ЕУ воведува контра-царини за производи од САД
22 јуни 2018ЕУ возвраќа со решителен одговор во трговскиот спор со САД - од ноќеска се воведени заштитни царини на неколку американски производи, меѓу кои виски, џинс облека, мотоцикли и путер од кикирики. Со ова ЕУ реагира на заштитните царини кои ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп: 25 проценти на алуминиумски и 10 проценти на челични продукти од Европа. Од новата американска регулатива се погодени и Канада и Мексико, кои како и ЕУ, сметаат дека воведените трговски бариери не се во согласност со правилата на Светската трговска организација, СТО.
ЕУ-дополнителните царински давачки се однесуваат при првиот чекор на годишниот увоз од САД од 2,8 милијарди евра. „Не беше наша желба да се најдеме во ваква ситуација“, истакна еврокомесарката Цецилија Малстром, но поради едностраниот режим на САД, на ЕУ не ѝ останува друга можност. ЕУ преку разговори на сите нивоа долго се обидуваше да ги спречи американските заштитни царини, истакна еврокомесарката.
Комисијата за трговија во Европскиот парламент го поздрави воведувањето на контрамерките од страна на ЕУ. „Оној кој со нозе гази по нашето партнерство, ткаено со децении, не може да смета на разбирање од наша страна“, изјави претседателот на Комисијата, социјалдемократскиот политичар Бернд Ланге вчера. За потрошувачите во Европа воведувањето на дополнителни царини врз американски производи може да значи зголемување на цените. Покрај прехранбени производи, облека и мотоцикли, меѓу другото ќе бидат засегнати и американски преработки од челик, бродови и чамци. Планираната царина за сите нив изнесува 25 проценти.
Повеќе:
Заштитни царини на САД - потребни се челични нерви
Фронтален напад врз германската економија
САД минатата недела воведоа казнени царини од 25 проценти и за 1102 производи од Кина во вредност од 50 милијарди долари. Пекинг возврати со реципрочна мерка - дополнително царинење на америкаснки стоки во истата вредност. И Русија најави слични заштитни мерки за увоз на американски стоки.