1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и бегалците: Дигнете го подвижниот мост!

Бернд Ригерт/ превод: Ж.А.21 март 2016

Заплашување и протерување на бегалците, вртење на погледот. Бројот стигнати бегалци драстично ќе падне. Целта е постигната! - би рекле мнозинството политичари. Но ова е беден и неморален успех, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1IGnA
Фотографија: picture-alliance/dpa/Z. Balogh

Договорот е постигнат - Европа се утврдува. Од полноќ, бегалците кои доаѓаат во Грција, според правно сомнителниот договор, треба по брза постапка да бидат враќани во Турција, која пак преку ноќ е унапредена во безбедна трета земја, досега нешто незамисливо. Со тактиката на одвратување и изолирање, ЕУ скандалозно ги крши духот и словото на Конвенцијата на ОН и толку цитираните европски вредности. Ако планот успее, бројот на бегалци и мигранти кои доаѓаат преку Егејското Море треба да падне на нула. Освен тоа, бидејќи копнената граница на ЕУ и Турција за бегалците и мигрантите е затворена со години, де факто ќе биде целосно неможно да се стигне во ЕУ по оваа рута. Правото на азил останува напишано само на хартија. Не постои веќе можност да се поднесе барање за азил.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Заговорниците на менталитетот на изолирање изминатите месеци издејствуваа безмилосен пробив. Германската канцеларка Ангела Меркел им се приклучи преку радикално свртување во бегалската политика. ЕУ сега е единствена во одбраната од бегалци, но не и во нивното прифаќање и распределба. Ова е вистинското „европско решение“, кое го постигна Меркел. Бидејќи ЕУ е немоќна самата да ја реши кризата, мораше да склучи сомнителен договор со Турција. Притоа, судбината на бегалците и мигрантите е последното нешто за кое се води сметка. Канцеларката и нејзините европски партнери треба да престанат својата студена калкулација да ја камуфлираат како хуманизам. Тоа е чисто лицемерство.

Останува последната, најопасна рута

За бегалците и барателите на азил и онака не постојат легални патишта за стигнување до ЕУ. Последниот „нелегален“ пат сега е опасната рута преку Северна Африка и Италија. Последните години таа загуби на значење. Без оглед на сите обиди на европската морнарица пред брегот на Либија да се оневозможи бегството, само во првите месеци годинава по овој пат во Европа стигнале околу 10.000 луѓе во Италија. ЕУ-стратезите радо би ја прогласиле и Либија за сигурна земја на потекло, за да етаблираат модел на враќање на бегалците а ла Турција. Но, во моментов пречка е фактот што Либија не е држава со една влада, со која би можело да се преговара. Во времето кога во Либија се‘уште владееше диктаторот Гадафи, од аспект на владетелите на тврдината Европа, работите изгледаа многу подобро. За возврат за парите добиени од ЕУ, Гадафи ги интернираше бегалците и го спречуваше нивното пловење преку Средоземното Море. Патем, Шпанија го практицира овој перфиден модел со Мароко, Западна Сахара и Сенегал веќе со години. Бегалците и мигрантите од Северна Африка, собрани од заедничките крајбрежни патроли, непосредно бидуваат враќани на северноафриканскиот брег. Само по неколку стотици годишно успеваат преку овој пат да стигнат до Шпанија. И Бугарија дејствува превентивно и бегалците, кои можеби би стигнале директно преку Црното Море од Турција, сака исто така да ги протерува назад.

ЕУ си ги поедноставува работите

Значи, од полноќ надворешната граница на ЕУ во југоисточниот дел е обезбедена, напливот бегалци радикално се задушува. За директното преземање бегалци во ЕУ од Турција постои горна граница од 72.000 луѓе. Така се исполнети барањата на тврдолинијашите во ЕУ, ЦСУ во Баварија и „клучарите“ на Балканската рута. ЕУ веќе не мора да се кара околу распределбата на бегалците. Проблемот е префрлен врз Турција и останатите соседи на Сирија. Политички успех, но беден, морално сомнителен. Ангела Меркел сега треба да биде искрена и да не дозволува веќе селфи со мигрантите, туку фотографии на Ангела, владетелката на тврдината Европа, која учествува во подигањето на подвижниот мост пред наездата на бегалци.

Каква ќе биде судбината и третманот на бегалците и мигрантите кои се вратени во Турција, во ЕУ веројатно не сакаат подетално да бидат запознати. Гаранциите дадени од Турција, се многу несигурни. Но, и онака не може да се дознае, зашто слободата на печатот во Турција е ограничена. Критичките медиуми се под притисок. Дописници од Германија веќе мораа да ја напуштат земјата-кандидат за членство во ЕУ. Веројатноста да излезе на светлина нешто критичко во врска со последиците на дилот меѓу ЕУ и Турција, е прилично мала.