1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шест нови иницијативи за трансформација на Западен Балкан

17 мај 2018

На самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, Брисел претставува шест нови иницијативи кои би требало да помогнат за трансформација на регионот, подобра поврзаност и помирување.

https://p.dw.com/p/2xrKH
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Kulturpalast
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан најавува нови поттици за шесте земји од Западниот Балкан кои се надеваат на натамошно приближување кон ЕУ. Брисел, со цел да ја забрза трансформацијата на регионот, планира финансирање на десетици нови проекти, поделени во шест групи.

„Ниту една од земјите на Западниот Балкан сѐ уште не е доволно зрела за ЕУ, но мора да се искористи моментот и во фокусот да се држи дискусијата за реформи“, изјави Хан за ДВ во Софија, каде денеска се одржува самитот на ЕУ и Западниот Балкан.

Повеќе: Западен Балкан - геостратешка инвестиција на ЕУ

Полни 15 години по самитот во Солун, каде ЕУ земјите од регионот се обврзаа на поблиска соработка и спроведување реформи, единствено Хрватска успеа да фати приклучок и да стане полноправна членка на елитниот клуб. Останатите земји од регионот долго беа во чекалница, а сега со различна брзина напредуваат кон Унијата.

Србија и Црна Гора во меѓувреме започнаа преговори за членство, но датумот спомнат во Стратегијата на Европската Комисија - 2025 година, засега е далеку од остварување. Хан вели дека за некоја земја да стане полноправна членка во 2025 година мора да ги заврши преговорите најдоцна во 2023 година. Според Хан, за Србија еден од главните проблеми останува постигнувањето „правно обврзувачки договор“ со Косово. Комесарот одбива да зборува за крајни рокови и датуми за ова прашање.

Главни проблеми, покрај билатералните прашања, за сите земји се владеењето на правото, корупцијата и организираниот криминал.

„Некои земји не го сфаќаат сериозно проблемот на владеење на правото“, предупредува Хан, но додава дека сите земји напредувале во последно време.

Може ли наскоро да има договор за името?

Македонија и Албанија се надеваат дека до крајот на јуни ќе добијат датум за почеток на преговори. Еврокомесарот е оптимист дека тоа ќе се случи и покрај отворените сомневања и негодувања кај некои земји членки. Во случајот на Македонија тоа ќе зависи и од решението на спорот за името со Грција.

Според Хан, најголем предизвик во регионот и натаму останува Босна и Херцеговина, но тој смета дека и таму е „можен напредок“ доколку постои политичка волја за такво нешто - во прв ред со реформа на компликуваниот политички систем.

За да им даде дополнителен елан на земјите од регионот, ЕК претставува шест нови иницијативи вредни повеќе стотици милиони евра. Сите земји ќе добијат поттик во сегментот на зајакнување на владеењето на правото, вклучувајќи тука и поголема контрола на спроведувањето на реформите. Втората иницијатива има за цел да го зголеми ангажманот во делот на безбедноста и миграциите, така што, меѓу останатото, Европол ќе испраќа офицери за врска во регионот.

Меркел: мораме да ги решиме конфликтите на Западниот Балкан

Вработувањето и социјалните реформи ќе бидат дополнително финансирани од буџетот на Комисијата и тоа во делот на поддршка на стартап фирми, поголема достапност до средства за истражувања и иновации, како и развој на Регионална економска зона. Хан очекува регионалната зона да се воспостави до средината на наредната година.

ПовеќеСтратегија на ЕУ: Да се забрза приклучувањето на Западен Балкан

Иницијативите за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра. Во првиот сегмент е планирано намалување на трошоците за роаминг, подобрување на широкопојасниот интернет, развој на е-Влада, е-Набавки и е-Здравје, како и дигитализација на индустријата. Во вториот сегмент - поврзаноста, се планира зголемено финансирање во областа на транспортот и енергетиката, а според калкулациите, таа помош до 2020 година би требало да достигне 2,4 милијарди евра.

Шестата иницијатива се однесува на помирувањето и добрососедските доноси, а во нејзини рамки треба да се посвети поголемо внимание на транзициската правда, проблемот на исчезнатите лица и поголемата соработка во областа на образованието, културата, младите и спортот.