Помош од ЕУ за вакцинацијата во Западен Балкан
28 декември 2020ЕУ ќе ги плати вакцините против Ковид-19 за ризичните категории во Северна Македонија и другите држави од Западен Балкан. Станува збор за пакет од 70 милиони евра којшто го одобри Европската комисија за да им помогне во финансирањето на набавките на вакцините против Ковид-19 на земјите од Западен Балкан. Помошта е обезбедена преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2) за да помогне во финансирањето на пристапот на партнерите од Западен Балкан до вакцините за Ковид-19 набавени од земјите-членки на ЕУ. Македонската влада ја поздрави одлуката на ЕУ за вакцините за Западен Балкан.
-повеќе на темата: Колкави се разликите меѓу вакцините против корона?
„Унијата е нашиот најважен и најблизок пријател во сите фази на пандемијата. Ја поздравуваме одлуката да се обезбедат 70 милиони евра за да се покрие трошокот за вакцини за приоритетните групи, како и опрема потребна за да се изврши вакцинацијата. Имајќи предвид дека вакцинирањето во земјите членки започна викендов, ќе следуваат засилени напори и координирање, кои треба да овозможат итен пристап до вакцини за Западниот Балкан како клучен исчекор кон завршување на пандемијата,“ изјави вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
Западен Балкан како привилегиран партнер
Комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји порача дека ЕУ за време на целиот период на пандемијата покажа дека го третира Западен Балкан како привилегиран партнер. „Ние продолжуваме да дејствуваме во овој дух и во случајот со вакцините, со преземање чекори кои ќе овозможат брз почеток на кампањите за вакцинација на приоритетните категории граѓани во регионот. Брзата вакцинација ќе биде одлучувачка за ставање крај на пандемијата, како и започнување на социо-економското закрепнување на Западен Балкан“, рече Вархеји.
-повеќе на темата: Вакцините пристигнуваат, кој прв ќе фати ред?
Како што соопшти СЕП, пакетот од 70 милиони евра ќе се исплаќа во форма на грантови кои ќе помогнат да се покријат трошоците за вакцините за приоритетните групи во регионот, како и за потребната опрема за вакцинација.
Тоа ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан да набават вакцини од Договорите за авансна набавка на ЕУ со шест производители, а одделни земји членки на ЕУ ќе споделат дел од нивните претходно доделени дози.