Желни за драмолетка
5 јули 2017Морам да признаам дека откако се смени власта, по малку станува здодевно. Нема некои поголеми политички скандали, а без некаква сериозна драма исчезнаа и голем дел од тензиите кои ни беа духовна храна: еве Бугарија немала проблем со нас, Грција некако смирено разговара за отворените прашања, без закани за трета светска војна. На домашна сцена, работите изгледаат исто релативно меланхолично: новиот министер за надворешни работи во една нормална (дури на работ на конструктивноста) дебата, даде пристоен и транспарентен отчет за неговата работа, без тој разговор да се претвори во натпревар во “политички тропљук” помеѓу различните партии. Притоа, дебатата околу различните ставови за поддршка на ЛГБТИ заедницата се одвиваат без говор на омраза, со луцидни аргументи, фокусирани на тезите, а не на личностите, па дури симпатично и интересно делуваат и “реформаторите” од ВМРО ДПМНЕ, кои на отворен и искрен начин застапуваат теза за промени во нивната партија, добиваат пристојно медиумско време. Дури и претходните провладини медиуми известуваат за политичката сцена со нагласено отсуство на уреднички тиради...со еден збор нирвана.
Здодевно во кафеана во последно време, порано ќе се соберевме во скриено место, некој слушнал еден скандал, друг начул некој трач, тивко се зборуваше за политика, целосна конспирација и иредента, а сега, секој зборува јавно и без инхибиција, сите теми се дозволени, нема посериозна драма... не знам како ќе се адаптираме на новата ситуација. Само СЈО од време на време ни приредува по некоја забава, но и таму без неопходните скандали, на никого не му го објавуваат името, па презумпција за невиност, па нема течење информации, па нема скандалозни приведувања...т'нка работа. Како докажана drama queen нација, ризикуваме недостатокот на произведени скандали да го пополниме со цинизам.
Она што го прави овој период поинтересен се поместувањата во надворешната политика, реформите на медиумите, и дебатата која се отвора внатре во ВМРО ДПМНЕ.
Грција не преговара со нас...
Што се однесува до надворешната политика, се гледа еден посериозен зафат на меѓународната заедница за поместување на овој регион назад во јатото на прозападните пост-транзициони демократии. Зголеменото влијание на Русија отвора загриженост за стабилноста и стратешката насока на овие земји, па оттаму и обновениот интерес на САД и ЕУ за реафирмација на евроатлантските интеграции. Сепак, оваа втора шанса за поместување на тој план треба да се земе со здрава доза сомнеж, и без претерана еуфорија. Грција, иако ги покажува сите знаци на рационалност (колку што е тоа возможно во овој амбиент), тешко дека ќе се откаже од својата основна позиција. Таа нема врска со компромисот за името, тоа не е во фокусот на нивната стратегија. Нивната стратегија е врзана за динамиката, а не за решението. Суштината е: прво компромис, па дури после членство. Тоа секако наоѓа поткрепа во ЕУ, која веќе јавно најави дека по политичките приеми на членки во последниот турнус, сега не сака да увезува проблеми. Таа стратешка брана, особено за НАТО, што претставува за Македонија поважна стратешка определба одошто таа за ЕУ, не верувам дека Грција ќе ја дигне без некаква цена од наша страна. Дали таа ќе има форма на нова времена спогодба, нови преговори, или некаков нон пејпер, не е важно, секако ние ќе мора да ги отцртаме линиите во кои ќе се движи овој спор, и тоа ќе мора да го направиме пред приемот во НАТО. Имплементацијата може да се надеваме дека ќе остане за подоцна. Но не верувам дека Грција ќе дозволи да станеме полноправна членка на НАТО, од каде и ние подоцна би можеле да „уценуваме”, без однапред да се обврземе на барем делумно прифаќање на нивните позиции. И тука ние не преговараме со Грција, тоа е општа заблуда. Грција преговара со САД и ЕУ, а ние чекаме да видиме што ќе се договорат. Дополнително, притисокот ќе биде дотолку поголем зашто иако сега се насетува автентичен интерес од страна на меѓународната заедница за поместување на тој план, таквиот интерес е транзиторен, минлив. Тој е поттикнат од заканите по безбедноста и стабилноста, и кога тие ќе ги снема, брзо ќе спласне. Со други зборови, ние сега имаме втора шанса, по онаа на самитот во Букурешт 2008. Ако и оваа ја пропуштиме, за третата ќе се изначекаме.
