ЕУ-самит: Тензии поради бегалските квоти
14 декември 2017На прво место на програмата на дводневниот самит на ЕУ се наоѓа новата засилена соработка во одбранбените прашања, која 25 од 28 земји-членки ја стартуваа неделава. На барање на Белгија на дневен ред е ставена и американската одлука за признавање на Ерусалим како главен град на Израел.
На агендата на шефовите на држави или влади ќе се најде и пролонгирањето на економските санкции против Русија, а најжолчна секако ќе биде дискусијата околу бегласката политика.
Во врска со неа во пресрет на самитот атмосферата ја наелектризираа одредени ставови на претседателот на ЕУ-Советот, Доналд Туск. Во поканата до учесниците, тој обврзувачките квоти за прием на бегалци, односно за нивна распределба во ЕУ, ги нарече „неефикасни“ и со раздвојувачки ефект за Унијата.
Европската комисија, која неодамна покрена постапка против Унгарија, Полска и Чешка токму поради неимплементирање на одлуката за квотите, жестоко протестираше против позицијата на Туск. Вицепретседателот на Комисијата Франс Тимерманс упати отворена критика од говорницата во Европскиот парламент. „Или ќе најдеме европско решение за предизвикот кој што го претставува миграцијата или нема да има никакво решение, секоја одделна членка треба да го даде својот придонес“, изјави тој.
Шефот на пратеничката група на Либералите Ги Ферховстад рече дека е „целосно шокиран од документот на Туск“, кој ја торпедира европската политика. Ставот на Тукс беше отфрлен и критикуван и во Германија, со надеж дека до средината на 2018. година сепак е можно наоѓање решение, во краен случај со носење одлука со мнозинство, без согласност на противниците на квотите.
Посебно остра критика на адреса на Туск стигна од Грција. Ставовите на Туск за прашањето за бегалците се „без план, непромислени“, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина: „Не верувам дека неговиот предлог има било каква шанса да биде усвоен“, изјави тој, имајќи го во вид самитот на ЕУ, истакнувајќи: Грција во секој случај нема да се согласи за никое решение кое не предвидува рамноправна распределба на товарот.
ЕУ-челниците ќе разговараат и околу потесна соработка со Африка, депотрирањето на одбиените азиланти и обезбедувањето на границите.
Далеку повисок степен на согласност во ЕУ владее по прашањето за преговорите со Велика Британија за Брегзит, процесот треба да влезе во втора фаза врз основа на темелот поставен со минатонеделниот пробив. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и британската премиерка Тереза Меј ги нотираа првите резултати во најважните прашања околу разводот. По критичките забележки од Лондон, стигнати отпосле, преговарачот на ЕУ, Мишел Барние, ја опомена британската влада да не ги доведува во прашање веќе постигнатите резултати.