ЕУ повикува на историско помирување меѓу Скопје и Софија
19 мај 2022Додека еврокомесарот Оливер Вархеји повторно е во помирувачка мисија во Софија, во обид да го убеди бугарскиот државен врв дека е време да се тргне ветото за проширување на ЕУ, Европскиот парламент усвои два извештаи со кои се повикува Советот на ЕУ без одлагање да ги започне преговорите за пристап на Северна Македонија и Албанија во Унијата. Во геостратешки контекст на руската инвазија на Украина, извештајот за Северна Македонијаги нотира ризиците од растечката економска и енергетска зависност од Кина и Русија и предупредува дека зависноста од инвестициските заеми финансирани од Кина ја зголемува ранливоста на регионот. Документот повикува на историско помирување брз основа на заедничката историја, што е предвидено во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји.
Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2021 година на известувачот Илхан Ќучук, европарламентарците со 508 гласа „за“ и 56 „против“. Зелено светло добија и амандманите 75б, 79 и 80, за кои Институтот за европска политика (ЕПИ) и неколку невладини организации од регионот деновиве предупредија дека претставуваат поткопување на основните стандарди и вредности на ЕУ, а се однесуваат на историското помирување и „заедничка историја“, како и за можен притисок врз заедничката Комисија за историски и образовни прашања, која треба да работи независно и без никакви политички притисоци.
МНР: Јасна политичка порака
Македонското Министерство за надворешни работи го поздрави усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент на денешната пленарната седница во Стразбур. Според МНР, особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од европското семејство, при што се истакнува дека почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е силна инвестиција за стабилност, не само за земјите од регионот, туку и за ЕУ, особено во актуелниот безбедносен контекст во Европа.
„Европскиот парламент упати јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и веднаш започнување на преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија. Охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ“, се вели во соопштението.
-повеќе на темата: Софија намигнува само за Тирана
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска реагираше дека доколку Владата прифати преговарачка рамка за ЕУ во која ќе има писмени гаранции како што побарал бугарскиот претседател Румен Радев од неговиот француски колега Емануел Макрон, тоа би била комплетна капитулација и тие како партија нема да ја поддржат во Собранието. Тој оценува дека прифаќањето барањата на Бугарија да влезат во преговарачката рамка би значело капитулација или „асимилација и бугаризација“.
Разговори за европската агенда
Европската агенда се најде на масата на разговорите и меѓу бугарскиот премиер Кирил Петков и еврокомесарот Оливер Вархеји, кој во последниве неколку недели повеќепати ја посети Софија.
„На средбата се разговараше и за европската политика во регионот на Југоисточна Европа и војната во Украина. за време на разговорот, Петков рече дека Бугарија ќе продолжи да игра активна улога во стабилноста и просперитетот во Југоисточна Европа“, се наведува во соопштението на Министерскиот совет на Бугарија. Вархеји за европската агенда разговараше и со бугарскиот претседател, Румен Радев и со министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска.