Секој против секого
16 јануари 2015Во Европа во 2014. година илегално влегоа повеќе од 276.000 луѓе. Тоа е речиси 140 проценти повеќе од 2013. година, покажуваат податоците на Европската комисија. Поголемиот број од тие луѓе се дојдени преку Медитеранот. Најновиот метод на криучарење е исто толку свиреп, колку и луѓето кои го прават тоа. Тие купуваат стари бродови, ги товарат со стотици бегалци и секому му наплаќаат повеќе илјади евра. Капетанот по пат го напушта бродот и вклучува автопилот да го управува бродот понатаму во насока на Италија. Неодамна италијанската крајбрежна стража запре два такви брода, „Езаден“ и „Блу скај М“, на кои имаше повеќе стотици бегалци и така спречи бродовите да удрат во брегот.
Веќе нема делотворно надгледување
Комесарот на ЕУ за внатрешни работи Димитрис Аврамополус во говорот пред Европскиот парламент ја повика ЕУ „поодлучно и со повеќе координација“ да се спротистави кон новиот начин на делување на криумчарите. „Европа мора да биде поактивна, немаме време за губење“, рече Аврамополус. Тоа пред се’ се однесува на земјите членки на ЕУ. Меѓутоа, кога конкретно се работи за политиката кон бегалците, тогаш секоја земја оди по свој пат. Ако постои заедничка акција, тогаш таа би требало да биде поефтина.
По завршувањето на мисијата на Италија за спасување мигранти на Средоземното море под името „Маре Нострум“, нејзиното место требаше да го преземе мисија на ЕУ со име „Тритон“. Меѓутоа, „Тритон“ не е вистински наследник. Пред се’ проблем е тоа што областа каде што треба да се делува е ограничена така што криумчарските бродови можат речиси непречено да пловат се’ додека се наоѓаат во меѓународни води.
Турција ги затвора очите
На тоа треба да се додаде и фактот дека важната транзитна земја, Либија, повеќе од три години од соборувањето од власт на долгогодишниот властодржец Моамер Ел Гадафи, практично се’ уште нема државно уредување. Значи, кога се работи за запирање на движењето на бегалците на јужниот дел од Средоземјето, тогаш ЕУ нема партер во разговорите. Клубот на пратеници од Европската народна партија (ЕНП) во Европскиот парламент ја повика ЕУ на ангажман во таа северноафриканска земја. ЕНП порача дека „Либија не смее да стане втора Сирија“.
ЕУ во соработка со меѓународните партнери би требало да помогне во изградба на пофункционални, државни структури. Кога станува збор за Турција, Унијата во тој случај има партнер за разговори кој сака да стане член на ЕУ и кој поради тоа би морал да биде подготвен за соработка. Меѓутоа, се’ повеќе бегалски бродови, како и бродови кои екипажот ги напушта на Средоземјето, испловуваат од турски пристаништа на што турските власти често, судејќи според сѐ, ги затвораат очите. ЕУ очекува Турција да преземе нешто против таквите пловидби и за тоа да разговара со официјалните претставници во Анкара.
Страв од „увезени" конфликти
Со оглед дека бројот на бегалци кои доаѓаат во Европа не се намалува, земјите соседи на Сирија се преоптоварени. Поради тоа Аврамополус од членките на ЕУ бара да бидат поширокогради, особено кога станува збор за помош во Сирија. „Луѓето не мора да ги ризикуваат своите животи за да побараат заштита во Европа“, рече тој.
Подготвеноста тие да се прифатат во Европа досега не беше голема, а со оглед на насилството на исламистите, многумина станаа поскептични бидејќи се плашат дека со бегалците во Европа ќе стигнат и екстремисти подготвени за насилство. Од друга страна, италијанскиот социјалдемократ Џани Питела рече во Европскиот парламент дека на терористите не им е потребен превоз со бродови со бегалци- нив, вели, ги финансираат терористички мрежи така што тие имаат пари.
Непречено патување во Германија
Сеопфатна и координирана европска политика кон бегалците не постои. Т.н. „Даблински систем“ фактички пропадна. Освен тоа, Италија се ослободува од бегалците на свој начин, едноставно дозволувајќи им да патуваат на север, на пример во Германија. Гранични контроли меѓу земјите во Шенген зоната, на која и’ припаѓаат поголемиот број земји-членки на ЕУ, веќе не постојат.
Инаку, се’ погласни се барањата ЕУ да ги распореди бегалците во земјите-членки според бројот на население и економската моќ. Меѓутоа, поголемиот број од земјите кои врз основа на такво нешто би морале да прифатат повеќе бегалци, се спротиставуваат на тоа. Стариот систем се распадна, а нов се’ уште не е на повидок.