Каква регулација за медиумите?
Втората интересна тема е реформата во медиумите. Оваа дебата е релативно банализирана во последно време, и е обоена од горливите лекции за тоа колку е лесно да се злоупотреби медиумското влијание кои ни ги остави претходната власт. Таквите сознанија носат ризик сегашните реформи да не однесат во друга крајност, која исто така нема да биде од полза на јавниот дискурс. Во сегашната дебата недостасува посериозен разговор за видот на регулација (JIC, саморегулација, агенција, или пак комбиниран модел), а недостатокот од слобода кој сега би се поправал носи ризик во новите решенија да недостасува неопходната одговорност за јавно искажаниот збор, која е нужен баласт на слободата. Понатаму, темата за која сеуште не сум сигурен е последниот обид владините кампањи сосема да се забранат. Иако претходните кампањи беа злоупотребувани, тој период заврши, и не треба да се брза со решенија. Постојат многу легитимни причини зошто една влада би било неопходно да спроведе јавна и комерцијална кампања. Проблемот не е во постоењето на можноста владата да закупи медиумско време, проблемот е во тоа што претходната влада така купуваше уредувачка политика, и решението токму таму и треба да се адресира, без драконски контрамерки. Последната димензија која недостасува во оваа дебата е осврт кон дигиталната јавна сфера, која вклучува портали, социјални медиуми, блогови итн. Ние не можеме да зборуваме за средување на состојбите во јавниот медиумски дискурс, без сериозен пристап кон дигиталниот простор, кој полека на сигурно, зазема примарен сегмент како извор на јавни информации и ставови. Така што, во овој дел не треба да се брза со решенија, напротив, треба да следи посериозна и посеопфатна дебата, која мора да ги вклучи сите засегнати страни.
Новите „дечки“
Интересни се и новите дечки од ВМРО ДПМНЕ. Зошто? Најнапред, интересни се зашто се новост. Ние досега не сме виделе некој во таа партија да дебатира за проблеми, а да не е веднаш ставен во полициска “полуга” или предмет на сериозен јавен линч. И не, ова што досега го гледаме како напад кон реформаторите не е тоа. Кога ќе почне нападот кон нив, ќе знаеме, ова досега имам впечаток дека е само загревање. Понатаму, дечките се интересни зашто се автентични, реални. Тие претставуваат енергија која досега била потиснувана во ВМРО ДПМНЕ, и ќе останат релевантни најмногу зашто се симбол на дебата која досега недостасуваше, и секако ќе резонираат со поголем дал од јавноста. Со таа енергија ВМРО ДПМНЕ ќе мора да се соочи кога тогаш. Сепак, останувам на ставот дека суштински реформи внатре се возможни само со вклученост на сегашното раководство, зашто оваа дебата која се одвива безмалку целосно надвор од партијата, низ медиуми, носи ризик реформаторите да бидат протолкувани како предавници или клиентелисти. Но секако е добредојдено освежување на еден луциден, пристоен, и транспарентен начин да се слушне дебата за неопходните промени во таа партија.
На крајот, од толку пристојност во јавниов дискурс, сите за помирување, сите со најдобри намери, сите пријатели, просто да те фати или страв, или здодевност. Затоа, повторувам: монотонијата е најдобро да се разбие со една огромна геј парада (или по ново, ЛГБТИ забава) пред споменикот на Аце-бејби (Александар) на плоштад, која потоа треба да стане традиционална. Ем туристи, ем вистинска порака за толеранција, ем величање на Александар кое е сообразно со неговата сексуална историја. Малку да внесеме драма.