1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Женева: шармантна, интелектуална но и спортска

Арнулф Бетхер12 јуни 2008

Женева е втор по големина град во Швајцарија, часовничарска метропола, финансиски центар, седиште на институции на ОН и на Меѓународниот Црвен крст. Таа е и домаќин на три средби од А-групата од ЕП во фудбал.

https://p.dw.com/p/EEl6
Фудбалски навивачФотографија: AP

Женева се наоѓа на југозападот на Швајцарија, има 186 илјади жители и ја бие глас дека е шармантна, интелектуална и отворена кон светот.

Бит Драер, маркетинг-директор, укажува на уште една посебност на градот: „Ние сме единствениот егзотичен град-домаќин на еврофудбалот оти не сме од германофони. Овде се зборува француски. Но, од друга страна, Женева е најинтернационален швајцарски град. Во кантонот имаме преку 400 илјади жители од преку 160 нации.“

Швајцарско гостопримство со француски шарм

По што е уште Женева посебна: „Со швајцарското гостопримство со француски шарм, токму по тоа се разликуваме од другите швајцарски и австриски градови. Како Германец, овде во Женева секако се чувствуваш по малку како во странство“.

Карактеристичен знак на градот е водоскокот кај сливот на Рона во Женевското езеро, кој достигнува до 140 метри височина. Езерото нуди можности за пливање, едрење и скијање на вода. Туристичкиот водич Селин Дрелон ги препорачува и „галебите“, мали бротчиња, кои како такси возат од едниот до другиот брег на езерото. „Тие се речиси бесплатни. Имено, со автобуска карта можете да се возите и на тие жолти бротчиња, каде и да возат. Ако сте сместени во хотел или кампинг-плац, тие се сосем бесплатни, оти таму добивата карта за нив“.

Неодолива панорама

Blick auf Genf und den Genfer See, Schweiz
ЖеневаФотографија: picture alliance/dpa

Луксузните хотели и ресторанти се наоѓаат главно на десниот брег на езерото, откаде посетителот има поглед врз неспоредлива панорама со планини. Ресторантите, споредени со бројот на жители, имаат најголем број на ѕвезди за класификација. На левиот брег се трговскиот и деловен кварт, а на едно ритче и старото градско јадро.

Околината на Женева е и лозарски регион „Може да се оди и во лозјата. На само 20 минути од центарот на градот гостинот може да доживее дегустација на вина“ - вели Бит Драер.

Навивачкото шеталиште e во центарот на градот:„Има два големи екрана, наоколу на обете страни ќе има анимација, концерти, како и штандови со храна, пијалоци и уметнички занаети“.

Туристичкиот водич Селин Дрелон има и еден адут - соседното место Каруж со многу фонтани, плоштадчиња и медитеранска атмосфера. „Тоа е сосем специфично гратче. Има толку многу улички и мали ресторанти. А, и стадионот се наоѓа во таа општина.“

Женевскиот стадион е место за фудбал и концерти

Мултифункционалниот „Стад д’ Женев“ има капацитет од 30 илјади седишта. Во употреба е од 2003-та година. Таму се подготвуваше германската фудбалска репрезентација пред светското првенство во 2006-та.

Fußballstadion Stade de Geneve in Genf
Стад д’ ЖеневФотографија: AP

Тој е дом на Сервет, тим со традиција, сега второлигаш, чија судбина ја натажи и Селин Дрелон: „Сервет - сите го спомнуваме со солза во окото, оти доживеаја банкрот. Сега е во подем, но ќе потрае додека да се врати на старите позиции“.

На овој стадион се играат средби на селекциите на Португалија, Чешка и Турција. Инаку, тука се одржуваат и концерти и други манифестации, а во комплексот има и трговски центар, хотел, гастрономија, канцеларии, конференциски простории, како и културен центар.