1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Замина човечкиот „булдожер“

Андреас Нол
26 септември 2019

Тој ѝ се спротистави на ирачката војна на САД, не успеа да го „протурка“ уставот на ЕУ, а судот во Франција го осуди на условна затворска казна.Поранешниот француски претседател, Жак Ширак почина на 86- годишна возраст.

https://p.dw.com/p/3QI1i
Jacques Chirac Ehemaliger Präsident Frankreich
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Bureau

На крајот само во ретки наврати излегуваше во јавноста. Маж наречен „булдожер“ од страна на политичките противници и следбеници, по еден мозочен удар падна физички и психички. Само неговата сопруга, Бернадет, со која се запозна во неговите студентски денови, повремено ја известуваше јавноста за тоа што се случува во нивниот заеднички живот.

Жак Рене Ширак беше присутен на политичката сцена повеќе од 40 години. Неговата кариера започна во 1962 година, кога ги заврши студиите на два елитни факултети, По и ЕНА. Како 30-годишник тој доби работа во владата на премиерот Помпиду. Под негово водство, Ширак го доби првиот министерски ресор неколку години подоцна,а за време на претседателот Валери Жискар Дестен две години беше и француски премиер.

Амбициозниот конзервативец за првпат се кандидираше за највисока функција како 49-годишник - и не успеа: во 1981 и 1988 година загуби на претседателските избори од социјалистот Франсоа Митеран.

Претседател во третиот обид

Ширак е роден во Париз, каде и студирал. Таму во 70-те од минатиот век го основа и своето деголистичко движење РПР и беше избран за градоначалник во 1977 година.

Во Париз доживеа и подем - а во француската престолнина згасна и неговата ѕвезда. Веќе првата одлука што ја донесе како претседател наиде на жесток отпор. Во предизборната кампања тој најави дека ќе ја излечи „болката на француското општество“, но кога стапи на функцијата, тој го налути народот. Плановите на неговата влада за спроведување на социјални реформи предизвика жесток спор и Ширак мораше да се повлече.

Jacques Chirac Präsident Frankreich
Жак Ширак беше претседател на Франција од 1995 до 2007 годинаФотографија: Reuters/C. Platiau

Во главниот град, по завршувањето на политичката кариера тој  го доживеа и најтешкото понижување. Кога го загуби имунитетот како претседател, судот во Париз во 2011 година го осуди за „проневера и незаконско стекнување полза“ на условна казна од две години затвор. Првиот кривичен случај против поранешен претседател беше правна пресметка со 18-годишната ера на Ширак како  градоначалник на Париз.

Неговото „не“ за ирачката војна се совпадна со мислењето на народот

На планот на надворешната политика, Ширак беше поуспешен отколку во внатрешната политика. Но и тука неговиот претседателски мандат започна со спор. Соседните држави и многу сојузници протестираа поради неговата најава за нуклеарни тестови кај атолот Муруроа. Пред тоа не ги извести своите германски партнери, за што му се налути тогашниот германски канцелар Хелмут Кол. И наследникот на Кол на канцеларската функција, Герхард Шредер на почетокот беше претпазлив кон Ширак, но потоа заедно со него стана противник на воената интервенција во Ирак, така што започнаа потесно да соработуваат и му се спротиставија на претседателот на САД, Џорџ Буш помладиот. Ширак во 2003 година беше на врвот на популарноста. Неговиот реизбор беше последица на фактот дека противник му беше ултрадесничарот Жан-Мари Лепен.

Кога станува збор за борбата за зачувување на моќта, и во вториот претседателски мандат неговиот политички инстинкт го излажа во повеќе наврати. Иако францускиот устав не го обврзуваше на такво нешто,  тој организираше референдум за проектот на европскиот устав на кој приврзениците на тоа решение доживеаја убедлив пораз. Тогаш можеше да се повлече од функцијата, но не го стори тоа и во последните две години од мандатот ги мина без сила за некој нов почеток и со големи безредија во париските предградија.

FRANCE-POLITICS-CHIRAC
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Kovarik

На својот народ, Ширак по 12 години на претседателската функција, му остави планина од неспроведени општествени реформи, но и го отвори патот и за некои нови политички решенија. На пример, ја укина обврската за служење војска, создаде силна интервентна армија, воведе забрана за хиџаб во државните училишта и универзитети.

Големо признание му донесе корекцијата на официјалната историска слика на Франција- како прв претседател на француската држава, тој отворено проговори за вмешаноста на Франција во прогонот и убивањето на француските Евреи за време на нацистичката окупација. Тоа историско наследство го надживеа.