1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најостра осуда за организираниот напад врз Собранието

СН/ дв
29 април 2017

Нападот врз државна институција која е во срцето на демократијата е напад врз самата демократија, порачуваат заеднички претставниците на ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ во Македонија

https://p.dw.com/p/2c7L1
Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Првите луѓе на Делегацијата на ЕУ, Американската амбасада, Мисијата на ОБСЕ и на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, вчера одржале заеднички состанок на кој ја разгледале безбедносната ситуација во земјата по сериозните инциденти во македонскиот парламент.

Во заедничката изјава објавена денеска тие, како што велат, најстрого го осудуваат организираниот напад врз Собранието на 27 април.

Истотака се изразува сериозна загриженост поради тоа што властите не успеале да го спречат тој напад  и не ја овозможиле неопходната безбедност на пратениците и на присутните новинари:

„Нападот врз државна институција која е во срцето на демократијата е напад врз самата демократија“, се вели уште во заедничката изјава .

Мирни протести и лекување на раните

Највисоките претставници на ЕУ, САД, ОБСЕ и НАТО во Македонија очекуваат дека брзо ќе биде спроведена истрага за овие кривични дела и оти организаторите и извршителите на нападите ќе бидат изведени пред правдата а судовите ќе постапуваат независно. Истотака, како што се вели во изјавата тие очекуваат, државните институции брзо да ги извлечат неопходните заклучоци и да преземат соодветни мерки.

Високите меѓународни претставници упатуваат и повик до сите субјекти да се однесуваат одговорно и да придонесат кон мирен, демократски процес на кој мора да му се дозволи да оди по својот тек. Нивниот апел до граѓаните е пак тие да  бидат воздржани, да избегнуваат провокации и да останат смирени. „Со насилство земјата и општеството не може да одат напред“, се истакнува во заедничката изјава на првите луѓе на Делегацијата на ЕУ, Американската амбасада, Мисијата на ОБСЕ и на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.