1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ бара да биде изземена од казнените царини на Трамп

ЖА / агенции
10 март 2018

ЕУ се обидува преку разговори да го реши спорот околу казнените царини со САД. На тоа инсистира и германската канцеларка Ангела Меркел. Европејците се надеваат да бидат изземени од мерките на Трамп.

https://p.dw.com/p/2u5MX
USA Trump besiegelt Strafzölle auf Stahl und Aluminium
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Walsh

Во трговскиот спор со САД, ЕУ инсистира да биде изземена од планираните казнени царини на САД  за увоз на челик и алуминиум, слично на Мексико и Канада. Еврокомесарката за трговија Цецилија Малстром денеска на оваа тема разговара со американскиот ополномоштеник за трговски прашања, Роберт Лајтхајзер во Брисел. ЕУ се обидува да докаже дека не претставува опасност за безбедноста на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот ја реализираше најавата и донесе одлука за казнени царини за челик од 25 проценти, а за алуминиум од 10 проценти. Регулативата стапува во сила по 15 дена, а таа засега нема да важи за соседните држави Мексико и Канада, со најава од неа да биде исклучена и Австралија.

Повеќе на темата: 

Економската политика на „пубертетлијата“ Трамп

Казнени царини: Германските автопроизводители не се плашат од заканите на Трамп

Сите останати земји Вашингтон ги покани на пооделни преговори, доколку докажат дека можат на друг начин да придонесат за националната безбедност на САД, можат исто така да сметаат на исклучок. Повикувајќи се на националната безбедност, Трамп го заобиколи Конгресот во донесувањето на одлуката.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека станува збор за сериозна ситуација. Казнените царини не се оправдани, истакна таа вчера, зашто постои меѓусебен договорен систем на увозните тарифи во светот: „Ова што сега се случува, се еднострани акции и мора да следи соодветен одговор на нив“. Меркел меѓутоа преферира решение преку разговор, зашто влегувањето во спирала на заострување не води никаде, иако секој мора да ги штити своите интереси.

Францускиот претседател Емануел Макрон го предупреди Доналд Трамп дека со воведувањето казнени царини за увоз на челик и алуминиум од Европа ризикува погубна трговска војна. Во телефонски разговор со американскиот претседател, Макрон потенцирал дека Европа на јасен и пропорционален начин ќе реагира на секоја неоснована пракса која е спротивна на правилата на светската трговија.