliance/R. Gavaldon

Принудени да повлечат потег

Со нападите од неделата САД регираа на повеќе напади од почетокот на декември. На 5 декември со ракети беше погодена главната американска база во Ирак, Аин-ал-Асад, а ден подоцна беше гаѓана и воздухопловната база „Балад“, северно од Ирак. На 12 декември две ракети паднаа врз сместувалиште на американски војници во близина на меѓународниот аеродром во Багдад.

Сите напади предизвикаа помали материјални штети. Нема загинати или повредени лица. Но, во напад што се случи минатиот петок, убиен беше еден американски цивил, а повредени беа четворица американски војници и двајца припадници на ирачките безбедносни сили.

Повеќе: 

Ирак меѓу фронтовите во иранскиот конфликт

Гласно ѕвечкање со оружје во Персискиот залив

Последна офанзива за протерување на ИД од Ирак

По овој напад, САД мораа да реагираат на нападите, оценува Гасан Ал-Атија, директор на Ирачкиот институт за развој и демократија. „Состојбата стана тешка за Американците, со оглед на тоа што не реагираа на претходните напади. Ако и сега не одговореа, ќе создадеа впечаток дека се лесно ранливи“, оценува Ал-Атија за ДВ.

Претседателот Доналд Трамп повторуваше дека САД не сакаат да бидат вовлечени во војна. Впечаток дека се воздржуваат од судир САД создадоа уште есента, кога реагираа многу воздржано на ирански напад на терен на Саудиска Арабија, најблискиот сојузник на Америка на Арапскиот Полуостров. За да ја зачуваат својата воена веродостојност САД сега мораа да реагираат поинаку.

Со својот ангажман против џихадистите, шиитските милиции како Катаиб-Хезболах во Ирак не само што добија воено, туку и политичко влијание. Многу нивни претставници се кандидираа успешно на изборите во 2018 година и сега седат во ирачкиот парламент.

Irak | Gewaltsame Proteste auf dem Gelände der US Botschaft
По насилните демонстрации пред американската амбасада во Багдад пред два дена, сега владее тензичен мирФотографија: dpa/K. Mohammed

Конфесионализмот како фактор на моќ

Иранската влада смета дека оваа база на моќ и власт е загрозена со најновите бунтови во Ирак и за зголемувањето на протестите ги обвинува САД. Режимот во Техеран е уверен дека Вашингтон е движечката сила зад протестите на ирачките шиити против експанзивната политика на Иран, оценува ирачкиот новинар Мазен Сахиб ал-Шамари за весникот „Багдад Њус“.

Режимот на мулите се обидува да го зголеми влијанието во повеќе земји. Најважен идеолошки лост притоа му е конфесионализмот. Во Либан, Сирија, Јемен и во Ирак тој игра на картата на шиитските сили, кои би требало да го врзат мнозинството шиити во овие земји за Иран. Притоа се обидува да го искористи политичкиот и социјален хаос кој во повеќе арапски земји го оставија зад себе борбите за превласт по неуспешните востанија од 2011 година.

„Успехот на стратегијата на Иран во голем дел е заснован врз искористување на вакуумот на моќта на Блискиот Исток за свои цели“, го цитира „Вашингтон пост“ политикологот Алекс Ватанка од Институтот за Блиски Исток во Вашингтон.

Поради постојаните демонстрации од октомври досега иранската влада смета дека нејзината политика во Ирак е загрозена, затоа што демонстрантите се залагаат и за општествен поредок независен од конфесионалната поделба.

Irak Schiitische Miliz droht USA nach Luftangriffen
На силите кои се сојузници со Техеран може да им успее да создадат впечаток како најважното во земјата да е борба против американското присуство, оценува Гасан Ал-АтијаФотографија: AFP/H. Hamdani

Калкулациите на Техеран

Сѐ уште е рано да се зборува за т.н. посредничка војна во Ирак. Таму нема состојба како во Либија, Сирија и Јемен. Но, бројот на досега убиените - околу 500 лица, и повредените - околу 19.000 демонстрани, укажува на растечка бруталност на судирите. Има и голем број киднапирани демонстранти, кои се пуштаат по неколку дена со предупредување од страна на анонимни грабнувачи да не учествуваат веќе на демонстрации.

Сепак, со своите напади врз Катаиб-Хезболах милицијата САД можеби ѝ одат на рака на калкулацијата на Иран. Во моментов се чини како нападите да му штетат пред сѐ на протестното движење, вели Гасан Ал-Атија. „На силите кои се сојузници со Техеран може да им успее да создадат впечаток како најважното во земјата да е борба против американското присуство“, вели директорот на Ирачкиот институт за развој и демократија.