Изборите - шанса за враќање во нормала
1 септември 2016Еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан во заедничко соопштение го поздравуваат договорот на четирите политички партии, оценувајќи дека донеле „повеќе важни одлуки“ за имплементирање на договорот од Пржино, меѓу нив и закажувањето на изборите за 11 декември.
„Ги повикуваме сите политички партии стриктно да ја почитуваат кредибилноста на изборниот процес, да им дозволат на граѓаните слободен избор, а по изборите, да формираат влада која ќе се зафати со суштински реформи и ќе работи во интерес на сите граѓани“, се наведува во соопштението.
Функционерите на ЕУ повикуваат до крај да се спроведе ланскиот политички договор, вклучително и итните реформски приоритети.
„ЕУ ќе ја продолжи поддршката за овој процес и ќе ѝ помага на земјата да се врати на евро-атпантскиот пат“.
Амбасадорот на САД, Џес Бејли рече дека во месеците што следуваат најважно е „што ќе направат партиите, медиумите и граѓаните“.
„Тоа се оние одлуки кои што на крајот ќе ја доведат земјата до кредибилни избори и ќе овозможат државата да оди напред во реформи кои што ќе доведат до евроатлантски интеграции. Тоа ќе биде критичната точка која што ќе се случи. Медиумите ќе имаат важна улога во тоа“, рече Бејли.
Лидерите на четирите најголеми политички партии во земјата, Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Али Ахмети (ДУИ) и Мендух Тачи (ДПА) вчера постигнаа договор за одржување избори на 11 декември годинава. Заедничка оценка е дека условите за нивно одржување се исполнети.